Достапни линкови

Зошто учениците не знаат


Наставник по историја Васко Гичевски
Наставник по историја Васко Гичевски

Вие колку и да ги учите децата дека треба да бидат, чесни, трудољубиви, дека треба да имаат знаење, доколку гледаат како владее неписменоста и криминалот, тие ја гледаат зададената поука како смешна и нереална, пишува наставникот по историја Васко Гичевски.

Слабите ученички постигања скоро секогаш се согледуваат воопштено, без притоа да се посвети внимание на одделени карактеристики, кои безмалку го овозможуваат и го детерминират тој неуспех. Квалитетен воспитно образовен процес, предимно значи остварување на истиот во соодветни услови со соодтвени наставни средства.

Дополнително воспитно образовниот процес треба да е општествено релевантен, односно тој да соодветсува со реалноста и свесно да ја креира иднината. Во нашиот случај, постои огромна дискрепанца помеѓу тоа на што се поучуваат учениците во училиште и она што се одвива во општеството, односно таканаречениот педагошки контекст.

Појасно кажано, вие колку и да ги учите децата дека треба да бидат, чесни, трудољубиви, воспитани, дека треба да имаат знаење за да заземат општествена позиција и функција, доколку гледаат како владее неписменоста и криминалот, тие ја гледаат зададената поука како смешна и нереална. Тука започнува првиот чекор кон незнаењето, бидејќи гледаат дека воспитаноста и знаењето немаат никаков бенефит, никаква општествено вредност тие ја отфрлаат и самата потреба од воспитание и образование.

Еден дел од причините за масовно незнаење секако лежи во квалитетот на понудената поука. Имено диактичкиот тријаголник се состои од наставникот, наставната содржина и ученикот.

Долгогодишната партизација го руинира квалитетот и кредибилитетот на наставниците. Навистина реткост е денес да најдете посветен наставник, кој сеуште не се откажал од својата љубов кон работата.

Вториот елемент-наставните содржини пак се засебен случај. Долгодишното реформирање, базирано само врз ентузијазам и политичката потреба од реформи, донесоа до полн хаос во делот на наставните содржини, нивното планирање и методско обликување.

Денес се соочуваме со наставни програми во кои отсуствуваат дидактичкит принципи на наставата, учебни помогала кои во суштина повеќе ги нема од што ги има.

Определени наставни предмети со години немаат соодветни учебни помагала за учениците, а веројатно нема ни да ги има доколку се присетиме на изјавата на министерот Шаќири дека ние немаме пари за учебници.

Дополнително што дури и кога ќе ги има, истите се толку неквалитетно направени, преполни со грешки и методички неисправни. Основната карактеристика на учебниците изработени мината година, е дека се направени на брза рака и изобилуваат со грешки.

Грешките во учебниците, особено во најмала возраст се погубни за учениците. Да го наведете детето на мислење дека не разбира што треба да се направи, креира авторефлексија дека тоа не е способно да научи. Тоа пак влијае страшно лошо во креирањето на сликата за себе, па така сфаќајќи дека не може да научи, тоа развива страшен одбој кон учењето воопшто.

Токму тука ние изгубивме и сеуште губиме генерации и генерации деца. Воспитно образовниот процес како свесна и намерна активност врз која се влијае на свеста на детето и се насочува кон развој, не смее да биде систем во кој одсуствуваат научните и дидактичките принципи!

Несоодветно концепираниот, планираниот и реализираниот образовен процес, прави поголема штета врз децата одколку апсолутната неписменост. Апсолутно неписмениот секогаш има простор да се описмени, но оној кој е накриво научен, кој стекнал перцепција дека не може да учи, дека и воопшто не му треба да учи е тежок општествен проблем!

За жал ние со години креираме само дисфункционалност и проблеми, процес платен со наши пари и натопен со солзите на децата! Согласно погореизнесеното, се согледува дека наставните содржини се во најблаго кажано во најголемиот дел од случаите некорисни.

Третиот елемент од дидактичкиот тријаголник, односно ученикот согледувајќи во каков хаос живее, потполно е демотивиран и незаитересиран за учење. Врз него влијае тоа што криминалот царува, тоа што нема да добие учебник на почетокот на учебната година, тоа што нема навремено да добие сведителство на крајот на учебната година.

Го согледува полниот формализам на македонскиот воспитно образовен систем и полека се отуѓува од истиот. Антиинтелектуално се однесува, движејќи се по патот на кој го поучува општеството. Нашето општество пак е општество без воспитен идеал, без конкретна дефинција што значи да се биде воспитан и образован човек и каква вредност тоа ни носи. Ние како општеството свесно градиме иднина во која ќе царува криминалот и незнаењето,а воедно и воспитуваме на унижување.

Најстрашното од целата таа ситуација е токму тоа воспитание за унижување! Преку него се учиме на конформизам, дека ние ништо не можеме да промениме. Дури и доколку некој проба да промени нешто тогаш е осуден на отфрлање, сиромаштија и низа други страданија. Поуката е дека да се биде необразован медиокрет, полтрон на некој силен е она што ултимативно ви ја носи благосостојбата во животот.

Согледавме зошто учениците не знаат, но дали ние како возрасни сме спремни да се соочиме со тој факт? Дијалектички гледано полната умствена мизерија не може вечно да царува, па нештата со сигурност ќе се променат. Ние возрасните кои го живееме и креираме тоа општеството, за почетокот доволно е јасно да го кажаме својот став против она кое се коси со здравиот разум.

Да станеме активни граѓани, самосвени луѓе и согласно тоа да дејстуваме на секое поле. Големиот педагог и мислител Јан Амос Коменски, пред четири века запишал: „Треба да се зборува кога има неопходност за тоа, но и да се молчи кога ќе е потребно. Говорот на вистината е едноставен.

Кога е потребно да се дејстува, штеди ги зборовите. Колкумина ги има што зборуваат кога треба да дејстуваат? Оној кој има многу за постигнување, многу за докажување, треба малку да зборува.“

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG