Достапни линкови

Вести

Највисока излезност на изборите во Франција во последните 43 години

Гласачите стојат во ред пред да го дадат својот глас во вториот круг од парламентарните избори во Франција на избирачко место во Лион на 7 јули 2024 година.
Гласачите стојат во ред пред да го дадат својот глас во вториот круг од парламентарните избори во Франција на избирачко место во Лион на 7 јули 2024 година.

Одѕивот на гласачите во вториот круг од француските парламентарни избори денеска до пладне беше највисок од 1981 година и поголем отколку во вториот круг од последните парламентарни избори одржани во 2022 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Излезноста беше 26,3 отсто, што е значително зголемување во однос на 18,99 отсто пред две години.

Гласачките места низ Франција беа отворени на 7 јули за вториот круг од парламентарните избори, при што се очекува победа на Националниот собир (РН) на лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен.

Иако антиимиграциската, евроскептичната партија можеби нема да освои целосно мнозинство, поделбите во парламентот би можеле да ја донесат Франција во политичка неизвесност и да ја ослабат нејзината меѓународна позиција, пишува француската новинска агенција Франс прес.

Гласањето започна во 8 часот и треба да продолжи до 18 часот или до 20 часот во поголемите градови, кога ќе бидат објавени првите проценки на резултатите.

Главното прашање е дали партијата Национален собир на Марин Ле Пен и нејзините сојузници ќе постигнат апсолутно мнозинство од 289 места во 577-членото Национално собрание, Долниот дом на земјата, пишува германската новинска агенција ДПА.

Последните анкети предвидуваат дека Националното собрание и неговите сојузници ќе обезбедат 175 до 215 места, што е многу помалку од апсолутно мнозинство.

Новинската агенција Ројтерс пишува дека изборите ќе го реконфигурираат политичкиот пејзаж и исто така дека анкетите предвидуваат екстремно десничарскиот Национален собир (РН) да освои најмногу гласови, но веројатно нема да го има потребното мнозинство.

Таквиот исход може да ја фрли земјата во хаотичен однос во парламентот пред Олимпијадата во Париз, сериозно поткопувајќи го авторитетот на претседателот Емануел Макрон.

Во првиот круг минатиот викенд, Националниот собир беше најсилната партија, пред новиот левичарски сојуз и центристичкиот табор на претседателот Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на предвремени парламентарни избори по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни.

види ги сите денешни вести

Германското министерство предупредува на руската кампања за дезинформации пред изборите

Рускиот претседател Владимир Путин на монитор во берзата во Франкфурт, Германија, 25 февруари 2022 година.
Рускиот претседател Владимир Путин на монитор во берзата во Франкфурт, Германија, 25 февруари 2022 година.

Германското Министерство за внатрешни работи предупреди на руска операција за дезинформирање чија цел е да се влијае на изборната кампања во земјата со лажни видеа кои се шират на социјалните мрежи во Хамбург и Лајпциг.

Министерството денеска (21 февруари), соопшти дека има индиции дека кампањата е поврзана со таканаречената „Бура-1516“, операција на проруско влијание, претходно забележана на претседателските избори во САД во 2024 година, а која беше истражена од американските власти.

Безбедносните агенции во Лајпциг и Хамбург идентификуваа повеќе псевдо-медиумски страници и профили на социјалните медиуми како дел од мрежата, истакнувајќи ја загриженоста за руското мешање во демократските процеси.

Руската амбасада во Берлин не одговори на барањето за коментар.

Снимка која кружеше во источниот град Лајпциг остави впечаток дека кандидат на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија недостасува на изборниот список и дека таму не може да се даде втор глас за таа партијата, се наведува на официјалната веб-страница на градот.

Мрежата „Бура-1516“ шири погрешна или лажна содржина преку социјалните медиуми и сопствените веб-страници, користејќи сензационалистички извештаи за да го зголеми својот досег, соопшти Министерството.

Најпрво создава неавтентични сметки на социјалните мрежи и псевдо-медиумски сајтови како „спијачи“, првично пополнувајќи ги со неутрална и проруска содржина пред да ги активира за дезинформации.

„Градот моментално испитува какви правни чекори треба да се преземат како резултат на овие видеа“, се вели во соопштението на градските власти на Лајпциг.

Вчера (21 февруари), истражувачите кои работат со германската фондација „Роберт Бош“ рекоа дека мрежа од повеќе од 700 лажни сметки на социјалните мрежи се појавила во последната недела од германската изборна кампања, промовирајќи проруски наративи и демонизирајќи го конзервативниот фаворит, Фридрих Мерц.

Филипче без противкандидат на изборите за претседател на СДСМ

Опозицискиот лидер, Венко Филипче
Опозицискиот лидер, Венко Филипче

Актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, е единствен кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори кои ќе се одржат на 16 март 2025 година, утврдила Централната изборна комисија.

Комисијата одржала седница за разгледување на поднесените кандидатури за претседател на СДСМ и утврдување на листа кандидати за редовните внатрепартиски избори.

„Врз основа на Статутот на СДСМ како и врз основа на Член 9 од Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор, Централната изборна комисија утврди единствена листа на потврдени кандидати за претседател на СДСМ: 1. Венко Филипче“, соопштија денеска (21 февруари) од СДСМ.

СДСМ, велат оттаму, е единствената партија во земјата во која што членството бира претседател на директни внатрепартиски избори што, како што нагласуваат, говори за демократскиот капацитет и на партијата и на членовите.

Давкова: Химната не треба да се менува

Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова, архивска фотографија
Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова, архивска фотографија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека химната на државата не треба да се менува и се плаши „да не влеземе во нови страсни конфликти“ со промена на државните симболи.

Ова го изјави за време на нејзината денешна (21 февруари) посета на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Оваа изјава доаѓа по минатонеделната потврда на премиерот Христијан Мицкоски дека со коалицискиот партнер ВРЕДИ разговараат за промена на државниот грб, како и по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека може да се разговара и за промена на химната.

„Апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза. И ние немаме право, замислете јас не сум чула да менуваат луѓе дури и, ако се сеќавате, во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 на ЕУ, беше предвидена химна. Не дојде до тоа. Значи целата историја сите народи низ историјата креирале песни или химни коишто се најважниот државен симбол впрочем и затоа незнам колку знаете, текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот“, рече претседателката.

Таа посочи и дека знамето и грбот во некои држави се опишани во Уставот.

„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна заднина. Но, мојата дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба ние да се адаптираме на драматичните промени“, рече претседателката.

Претседателката додаде дека се плаши да не влеземе во нови страсни конфликти, а „симболите би требало да обединуваат, не да разединуваат“.

Претседателот на МАНУ, академикот Живко Попов, смета дека во овој момент менувањето на државните симболи не треба да биде најактуелно прашање, бидејќи земјата се соочува со многу други круцијални прашања.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 12 февруари рече дека партиите од владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, го отвориле прашањето за промена на државниот грб.

Но, една недела подоцна вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми. Тој во интервју за емисијата „Дијалог во Лајм“ изјави дека ако се отвори темата за промена на грбот како остаток од комунистичкото минато, тогаш треба да се разгледа и промена на химната, велејќи дека „може да биде химна само со музика, без текст, или текстот може да биде изменет“.

Кремљ негира дека побарал НАТО да ги повлече трупите од источното крило

Русија е незадоволна од американскиот систем за противракетна одбрана во Романија „Aegis Ashore“ и го смета, заедно со распоредените единици на НАТО, за потенцијална закана. Фотографија од 12 мај 2016 година.
Русија е незадоволна од американскиот систем за противракетна одбрана во Романија „Aegis Ashore“ и го смета, заедно со распоредените единици на НАТО, за потенцијална закана. Фотографија од 12 мај 2016 година.

Кремљ денеска (21 февруари) ги негираше наводите дека руски официјални лица побарале од Соединетите држави да побараат повлекување на трупите на НАТО од земјите во близина или на руската граница.

„Не, тоа не е точно, тоа не одговара на реалноста. Нашиот став е дека сме заинтересирани за подобрување на воената инфраструктура кон нашите граници“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Неговата изјава уследи по наводите на советникот на романскиот претседател, кој се чини дека изјавил оти руските власти го поднеле барањето за време на разговорите во Ријад меѓу делегациите од Москва и Вашингтон, објави редакцијата на РСЕ на англиски јазик.

Романскиот функционер Кристијан Дијаконеску, говорејќи на романската телевизија, подоцна ја повлече својата изјава, објаснувајќи дека Москва тоа го побарала порано - во 2021 година, пред почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Со години Русија изразува незадоволство од присуството на трупите на НАТО во земји како што се трите балтички држави и Полска. Таа гласно се пожали и на поставувањето на ракетната одбрана на НАТО во Полска и Романија. А проширувањето на НАТО кон исток - прво во 1997 година, а потоа во два круга во 2000-тите - многу „руски јастреби“ го гледаат како суштински непријателски чин и делумно изговор за инвазија на Украина.

Откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше радикално нов пристап кон европските односи - тој повеќе пати се пожали дека членките на НАТО не трошат доволно пари за алијансата - во Европа се засилува алармот дека Белата куќа на Трамп може да ги прифати руските барања.

Претходно овој месец, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ја вознемири 32-члената алијанса кога го отфрли членството на Украина во НАТО, како и можноста американските трупи да се приклучат на потенцијалните мировни напори во Украина. Тој исто така рече дека НАТО нема да и помогне на ниту една европска земја вклучена во случај на напад од Русија.

Говорејќи во интервју за Антена 3 на Си-Ен-Ен на 19 февруари, два дена по состанокот на делегациите на САД и Русија во Ријад, Дијаконеску се чини дека сугерираше оти Москва повторно бара повлекување на НАТО.

„Нивните (руски) очекувања се дека, во одреден момент, САД ќе ги принудат европските партнери во НАТО да ги повлечат безбедносните гаранции на НАТО на трасата од 1997 година“, рече тој.

Во следните коментари за други романски телевизиски станици, Дијаконеску ја повлече изјавата, велејќи дека мислел на претходните барања на Москва. Американците и Европејците „ниту тогаш, ниту сега“ ги прифаќаат руските барања, рече тој.

Полскиот претседател, чија земја беше една од најгласните во поддршката на Украина и го поддржа распоредувањето на трупите на НАТО долж источното крило на алијансата, оваа недела рече дека добил гаранции од САД дека нема да има намалување на американските војници.

НАТО ги зајакна своите источни сили по руската инвазија на Украина, настојувајќи да ги смири своите членки, особено оние кои беа под советска контрола за време на Студената војна.

Ќе се менуваат пет закони за да профункционира „Безбеден град“

Jавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“, 21 февруари 2025
Jавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“, 21 февруари 2025

Потребна е промена во пет закони за да профункционира системот „Безбеден град“. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната (21 февруари) јавна трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.

„Во наредните месец дена ќе работиме интензивно на целокупната легислатива којашто е потребно да се промени, и се надевам дека до крајот на месец март ќе имаме првична верзија на сите закони коишто треба да влезат во процедура се со цел во април да влезат во владина процедура, а се надевам до крајот на месец април да влезат и во собраниска процедура“, изјави Тошковски.

Тој посочи дека треба да се изменат Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции.

Имплементацијата на системот официјално треба да стартува од 1 јануари 2026 година.

„Неколку месеци, граѓаните преку пораки ќе бидат известувани кога ќе сторат одреден прекршок, а притоа истиот ќе биде констатиран. Ќе се уверат дека системот функцонира. А од 1.1.2026 ќе ги овозможиме потребните законски предуслови тоа да биде онака како што треба да биде“, уверува министерот.

Дел од системот „Безбеден град“ ќе бидат и возила опремени со паметни камери кои при движење на конкретни сообраќајници и улици ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила.

Јавни дебати за безбедноста во сообраќајот како и масовни протести на граѓаните уследија по сообраќајната несреќа во која загина 22-годишната студентка Фросина Кулакова, на 29 јануари.

ДКСК: Патувањето на сопругата на Гаши во САД не е противзаконско

Африм Гаши, претседател на Собранието
Африм Гаши, претседател на Собранието

Запрена е постапката по пријавата за незаконска исплата на трошоци за патување во странство на сопругата на претседателот на Собранието, Африм Гаши. По овој предмет постапуваше Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Антикорупционерот Сервет Демири на денешната (21 февруари) седница, рече дека не се потврдени и утврдени повреди на одредби од законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Пријавата која ДКСК ја разгледуваше се однесува на покривање на трошоци за патување реализирано во период од 8 јули до 11 јули 2024 година на парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон (САД).

Демири побара да се достави препорака за доуредување на упатството на собранието кое ги регулира службените патувања со одредби по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Комисијата утврди дека актуелното Упатство за реализирање на службени патувања во странство, содржи правна празнина и недореченост.

“Утврдено е дека сопругата на претседателот патувала во странство, како дел од делегацијата, врз основа на решение донесено од секретарот на собранието. Анализата покажа дека трошоците се покриени од буџетот на собранието и дека постоела програма за брачните партнери и дека тоа е вообичаено при вакви настани“, рече Демири.

Според него, за носителите на оваа функција треба да се применуваат истите стандарди како и за премиерот како носители на највисока функција на извршната власт кои се содржани во Кодексот за етичко однесување.

Во него предвидено е, и дозволено со државни средства да бидат покриени трошоците за брачниот другар или другарка кога патуваат како дел од официјална делегација.

ДКСК утврди дека нема основ за натамошно постапување во случајот.

Полска осуди Украинец за планирање саботажа во име на Русија

Архивска фотографија од судско рочиште во Полска
Архивска фотографија од судско рочиште во Полска

Полскиот суд денеска (21 февруари), изрече казна од осум години затвор зa Украинец осуден за планирање саботажа и палење во име на Русија, јави агенција АП.

Судот во југозападниот град Вроцлав го прогласи 51-годишниот маж, идентификуван само како Серхиј С, за виновен бидејќи припаѓал на криминален синџир и подготвувал палење на различни објекти во градот.

Службениците на полската државна безбедност го уапсија во јануари 2024 година и тој остана во притвор. Полската агенција за внатрешна безбедност соопшти дека тој дејствувал во име на Русија. Властите соопштија дека се подготвувал да запали фабрика за бои во сопственост на САД и други објекти.

Осудениот ги негираше обвиненијата, но призна дека прифаќал онлајн наредби од непознато лице да подметне пожар во замена за пари.

Во случајот се обвинети уште четири лица, а десетици други од полска, украинска и белоруска националност се уапсени во врска со други акти на саботажа или шпионажа.

Полската влада вели дека земјата е цел на Русија како дел од хибридната војна на Москва против западните земји кои го поддржуваат полскиот сосед Украина во нејзината војна против руската инвазија.

Одобрени првите кредити на компаниите од унгарскиот заем

илустрација
илустрација

Дел од кредитите се веќе одобрени, а поднесени се и барања до Развојната банка за префрлање на средствата, рече денеска (21 февруари) министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со унгарскиот заем.

По средбата со претставниците од Сојузот на стопански комори (ССК), таа повтори дека компаниите кои ќе инвестираат во опрема и производство имаат предност кај банките.

Според ССК, унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка за фирмите.

На средбата во ССК, како што изјавија министерката и претседателот на Сојузот Трајан Ангелоски, било договорено бизнисот да подготви листа со царински стапки за нивно хармонизирање со европските.

„Побаравме даночните процедури да се поедностават, а за царинските стапки кои мора да ги хармонизираме, наидовме на големо разбирање“, истакна Ангелоски на заедничката прес-конференција.

ССК пред министерката го повторил ставот дека данокот за солидарност беше неоправдано воведен и како што рече Ангелоски, укажал дека треба да се вратат средствата од оние што се земени, со одреден надомест.

Димитриеска-Кочоска е категорична дека Владата не планира промени на даночните стапки за да нема пореметувања во приватниот сектор, истакнувајќи дека бизнисот треба да биде слободен и да инвестира, како и да има поволно деловно опкружување.

За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка.

Кредитите за компаниите се дел од 500 милиони евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми. Двесте и педесет милиони евра за компаниите ќе одат преку Македонската инвестициска банка и ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.

Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули 2024 година.

Тошковски: Јасен е ставот на Владата за разрешување на Коцевски

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Новиот државен јавен обвинител треба да биде обвинител што ќе даде поголем придонес во рамки на легитимитетот за борба против организиран криминал и висока корупција, кај граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Прашан која е најголемата критика во работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за кого Владата бара разрешување, Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по јавната дебата за Безбеден град, рече дека „јасен е ставот на Владата во однос на тоа прашање“.

Владата на 11 февруари донесе одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски, а на седница на 18 февруари го разгледа мислењето од Министерство за правда и го задолжи ресорното Министерство да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител пред истекот на неговиот мандат, кој потоа, како што истакна портпаролката на Владата Марија Митева, ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители.

„Постапувајќи по заклучокот кој беше донесен на претходната Владина седница со која го задолживме Министерството за правда да преземе активностите во однос на поведување на постапка за разрешување на Јавниот обвинител, Министерство за правда достави мислење во кое се нотирани следниве состојби: како прво нарушениот углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, затоа што чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1. Понатаму, целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите“, рече Митева.

Таа нагласи дека ваквите состојби се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности и оти за нив значителен бил придонесот на јавниот обвинител.

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред седницата на Советот на ЈО на 18 февруари, изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители.

Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.

Коцевски во Собранието беше избран за нов државен јавен обвинител во февруари минатата година. Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години.

Во осминафинале на Лигата на шампиони, ПСЖ - Ливерпул, Реал Мадрид - Атлетико Мадрид

Фотографија од извлекувањето на паровите за осминафиналето на Лигата на шапионите во фудбал, Швајцарија, 21.02.2025
Фотографија од извлекувањето на паровите за осминафиналето на Лигата на шапионите во фудбал, Швајцарија, 21.02.2025

Во Нион, Швајцарија, денеска (21.02) беа извлечени паровите за осминафиналето на Лигата на шапионите во фудбал, но и за до крајот на годинешното натпреварување.

Во осминафинелето ќе играат:

ПСЖ - ЛИВЕРПУЛ
РЕАЛ МАДРИД - АТЛЕТИКО МАДРИД
ФЕЕНОРД - ИНТЕР
БОРУСИЈА ДОРТМУНД - ЛИЛ
КЛУБ БРИЖ - АСТОН ВИЛА
ПСВ АЈНДХОВЕН - АРСЕНАЛ
БАЕРН МИНХЕН - БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН
БЕНФИКА - БАРСЕЛОНА

Осминафиналните дуели се на 4-ти и 5-ти март со реванши на 11-ти и 12-ти март.

Понатаму, распоредот за четвртфинале, полуфинале и финале е следниот:

ПСЖ/ЛИВЕРПУЛ - КЛУБ БРИЖ/АСТОН ВИЛА
РЕАЛ МАДРИД/АТЛЕТИКО МАДРИД - ПСВ/АРСЕНАЛ


БЕНФИКА/БАРСЕЛОНА - БОРУСИЈА ДОРТМУНД/ЛИЛ
БАЕРН МИНХЕН/БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН - ФЕЕНОРД/ИНТЕР

Финалето ќе се игра на „Алијанц Арена“ во Минхен, на 31-ви мај.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG