Достапни линкови

Македонските ученици повторно разочараа, кој е виновен?


Средношколци во Скопје (Илустративна фотографија)
Средношколци во Скопје (Илустративна фотографија)

Без учебници, учат за компјутери без компјутери, читаат без разбирање, ова се дел од проблемите на македонските ученици. За лошите резултати од ПИСА надлежните институции не покажаа загриженост и повторно најавуваат реформи. Но според тестирањето на ПИСА 10 години државата е цврсто на дното.

Во четврто одделение моето дете има проблеми со читањето, не чита со разбирање, а тоа што не знае убаво да чита му прави проблем и со математика, оти не ги разбира текстуалните задачи, раскажува за Радио Слободна Европа, Милена, мајка на двајца основци. Таа проблемот го лоцира во учебниците и лошата наставна програма.

„Дел од учебниците, кои патем доцна ги добија, им се како сликовници, во кои ајде што недостига дефинирање на поим, има само примери без контекст. Имаа предмет за работа со компјутери а немаа компјутери, па во тетратка запишуваа што е маус, што е ворд и како се сочувува документ“, сведочи мајката од Скопје.

Искуството со првото дете, кое е во четврто одделение, и помогнало многу со првачето.

„Мора да се работи со нив секојдневно, колку часови на училиште, уште толку часови дома, ако сакате да биде писмено“, додава таа.

Тоа што не се поставени стабилни темели во основно, се рефлектира и во средното образование, па учениците на меѓународните рангирања се некаде на дното.

Доказ за тоа се и резултатите од минатогодишнато тестирање на меѓународна студија ПИСА (Programe for International Student Assessment), која ги проценува знаењата на учениците на возраст од 15 години по читање, математика и природни науки, а кои беа објавени на 5 декември годинава.

Резултатите покажуваат дека македонските ученици се на 71-то место од вкупно 81 држава учесничка при мерењето на јазичната писменост, на 61-то место според резултатите по математика и на 68-то место во тестирањето по природни науки.

„Резултатите од меѓународните тестирања за мене не се изненадување. Тргнувам од мојот син, кој иако е втора година, ако не работи со мене и ако не зема дополнителни часови по математика, тешко нас, раскажува за РСЕ Мирјана Маркова, мајка на средношколец од штипската гимназија „Славчо Стојменски“.

Иако нејзиниот син не беше дел од тестирањето на меѓународната студија ПИСА кое во земјава се спроведе лани, а резултатите ги добивме годинава во декември, сепак вели дека разбира зошто учениците од земјава повторно потфрлиле.

„Немаме ниту доволно стручни наставници. Учениците учат на памет, а не со разбирање. Во средно школо ние се уште се објаснуваме за некои основни работи кои не ги научиле на време, и не е само моето дете. Истиот проблем го имаат сите родители. Мислам дека веќе немаме добра основа за средно училиште, проблемот потекнува од основното образование“, додава Маркова.

Резултатите од ПИСА покажуваат и дека просекот на македонските учениците е значително под нивото на земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кои учествуваа во ова тестирање.

Исходот покажува дека 34 отсто од учениците во земјава го постигнале нивото два по математика, што е далеку од просекот на учениците од земјите од ОЕЦД од 69 проценти. Само 26 отсто од учениците во земјава, пак, постигнале ниво два или повисоко ниво во читање со разбирање, додека просекот на ОЕЦД е 74 проценти. Кога станува збор за полето на природните науки, 35 отсто од македонските ученици постигнале ниво два или повеќе, а просекот на ОЕЦД и овде е значително поголем, 76 проценти.

Од земјите во регионот во сите области кои беа предмет на тестирање, полоши резултати од нас постигнале само учениците од Косово и Албанија.

Традиционално на дното

Северна Македонија не поминала добро ниту на претходните вакви тестирања на кои учествувала – во 2000-та година, 2015-та и 2018 година. Резултатите покажуваат дека земјава речиси традиционално е на дното на овие листи.

На првото тестирање од 2000 година, од вкупно 41 земја, Македонија завршила на 38-то место во два параметра – читање со разбирање и математичка писменост, а благ пораст на листата бил забележан во писменоста по природните науки и во оваа област Македонија го заземала 36-тото место.

Графика за резултати од ПИСА тестирање за македонските ученици од 2000 до 2022 година
Графика за резултати од ПИСА тестирање за македонските ученици од 2000 до 2022 година

Во 2015 година подложни на ваков тест биле ученици од 72 држави, а тогаш Република Македонија, исто така постигнала резултати под просекот – во параметрите во читање со разбирање, како и во писменост во природни науки сме завршиле дури на 69-место, додека во математичка писменост на 68-то место.

Во 2018 година пак, постигнувањата на македонските ученици во заклучоците на ПИСА повторно се оценети како „многу ниски“, па така, од 79 земји-учеснички, во тестирањето по математика сме го заземале 67-мото место, во писменост по природните науки 62-рото место, додека во читање со разбирање учениците од Северна Македонија завршиле на 66-то место.

Програмата во македонскиот образовен систем не е според ПИСА

Клучен проблем зошто македонските ученици во контиунитет се лоши на меѓународните тестирања на ПИСА според професорот од гостиварската гимназија Тафа Амети, лежи во тоа што програмите кои ги изучуваат нашите ученици се спротивни со планот и програмата на ПИСА.

„Квалитетот на учениците во средните училишта е паднат, тие не се многу заинтересирани, но најголемиот проблем со ПИСА е во тоа што прилагодувањето на нашите наставни програми не се според програмите на ПИСА. Прашањата почнуваат од еден предмет и завршуваат во некој друг, а во истото прашање се опфатени повеќе предмети, а за жал во нашиот образовен систем нема такво нешто“, вели Амети за РСЕ.

Покрај овој проблем, тој прстот го вперува и кон самите наставници и професори, вели дека и тие треба повеќе да работат со учениците.

„Вториот проблем за овие резултати веројатно треба да го бараме и во лошиот квалитет на самите професори, бидејќи освен учениците овде вина сносат и професорите, кои не се обидуваат доволно да ги подготват за ваквите натпреварувања. Значи треба и ние професорите да видиме каде сме згрешиле“, додава Амети.

МОН со утешно соопштение за резултатите

По објавувањето на најновите резултати на ПИСА од меѓународното тестирање спроведено во 2022 година, а во кое учествува вкупно 6.610 ученици од земјава на возраст од 15 години од 111 средни училишта, Министерството за образование и наука (МОН) во своето соопштение не изрази некоја посебна загриженост, само посочи дека резултатите биле „слични со оние од 2018 година“, иако реалноста е дека рангирањата се полоши. Од МОН заклучуваат дека не се лоши само нашите ученици, туку кај речиси сите учеснички на тестирањето има намалени резултати.

„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики“, стои во дел од соопштението на МОН.

Во него не се посочува какви ќе бидат идните образовни политики кои би придонеле за подобри резултати на вакви значајни меѓународни тестирања.

Од друга страна, во заклучоците на ПИСА за ланското тестирање, стои дека сите земји оствариле нешто послаби резултати во однос на 2018 година, а како причина се наведува и ковид-пандемијата која ги затвори училиштата, па речиси секаде во светот, како и во земјата, учениците посетуваа онлајн настава.

Сепак, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, за лошите резултати не бара оправдување во пандемијата, тој вели за тоа е виновна старата реформа во образованието која требало да се промени.

„Како министер не го давам оправдувањето што го даваат различни европски земји дека сме во постковид период, дека децата се неподготвени поради онлајн наставата, според мене старата реформа која ја имавме требаше конечно да се промени, затоа што еве какви резултати имаме и во 2018 и 2022 година“, изјави Шаќири во гостување во телевизија Сител.

Новата реформа во основното образование, за која зборува Шаќири, започна да се спроведува од 2021 година. Реформата наиде на многу критики, пред се дека се носи премногу бргу.

Најзначајните промени беа спојувањето на неколку предмети во еден, за што образложението според МОН беше дека овој модел овозможува учениците полесно да ги поврзуваат наставните програми со реалноста.

Новата реформа (концепција), освен интегрирање на неколку предмети во еден, предвидуваше и воведување на заедничко работење на повеќе наставници во делот на планирање на наставни содржини, како и поголема застапеност на слободни ученички активности и вон наставни активности. Таа вклучува и сексуално образование во основните училишта, но како изборен предмет во деветто одделение. Истовремено, со неа, и албанскиот јазик влегува како изборен предмет од шесто одделение.

До каде е нејзиното спроведување прашавме и во МОН, а оттаму одговорија дека тој процес ќе трае и во наредните години, но и дека преку неа се очекува да се подобрат резултатите на следните тестирања на ПИСА.

„Токму поради слабите резултати на претходните ПИСА тестирања, донесена е одлука за отпочнување на реформата на основното образование. Тој процес е во тек и ќе се заокружи во следните три години, а од истиот се очекува да го подигне квалитетот на наставата, интеракцијата, креативноста на часовите и конечно учениците да почнат да стекнуваат практично применливи знаења и вештини, наместо фактографски да меморираат податоци. Со тоа ќе се подобрат и резултатите на следните ПИСА тестирања“, се вели во одговорот кој го добивме од МОН.

Од Бирото за развој на образование и наука (БРО), ја посочуваат новата концепција, како основа за подобри резултати во иднина.

„За разлика од старите програми каде учењето се базираше на помнење факти, новите наставни програми се базираат на резултати од учење, стандарди за оценување и пристап во наставата кој промовира поврзување на знаењата од различни дисциплини, активно учество на учениците во воспитно-образованиот процес, преку истражувања, анализи, дискусии, решавања на проблемски ситуации и поттикнување на критичко мислење“, одговорија од Бирото на прашање на РСЕ.

Од институцијата додаваат дека ќе продолжат со изработка на нови наставни програми, со обука на наставниците и ќе даваат целосна поддршка на воспитно-образованиот процес за спроведување на реформите.

Потребни се промени од корен

„Кај нас имаме руиниран или застанат систем кој тешко може некој да го состави или покрене. Второ, учениците не се фокусирани на тоа што се бара од меѓународните тестирања. Учат сешто и имаат премногу предмети, непотребно. Некои образовни предмети се основни, како природните науки, за кои треба здраво разбирање и учење, додека еден од поважните, читање со разбирање по мајчин јазик се гради повеќе години. Тука успех не се постигнува преку ноќ“, вели за РСЕ професорот по социологија и комуникации Петар Атанасов.

Тој беше и поранешен заменик-министер за образование и наука од актуелната власт, а кој во 2019 година си поднесе оставка од оваа функција, поради, како што наведе тогаш „неспроведување на образовните реформи“.

Атанасов смета дека од новата концепција за основно образование резултат нема да има. Од процесот на дигитализација во образованието, пак, вели дека се уште сме далеку, бидејќи ние и натаму имаме друг проблем – немање на учебници, а за тоа што треба да се направи за работите да тргнат на подобро, апелира да се ангажираат луѓе со идеи и да се направи заокружен концепт, прифатен и изгласан од сите партии во Собранието.

„Да се изберат стручни луѓе кои би работеле во една институција (институт) која постојано ќе работи на промени и прилагодувања. Да престане образованието да биде место за вработување на партиските кадри. Да се издвојат финансиски средства толку, колку што е потребно за сите степени на образование. Инвестициите во пониските нивоа се секогаш исплатливи, ама развојот и иднината се создаваат во високото образование. Да се вложат финансии во научната област по десетгодишната суша на која кумуваа сите владини структури“, вели Атанасов изнесувајќи дел од своите идеи за подобрување на образовниот систем.

Послаби резултати бележат и другите земји од Западен Балкан

Покрај разочарувачките резултати дома, последното тестирање во ПИСА не донесе добри вести ниту за регионот. Па така, на пример, исходот од тестирањата во 2022 година покажуваат дека 15-годишните средношколци од Црна Гора имаат значително полоши знаења во математика, читање и природни науки, во однос на знаењето кое го имале учениците пред една деценија, со што заклучокот е дека со ова дополнително се оддалечуваат од светскиот просек.

Во конечниот исход од тестирањето стои дека црногорските ученици имаат значително пониско ниво на знаење во сите три предмети отколку што изнесува процентот во земјите членки на ОЕЦД – 27 отсто понизок процент во читање со разбирање, 29 проценти понизок процент во математика, а дури 31 помал процент помалку во природните науки.

И просекот на учениците во Србија исто така е под оној на земјите од ОЕЦД, па така, просечното достигнување на српските средношколци во областите како математика и читање со разбирање е 440, а од областа на науката 447, додека просекот на учениците од земјите на ОЕЦД изнесува 472 по математика, 476 по читање и 485 од природни науки.

Од земјите во регионот, во сите параметри, најдобро поминала Хрватска со просек од 472 поени по математика, 476 во читање и 485 во природни науки.

Со полош просек од нас пак во сите три категории, се само Албанија и Косово.

Од земјите во регионот, Босна и Херцеговина беше единствената која не учествуваше во ова тестирање.

Покрај оној најзначаен дел за сите, мерењето на знаењето и вештините на учениците, ПИСА собира и податоци за индивидуалните училишни и системски фактори кои влијаат на успехот кај учениците, а дава и индикатори за развојот на образовните политики во поединечни земји.

XS
SM
MD
LG