Достапни линкови

Училишта претесни за продолжена настава - помагаат баби, соседи, роднини...


Ученици (Илустративна фотографија)
Ученици (Илустративна фотографија)

Или нема доволно простор во училиштата или нема наставници - ова е одговорот зошто нема продолжена настава за четврто и петтоодделенците. Родителите буквално препуштени сами да се снаоѓаат што ќе прават со нивните деца на 9 или 10 години додека тие се на работа, а се плашат да ги остават сами дома.

Двете деца на Марина Наумовска која живее во општина се ученици во основното училиште „Владо Тасевски“, но таа за РСЕ објаснува како мора секој ден да се снаоѓа затоа што во училиштето има продолжена настава само до трето одделение. Тоа значи дека синот првоодделенец е згрижен, но за нејзината ќерка која е четврто одделение нема продолжен престој и кога таа и сопругот се на работа и се плашат да ја остават сама дома, бараат помош дури од Кавадарци.

„Моите родители се првата опција и тие ни излегуваат во пресрет бидејќи живеат во Скопје. Но, доколку и тие не можат, имам свекрва која живее во Кавадарци, па таа мора да доаѓа до овде за да ни ги чува децата. Ако пак и таа е спречена да дојде, во тој случај плаќаме жена да ни го чува детето во периодот кога јас и сопругот сме на работа. Буквално сме препуштени да се снаоѓаме како знаеме и умееме“, објаснува Наумовска.

Проблемот настанал со воведувањето на деветолетката, велат родителите, па учениците во четврто и петто одделение кои имаат едвај девет или десет години, родителите бараат наставата да се продолжи и за нив или пак во дневен престој. Законска можност има, но услови во училиштата - нема.

Општините, под чија надлежност се основните училишта, посочуваат дека проблемот е во тоа што или немаат доволно простор или пак што во дел од нив немаат доволно наставници. Според Законот за основно образование, за учениците до трето одделение треба да има продолжена настава, а доколку има потреба тоа треба да важи заклучно со петто одделение.

Наумовска вели потврдува дека во училиштето каде учат нејзините деца нема простор но смета дека со финансиска поддршка од општината тоа може да се оствари, а родителите веќе подготвуваат такво барање.

„Вклучени се родители од училиштето, кои се архитекти по професија и кои подготвуваат барање коешто официјално треба да се достави до Општина Карпош и до Министерството за образование за доградба, затоа што сепак училишниот двор е прилично голем во „Владо Тасевски“, особено во западниот дел и во тој дел има можност да се доградат барем по две училници на кат. Таму сигурно има простор за седум до девет училници. На последниот совет на родители се формираше таква комисија насочена кон тоа конкретно и се бара поинтензивно да се одобрат финансиски средства за истото да се реализира“, додава Наумовска.

Дали сето ова ќе биде можно, одговор побаравме и од Општина Карпош, но оттаму само кусо ни посочија на кој начин се одвива продолжената настава во сите основни училишта под нивна надлежност.

„Во Општина Карпош има 10 основни училишта. Во девет од нив има продолжен престој за учениците од 1-3 одделение. Во седум основни училишта се организира и продолжена настава за учениците во четврто одделение. Од страна на Општина Карпош се ангажирани одделенски наставници, согласно потребите на родителите. Во петто одделение нема продолжен престој. Во сите училишта учениците од петто одделение, по завршување на наставата си заминуваат дома“, велат од Општината.

Продолжената настава болна точка и во други општини

Покрај Карпош, проблемот со продолжена настава за учениците до петто одделение, се јавува и во другите поголеми скопски општини. Така, на пример, родители од „ООУ Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром кои ги контактиравме, имаат и конкретен предлог до училиштето. Тие се повикуваат на Законот за основно образование, според кој, се предвидува дека ако се обезбедени услови и средства, основното училиште може да организира продолжена настава за учениците во групи од повеќе различни одделенија, за што во секој случај е потребна и согласност од родителот.

„Покрај тоа што ова и законот го дозволува, истовремено сакаме да укажеме и на родителската и хуманата димензија на овој предлог кој доколку биде прифатен ќе ни овозможи сигурно и безбедно згрижување на нашите деца кои се уште се мали за да се грижат за самите себе“, вели за РСЕ Александар, родител на основец во ова училиште.

Родителите со кои разговаравме тврдат и дека ова училиште има и нови простории кои може да се искористат за оваа намена.

„Во нашето училиште се вршеше доградба и има просторни капацитети и услови, па навистина не ми е јасно зошто не функционира на тој начин. Како родител, не би го оставил моето дете од 8 години да седи само дома“, вели Борче, татко на основец од „ООУ Лазо Ангеловски“.

Тие се загрижени и за безбедноста на своите деца, посебно во услови кога нивните баби и дедовци не се достапни, а децата се препуштени сами на себе.

„Во ова лудо време кога не сме сигурни и безбедни, живееме во едно лудо општество каде секојдневно се случуваат немили настани, па приморани сме на децата уште од осумгодишна возраст да им купуваме мобилни телефони за да им се јавиме и на камера да ја поминат улицата. Деца како деца многупати заборавиле, снемало батерија, се заиграле, а родителите се тие кои доживуваат стрес. Најгласно апелирам до надлежните органи, Министерството за образование, локалната самоуправа и самото училиште што побргу да се реши овој проблем“, вели за РСЕ мајка на двајца основци од четврто и петто одделение од „ООУ Лазо Ангеловски“, која побара да остане анонимна.

Скопски Аеродром е општина со најмногу жители, има најмногу домаќинства, најмногу станови и најмногу млади, според Пописот од 2021 година. Аеродром пак е и една од двете општини во државата, кои имаат зголемен број на ученици од оваа учебна година.

Од Општина Аеродром за РСЕ велат дека од осумте основни училишта кои се под нивна надлежност, продолжена настава за ученици до петто одделение се реализира само во едно училиште - ООУ „Браќа Миладиновци“. Во другите објаснуваат дека нема доволно просторни капацитети, а за тоа прстот го вперуваат кон Владата.

„Овие две години, како општина се соочуваме со намалени дотации и трансфери од централно ниво, а во таа насока потенцираме дека општината, со ограничените средства со кои располага, нема можности да обезбеди дневен престој до петто одделение. Имајќи предвид дека подолг временски период не е инвестирано во подобрување на образовната инфраструктура, а согласно последната пренамена на средства од централниот буџет, општина Аеродром на почетокот на следната година планира да започне доградба на основното училиште „Блаже Конески“ и до крајот на годината да се започна со уште една доградба на училиштето „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче“, велат од Општина Аеродром.

Оттаму образложуваат и дека токму поради тоа што Општината нема доволно пари, и во основното училиште „Лазо Ангеловски“ се реализира дневен престој за учениците до трето одделение, но не и продолжена настава за оние до петто.

МОН не дава зелено светло за наставници во продолжена настава

Од друга страна, по слични жалби на неколку родители, на истата тема, ја прашавме и Општина Кисела Вода. Оттаму велат дека веќе во две училишта се работи на проширување на просториите, но за во други училишта , велат треба да реагира и Министерството за образование и наука.

„Во ООУ „Кузман Шапкарев“ доградивме две училници, а проект за проширување на објектот, во моментот се изработува и во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“. Во однос на продолжената настава во повисоките одделенија, во неколку училишта во општина Кисела Вода таа се реализира за ученици од четврто одделение. Сепак, за ангажирање, односно вработување на наставници за реализирање на дополнителна продолжена настава, законска надлежност има Министерството за образование и наука“, велат од Општината.

Томислав Гиевски, наставник по географија во основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Драчево, кој иако вели дека таму немало потреба за продолжена настава за повисоките одделенија, сепак објаснува кој е клучниот проблем кога родителите ќе достават такво барање.

„Доколку родители на учениците од четврто или петто одделение поднесат барање до училишниот одбор за организација на продолжена настава, тогаш одборот е законски обврзан тој допис да го испрати до Министерството за образование и наука (МОН). Проблемот настанува доколку од таму не се добие зелено светло за нови вработувања поради немање на доволно средства за истите, доколку во училиштето нема доволен број наставници за целодневна настава и за четврто и петто одделение“, вели Гиевски.

Токму проблемот со немањето доволно наставен кадар е клучен и во две основни училишта и во Општина Центар.

„Продолжен престој во четврто и петто одделение не се реализира во две училишта и тоа во ООУ „Кочо Рацин“ и ООУ„Јохан Хајнрих Песталоци“ од причина што училиштата не располагаат со доволно наставен кадар за кои уредно и навремено имаат побарано согласност од Министерството за образование и наука, а истите не ги имаат добиено“, велат од Општина Центар за РСЕ.

Оттаму додаваат и дека во останатите основни училишта под нивна надлежност, продолжената нстава во четврто и петто одделение се одвива во зависност од кадарот кој е на располагање во училиштето.

Од ресорното Министерство до објавување на овој текст не одговорија на нашите прашања зошто не се одобруваат дополнителни средства за нови вработувања за реализација на целодневната настава во оние училишта каде има потреба за тоа.

Пречка е двосменската настава

Одговори побаравме и од Бирото за развој на образование и наука (БРО), а оттаму велат дека законски таа се одвива по барање на родителите, а потоа се формираат и групи кои опфаќаат културно-уметнички, спортски и други активности за овие деца за време на целодневниот престој.

Според закон, посочуваат дека продолжената настава за учениците до трето односно петто одделение, треба да се одвива по шест часа дневно, но бидејќи повеќето училишта работат во две смени, таа се одвива само пет часа на ден.

„Согласно новата Концепција за основно образование, учениците треба да престојуваат во училиштето за сите активности шест работни часа. Но, сè додека голем дел од учениците учат во училишта со двосменска настава, задолжителниот престој на учениците од прво до петто одделение во училиштето е пет часа на ден, од кои околу 3 до 3,5 часа поминуваат на наставни часови, а преостанатото време во други активности. Тенденцијата (целта) е сите училишта во земјата да работат едносменски. Кога тоа ќе се оствари, задолжителното време во училиштето ќе може да се продолжи за да се отвори простор за повеќе активности надвор од редовните часови“, објаснуваат од БРО.

Спроведувањето на продолжена настава во земјава беше посебен предизвик во време на пандемијата, кога училиштата останаа затворени за оние од повисоките одделенија, а за учениците од прво до трето одделение се реализираше настава со физичко присуство, но без можност за целодневна настава.

Владата потоа, на 29 септември 2021 година, одобри да има продолжена настава во училиштата кои од 1 октомври почнаа настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

XS
SM
MD
LG