Во основното училиште „Славко Лумбарковски “ во битолското село Бач, општина Новаци, во ’60-те и ’70-те, имало 700 ученици, од Бач и од околните села. Денес, во училиштето има едвај 20 ученици, а тројца од нив се од селото. Неодамна се родило бебе. Прво по пауза од осум години без новороденче во Бач.
Овде миграцијата е одамна завршена работа. Децата што останале нема ни каде да одат. Нивните родители се занимаваат со земјоделие или работат во рударско-енергетскиот комбинат во близина, сведочи младиот Васко Гичевски.
„Јас сум наставник во ова село, тука сум роден и живеам. Во целата околија сме само двајца врсници родени во 1997 година. Ние имаме 26 години и јас сега треба да се оженам и веројатно да имам 14 деца и другарот истото да го направи, па некако да ја 'живнеме' демографијата“, вели тој.
За него, драстичното намалување на бројот на жители и на ученици е еднакво на самоуништување.
„Во битолскиот регион од грчка граница до прилепските села, оваа учебна година, немаше ни 900 првачиња. Не може да биде потрагично. Нема ни 1000 деца на површина од околу 100 км. Ќе се соочиме со полупусти или потполно пусти региони и ќе имаме еден најнаселен град во државата. Тоа ќе биде Скопје. Малтене ќе станеме град-држава“, истакна наставникот.
Но и Скопје се празни. Расте бројот на цели семејства кои бараат подобар живот преку граница. Во некои училишта нема кворум за формирање за паралелка. Бројот на ученици во формираните, пак, се намалува.
Мал број на општини го исполнуваат законскиот минимум од 20 деца по паралелка. Најголем дел од општините имаат просек од 11-15 деца по паралелка, посочуваат од Здружението за истражување и анализи ЗМАИ.
„Во неколкуте паралелки каде предавам имам сознанија дека поради иселување се заминати пет деца. Во други паралелки има уште поголем број. Најчеста причина е заминување поради тешка економска состојба. Но, има и високо ситуирани фамилии кои заминуваат поради други фактори, не би можел да кажам дека е од економски причини“, вели наставникот по географија во основното училиште „Рајко Жинзифов“ скопско Драчево.
Помалку ученици, повеќе затворени училишта = вишок наставници
На крајот од секоја година за стотици ученици е помал бројот на ученици кои ја завршуваат годината, во однос на запишаните на почетокот, токму како последица на заминувањето во други држави. Ова го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Бројот на ученици во редовните основни училишта на крајот на 2022/2023 година е намален за 1,4 проценти, а бројот на ученици во средните училишта за 3,9 проценти во однос на претходната учебна година.
Од 2017/2018 до 2022/2023, или за 6 учебни години, има 6272 основци помалку. Драстично намалување на бројот на ученици минатата учебна година имало во Битола, Охрид и Прилеп. Повеќе ученици се запишани само во Аеродром и Чаир. Секоја година сè повеќе деца на македонски државјани се раѓаат во странство. Северна Македонија е меѓу 20-те земји со најголема стапка на иселување.
Сè помалиот број на деца по наставник, не носи кон повисок квалитет на образованието по секоја цена. Па така, иако бројот на наставници се зголемува, резултатите на македонските ученици континуирано се влошуваат, се вели во ставот на ЗМАИ.
„Со тоа што нема ученици и ние со текот на времето стануваме вишок. Не само ние што веќе сме во настава, туку воопшто ќе стане вишок и професијата наставник како што тргнало“, вели наставникот Гичевски.
За да се заштитат работните места, мора да има промени, дециден е неговиот колега Гиевски, кој е и претседателот на Независниот синдикат на образование и наука.
„Тука дефинитивно мора да настанат промени во делот на фондот на часови, со намалување, со цел да дојде до заштита на работните места на сите просветни работници“, вели претседателот на синдикатот.
Според ДЗС за една година затворени се 14 македонски училишта.
Учениците да бидат во фокус, пред зградите
За ЗМАИ, бројот на затворени училишта не е изненадувачки. Тие повеќе од 5 години прават анализи во областа на образованието во насока на креирање на нова формула за финансирање на образованието и подобрување на училишната мрежа на општините.
Македонската училишна мрежа одамна е застарена и не одговара на потребите на учениците. 87% од учениците одат во 339 централни училишта, а само 13% од учениците учат во 569 подрачни училишта, забележуваат здружението
„Мораме да градиме на подобар квалитет на образование за децата, тие да бидат во фокус пред зградите. Голем дел од затвoрените училишта, се затвораат по природен пат односно нема веќе ученици, што е навистина тажно. Но, имаме и позитивни примери каде има спојување на училишта кои се во непосредна близина, а во кои има премал број на ученици со цел децата да имаат поголема социјализација и поквалитетна настава“, изјави за РСЕ, Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ и главен истражувач во делот на подобрување на училишната мрежа и финансирање на образованието.
Ширум државата има потреба и од отворање на нови и доградби на постоечките училишни згради.
„Имаме општини каде ни се потребни и по 4-5 нови училишта. Зградите од училиштата не треба да седат празни, тие може да се искористат за нешто кое му е потребно на населението. Затвореното училиште, може да стане нешто друго кое ќе донесе економски и социјален бенефит за местото“, додава истражувачот.
Пример за ова е селото Прдејци во општина Гевгелија каде ослободените училишни простории ги пренамениле во детска градинка. Ова им дало на родителите можност за згрижување на децата, што може да води кон мотивација за зголемување на семејствата во селото.
За помалку од 50 години односно до 2070 година Северна Македонија ќе има речиси 1,2 милиони жители, покажуваат проекциите на ДЗС презентирани кон крајот на минатата година.
Ако се земат предвид податоците од пописот во 2021 според кои во државата живеат 1 836 713 лица, значи дека за помалку од пет децении бројот ќе се намали за повеќе од половина милион жители или за 35 отсто. Моменталниот годишен просек на иселување е 12 000 луѓе, што било земено предвид во калкулациите на ДЗС.