Достапни линкови

Вести

Клаудија Шејнбаум победи на претседателските избори во Мексико

Клаудија Шејнбаум
Клаудија Шејнбаум

Клаудија Шејнбаум извојуваше убедлива победа и стана првата жена претседател на Мексико, наследувајќи го проектот на нејзиниот ментор и лидер во заминување Андрес Мануел Лопез Обрадор, чија популарност меѓу сиромашните и помогна да триумфира.

Шејнбаум, научничка за клима и поранешна градоначалничка на Мексико Сити, победи на претседателските избори со меѓу 58,3 и 60,7 отсто од гласовите. Тоа треба да биде највисокиот процент на гласови во демократската историја на Мексико.

Владејачката коалиција исто така беше на пат за можно двотретинско супермнозинство во двата дома на Конгресот, што ќе и овозможи на коалицијата да донесе уставни реформи без поддршка од опозицијата.

Кандидатот на опозицијата Ксочитл Галвез освои меѓу 26,6 и 28,6 отсто од гласовите, покажаа прелиминарните резултати. Изборите, на кои се соочија Шејнбаум и Галвез, беа опишани како промена на играта за жените во Мексико.

„За прв пат во 200-те години на републиката, ќе станам првата жена претседател на Мексико“, им рече Шејнбаум на своите поддржувачи.

Победата за Клаудија Шејнбаум е голем чекор за Мексико, земја позната по својата мачо култура и дом на второто по големина римокатоличко население во светот, кое со години промовира повеќе традиционални вредности и улоги за жените.

Шејнбаум е првата жена што победила на општите избори во Соединетите Држави, Мексико или Канада.

„Никогаш не замислував дека еден ден ќе гласам за жена“, рекла 87-годишната Еделмира Монтиел во најмалата мексиканска држава Тласкала, пишува Ројтерс.

„Претходно не можевме ниту да гласаме, а кога можевте, требаше да гласате за личноста за која сопругот ви рекол да гласате. Фала му на Бога, тоа се промени и можам да живеам со тоа“, додал Монтиел.

Клаудија Шејнбаум ја чека комплициран пат. Таа мора да ги балансира ветувањата за зголемување на популарните социјални политики, а истовремено и да наследи огромен буџетски дефицит и низок економски раст. Таа вети дека ќе ја подобри безбедноста, а изборите, кои беа најнасилните во модерната историја на Мексико со 38 убиени кандидати, ги зголемија огромните безбедносни проблеми.

види ги сите денешни вести

Сојузниците на НАТО ќе треба да инвестираат речиси три проценти од БДП во одбраната

Знаме на НАТО
Знаме на НАТО

Сојузниците на НАТО ќе мора да потрошат речиси три отсто од бруто домашниот производ (БДП) на своите воени сили за да ги спроведат новите одбранбени планови на алијансата, изјави во понеделникот висок воен претставник на НАТО, пренесе Ројтерс.

Така, трошоците би ги надминале досегашните два отсто инвестиција во армиите на земјите-членки, што беше поставена како актуелна цел на Алијансата.

Вкупниот процент потребен за да се направат новите планови остварливи е многу поблиску до три отсто од БДП отколку два отсто, изјави во Брисел претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер.

„Очекувам дека под новата администрација на Доналд Трамп во САД ќе има многу поинтензивна дискусија за тоа колку повеќе Европа и Канада треба да инвестираат, а тоа е здрава и валидна дискусија што треба да се води“, рече Бауер.

Во неговиот претходен претседателски мандат, Доналд Трамп ја предупреди Алијансата за ниските одбранбени трошоци на нејзините земји-членки, кои потоа потрошија помалку од два отсто од БДП на своите армии.

НАТО постојано повторува дека годинава членките на Алијансата треба да ги зголемат инвестициите во нивните одбранбени капацитети.

Поранешниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, во септември изјави дека 32-те членки на Алијансата мора „да бидат подготвени да ја платат цената на мирот“ во справувањето со Русија.

Прва седница на новиот грузиски состав, опозицијата бојкотира

Протест пред парламентот во Грузија, 25 ноември 2024 година
Протест пред парламентот во Грузија, 25 ноември 2024 година

Новиот грузиски парламент ја одржа својата прва седница на 25 ноември, во услови на протести поради изборите за кои опозицијата тврди дека биле наместени и откако проевропската претседателка Саломе Зурабишвили побара поништување на резултатите.

Политичките превирања ја потресоа црноморската нација по гласањето на 26 октомври, на кое победи владејачката партија Грузиски сон.

Прозападните опозициски партии ги оспорија резултатите и одбиваат да влезат во новиот парламент, кој го сметаат за „нелегитимен“.

Зурабишвили во расправија со владејачката партија поднесе тужба до Уставниот суд барајќи да го поништи резултатот. Таа одби да издаде претседателски декрет за свикување на парламентот и ја обвини Русија за мешање во гласањето, што Москва го негираше.

Грузиски сон, кој обезбеди 89 места во 150-члениот совет, вели дека гласањето било слободно и фер.

Пратениците од владејачката партија се собраа напладне на инаугуративна седница која беше бојкотирана од опозицијата.

Зурабишвили ја прогласи пленарната седница за „неуставна“, велејќи дека „масовната изборна измама го поткопала нејзиниот легитимитет“.

„Одбив да ја свикам првата седница, а Уставот никого не признава за замена“, напиша таа на Фејсбук.

Водечкиот експерт по уставно право, Вакушти Менабде, рече дека „новиот парламент не може да се состане додека Уставниот суд не ја донесе својата одлука за тужбата на Саломе Зурабишвили“.

Силни полициски сили се присутни на улиците на Тбилиси, главниот град на Грузија. И покрај тоа, вечерта на 24 ноември демонстрантите почнаа да се собираат пред зградата на парламентот откако опозицијата повика на протести.

Стотици демонстранти поставија кампови, блокирајќи го сообраќајот долж главната сообраќајница во Тбилиси.

Опозицијата вели дека владата на партијата Грузиски сон ја врти надворешната политика кон Русија и ја поткопува нејзината долгогодишна амбиција за влез во Европската Унија. Од партијата ги отфрлаат овие обвинувања.

Од гласањето, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Тбилиси во знак на протест поради наводната изборна измама. Европската унија и САД повикаа на истрага за „нерегуларности“ за време на гласањето.

Хамнеи: Налозите за апсење на израелските лидери „не се доволни“

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи рече дека налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни злосторства против човештвото за време на конфликтот во Газа „не се доволни“.

На собирот на волонтерскиот корпус Басиџ на 25 ноември, Хамнеи истакна дека двајцата израелски лидери треба да се соочат со смртна казна.

Налогот го издаде обвинителот на МКС, Карим Кан, а судиите рекоа дека има „разумни основи“ да се верува дека Нетанјаху и Галант „намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од предмети неопходни за нивниот опстанок“ како дел од „широк и систематски напад против цивилното население на Газа“.

Израел ги нарече налозите „апсурдни“.

Актуелната војна во Појасот Газа беше предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас која е поддржана од Иран, а означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ.

Околу 1200 луѓе загинаа во нападот, а уште 240 беа земени како заложници назад во Газа.

Неколку ранети и оштетена инфраструктура во руски напад на Харкив

Харкив, 25.11.2024 по рускиот напад
Харкив, 25.11.2024 по рускиот напад

Русија го гранатираше центарот на Харкив рано на 25 ноември, при што беа повредени најмалку 15 луѓе, објави на Телеграм Ихор Терехов, градоначалник на вториот по големина град во Украина.

Харкив постојано е цел на руски напади во последниве недели, претрпувајќи жртви и но и оштетувања на неговата енергетска инфраструктура.

Руските сили, исто така, ја нападнаа енергетската инфраструктура во јужниот регион Миколајев во Украина во текот на ноќта, соопштија украинските власти на 25 ноември, а пренесе регионалниот гувернер Виталиј Ким на каналот Телеграм.

Нема информации за жртви.

Русија, исто така, нападна уште еден јужен регион, Запорожје. Нападот е извршен со „десетици беспилотни летала“, пренесе регионалниот гувернер Иван Федоров, додавајќи дека едно дете е рането во нападот.

Во декември состанок на главните преговарачи на Белград и Приштина

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека, во рамки на дијалогот во Брисел, следната средба на ниво на главните преговарачи на двете страни ќе се одржи во декември годинава.

Лајчак ова го објави на Фејсбук, и потсети на како што рече „продуктивните и проникливи“ претходни две недели, во кои ги посети Женева, Тирана и Париз.

„Со моите соговорници во Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Кеј д’Орсеј и на други места, имав важни дискусии за дијалогот и за патот напред. Овие разговори се клучни за обликување на работата што ја врши мојот тим додека се подготвуваме за претстојниот состанок на главните преговарачи во декември. Со нетрпение го очекувам следниот период“, напиша Лајчак.

На 24 октомври во Брисел се одржа последната средба на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина, на која имаше и трипартитна средба меѓу Лајчак и главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими.

Лајчак потоа по средбата рече дека се разговарало за имплементацијата на Охридскиот договор, кој, како што наведе, суштински допрва треба да започне.

Состанок на европските министри за одбрана во Берлин

Берлин, Германија
Берлин, Германија

Министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Велика Британија ќе се сретнат денеска (25 ноември) во Берлин за да разговараат за мерките за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа.

Руското таргетирање на Украина со нова ракета со среден дострел, за која се смета дека има импликации за цела Европа, најверојатно ќе одигра голема улога за време на дискусиите, јави ДПА.

По неодамнешното одобрение од Вашингтон, Украина почна да ги користи ракетите ATACMS од САД и британските крстосувачки ракети „Сенка на бурата“ (Storm Shadow) за гаѓање воени локации во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин потоа нареди ракетен напад врз украинскиот град Днепар кој има над милион жители, со нова ракета со среден дострел во четвртокот наутро.

Приватните автобуси повторно на скопските улици, но не со полн капацитет

илустрација
илустрација

Во јавниот градски превоз од денеска (25 ноември) се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.

Автобусите на ЈСП - Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.

Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.

„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник односно ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје - Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“, изјави Јовица Зафировски во саботата.

Приватните превозници, според него, имаат 200 автобуси и можат да го покријат недостатокот на автобуси од ЈСП доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.

Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази. Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на приорден гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта.

Вонредна седница одржа Владата на која беше донесена одлука да се интервенира со нафта од државните резерви со што автобусите имаат нафта за седум дена. Вонредна седница истиот ден одржа и Советот на Град Скопје на која беше поздравена одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и воедно, побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за набавка на нови електрични автобуси.

Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, се трудиме да живееме во мир

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој синоќа (24 ноември) гостуваше на британскиот јавен сервис Би-Би-Си изјави дека цел на државата е да стане полноправна членка на Европската Унија и дека никогаш не го признале Косово.

„Нашата цел е Србија да стане полноправна членка на ЕУ, но да ги има нашите традиционални пријатели и партнери на исток... На патот кон Европа не можете да постигнете ништо без мир и стабилност“, рече Вуќчиќ.

Во врска со Косово, Вучиќ изјави:

„Никогаш не сме го признале Косово. Никогаш не било кажано, никогаш не било напишано. Се трудиме да живееме во мир“.

На прашањето за резолуцијата за Сребреница, Вучиќ потсети дека бил нападнат за време на неговата посета на тој град и дека 109 земји од светот во Генералното собрание на ОН го делат мислењето на Србија за тоа дали станува збор за геноцид.

„Секогаш бев подготвен да признаам дека масакрот во Сребреница беше страшен... Секогаш сум подготвен да им оддадам почит на жртвите, но не сум подготвен да зборувам на тој начин и да поставувам нови политички прашања и нови политички проблеми “, изјави Вучиќ во интервјуто за Би-Би-Си.

На прашањето за „големосрпската идеологија“, Вучиќ рече дека тоа е „измислена приказна од луѓе кои сакаат да и нанесат штета на Србија“.

Прекин на наставата во училиштата и универзитетите во Бејрут

Последици од израелски напад на Бејрут, Либан
Последици од израелски напад на Бејрут, Либан

Либанските власти објавија дека наставата во Бејрут и околината ќе биде прекината до крајот на декември, наведувајќи ја безбедносната ситуација по серијата смртоносни израелски напади врз главниот град во изминатите неколку денови.

Министерот за образование Абас Халаби рече дека „наставата со физичко присуство“ ќе биде прекината во приватните училишта, техничките институти и високообразовните институции во и околу Бејрут.

Таквата мерка, преземена поради актуелната состојба и за гарантирање на безбедноста на учениците, ќе важи од денеска до крајот на декември.

Од октомври 2023 година, во конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан загинаа 3558 луѓе, според податоците на либанското Министерство за здравство. Во вторникот, на 20 ноември, загинаа 14 лица.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Повеќе од 100 луѓе се убиени во нападите на Хезболах врз северен Израел и Голанската висорамнина. Тоа вклучува повеќе од 70 војници кои ги загубија животите во овие напади и во борбите во јужен Либан, според Израел.

Германските социјалдемократи ќе го номинираат Шолц за кандидат за канцелар

Олаф Шолц
Олаф Шолц

Околу три месеци пред предвремените избори во Германија, социјалдемократите официјално ќе го номинираат Олаф Шолц за свој кандидат за канцелар и покрај неговиот исклучително низок рејтинг, јави ДПА.

Неговата формална номинација доаѓа откако партијата беше поделена со двонеделна жестока дебата за тоа дали далеку попопуларниот министер за одбрана Борис Писториус треба да биде номиниран за кандидат на местото на Шолц, за кој многумина во левичарската партија веруваат дека треба да се откаже.

Во четвртокот, сепак, Писториус отворено потврди дека не сака да биде номиниран за канцелар, со што го отвори патот за номинација на Шолц.

Министерот за одбрана е еден од триесет и тројцата членови на извршниот совет на партијата со право на глас, кои денеска ќе одлучуваат за канцеларската кандидатура.

Шолц е третиот кандидат за канцелар што ќе го предложи една од партиите за претстојните избори на 23 февруари, откако веќе се објавени кандидатурите на лидерот на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц и на вицеканцеларот Роберт Хабек од Зелените.

Извршниот одбор на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија се очекува да ја номинира лидерката на партијата Алиса Вајдел за свој кандидат за канцелар на 7 декември. Тоа значи дека за прв пат ќе има четворица кандидати за канцелар на сојузни избори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG