Достапни линкови

Учебниците доцнат, а ќе чинат 16,5 милиони евра


Илустрација
Илустрација

Тендерите за учебниците за основно и средно образование за оваа и следната учебна година „тежат“ вкупно 16,5 милиони евра. Со нив е опфатено превод, печатење и дистрибуција. Националната комисија за учебници сѐ уште работи на одобрување на нови учебници и некои ќе стигнат дури на крајот на годинава.

Новите учебници за учебните 2023/24 и 2024/25 година ќе ја чинат државата вкупно 16,5 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

За споредба минатата година вкупната вредност на тендерите за печатење и превод за учебната 2022/23 година изнесуваше најмалку 5,5 милиони евра.

Министерството за образование за да обезбеди учебници, на први август годинава склучило договори за две учебни години ( 23/24 и 24/25 година ) со две фирми, а огласот беше отворен уште во мај.

Ако се гледа според крајните рокови заведени во тендерската документација, дел од учебниците кои недостасуваат постои можност да стигнат до децата дури кон крајот на календарската година. Министерството за образование уверува, пак, дека само испечатените ќе пристигнат до крајот на септември.

Првиот договор е за превод од македонски на јазиците на заедниците, додека вториот договор се однесува на печатењето и дистрибуирањето на учебниците за две учебни години.

Тендерите за печатење и дистрибуција ги доби како носител на набавката фирмата Европа 92 Кочани заедно со Бранко Гапо, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки. Вкупната вредност на тендерот изнесува 11, 3 милиони евра.

За споредба минатата година оваа фирма го доби и тендерот за печатење на учебници за 2022/2023 учебна година кој изнесуваше над 4,5 милиони евра.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека вистински сопственик на Европа 92 Кочани е поранешниот градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ Ратко Димитровски поранешен пратеник и поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата компанија една од најстарите печатници во државава и е основана во 1990 година.

Тој беше и осомничен во еден од предметите на поранешното Специјално обвинителство кој се однесува на незаконито преземање на „Поштенска банка“ со перење пари, случај за кој се водат судски рочишта.

Според тендерската документација оваа фирма е должна да ги испечати и достави книгите од училиштата најрано на први септември, а најдоцна до 1 ноември.

Вториот тендер кој се однесува на превод на учебниците од македонски на другите јазици на малцинските заедници го доби Арс Студио Тамара. Неговата вкупна вредност за сите пет дела од набавката изнесува 5, 2 милиони евра, од кои само 3.1 милиони евра се наменети за превод од македонски на албански јазик, а 1,5 милиони евра за превод од македонски на турски јазик.

Според достапните податоци за превод на учебници од македонски јазик, Министерството склучило договори во вредност од 930 илјади евра.

За разлика од првиот договор, во овој рокот за испорака на преведени материјали за печатење е најрано за 30, а најдоцна 140 дена од склучениот договор, што значи дека последен рок истекува до крајот на годинава. Овие рокови кои се наведени во склучените договори за учебниците укажуваат дека учениците и годинава ќе почекаат за една третина од предметните учебници.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, уверува дека до крајот на септември ќе бидат доставени учебниците за сите одделенија во основното образование односно за трето и за шесто каде што поради новите наставни програми доцни распределбата на учебниците.

„За шесто одделение најавив дека во четвртокот имаше состанок Националната комисија за учебници, а утре пак ќе има уште еден состанок и имам позитивни информации дека ќе бидат одобрени и последните учебници. Доставата за сѐ што е за оваа година ќе се заврши до крајот на септември“, изјави Шаќири на 11 септември.

Претходно, Министерството тврдеше дека сите испечатени учебници ќе бидат доставени до први септември, но втора недела подоцна третооделенците не ги добиле сите учебници. Во некои основни училишта недостасуваат и учебници за второ одделение.

Зошто се учи од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Кај шестодделенците за вкупно 10 наставни предмети сè уште нема одобрување за учебниците, а за учебникот по историја и општество не бил доставен ниту еден ракопис. Учебникот по математика бил „во завршна фаза на одобрување“, но ќе треба време за да се преведе и на другите јазици, се вели во одговорот на Министерството што го доставиле до државната Комисија за спречување на корупција.

Дел од проблемот лежи и во тоа што досега десетици учебниците по стручни предмети за средно образование, но и за предмети од основно образование не поминале на одобрување од Националната комисија за учебници.

Од Министерството за образование не одговорија на нашите прашања дали во тендерот за печатење и превод влегуваат и оние учебници кои чекаат одобрување од Комисијата за учебници.

Од Биро за развој на образование велат дека тоа не е нивна надлежност.

„Бирото за развој на образованието не е надлежна институција за спроведување на постапки за изработка, одобрување и издвање на учебници за учениците во основното и средното образование“, велат оттаму.

Од вкупно 126 учебници потребни за сите предмети во основното образование, на почетокот на оваа учебна година Министерството за образование не обезбедило една третина односно 43 учебници покажуваат податоците од државната Комисија за спречување на дискриминација, која најави и тужба до институцијата.

Од Биро за развој на образование немаат одговор зошто недостигаат 43 учебници.

„За сите наставни предмети според Наставниот план Бирото за развој на образование има изготвено наставни порграми што е надлежност на Бирото. Истите се објавени на нашата веб страница и се преведени на сите наставни јазици“, одговорија од БРО.

Список на учебници кои недостасуваат во основното образование
Список на учебници кои недостасуваат во основното образование

Министерството за образование и Бирото за развој на образование причината за незавршената работа односно неизработените учебници ја гледаат во големата и комплексна процедура во педагошката служба и Националната комисија за учебници.

„Согласно законските и подзаконските акти, навремено се започнати и извршувани активностите од наша надлежност за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма“, се вели во одговорот на МОН.

Но, на веб страницата на МОН на пример последните огласи за рецензенти на учебници за основно и средно образование беа објавени во јули и август, а школската година почнува на први септември. На пример, последниот оглас е објавен на два дена пред почетокот на училишната година и се однесува на повик за рецезенти на учебник по италијански јазик за шесто одделение.

На 15 август педагошката служба во МОН соопшти дека ќе ги разгледува пријавените автори на учебници од стручно средно образование за 23 различни предмети.

„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“, се вели во одговорот на МОН.

Оттаму велат дека во тек е темелна реформа на образованието која според нив наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од, па бараат поддршка и разбирање од родителите и институциите.

Опозицијата жестоко ги критикува министерството и Владата затоа што втора недела дел од учениците немаат учебници.

„Власта осакати цели генерации. Секоја година со СДСМ и ДУИ на власт нема учебници и по неколку месеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На ваквите критики од Министерството одговорија дека политичарите кои најмногу критикуваат дека се доцни со набавката и испораката на учебниците за основците и средношколците, всушност најмногу ги кочеа овие процеси кога во минатото раководеа со Министерството за образование и наука.

„Добро е да им ја освежиме меморијата дека токму пред 10-тина години, кога нивни кадри управуваа со министерството, договорите за набавка на учебници беа склучувани после два-три месеци од отпочнувањето на учебните години“, одговорија од МОН на опозициските обвинувања.

Во меѓувреме МОН објави оглас за тендер за изработка на дигитални интерактивни учебници и обезбедување и одржување на интернет платформа (и дигитални учебници) на која ќе бидат поставени дигитални интерактивни учебници за 4-то, 5-то и 6-то одделение во основното образование на сите наставни јазици на кои се изведува наставата.

Ова е трета по ред година како дел од учениците во основните и средните училишта ја почнуваат годината без учебници. Дел од тие што ги имаат се парталави и постари од пет години. Единствено учениците од прво и второ одделение оваа година ќе ги имаат учебниците по сите наставни предмети и на сите наставни јазици. За разлика од нив оние учениците од трето и шесто одделение немаат ниту еден.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG