Новите генерации на средношколци уште ги користат „старите добри“ начини на препишување на тестови како оној со скриени ливчиња. Но, во денешно време има сѐ покреативни методи, сведочат младите. Професорите забележуваат дека низ годините, дел од младите развиваат нови идеи и прават цели стратегии за да препишат наместо да научат.
За една средношколка од скопска гимназија која разговараше со РСЕ, безжичните слушалки кои се поврзуваат со телефон се покажале како најдобар избор. А, вели, се обидувала да препише на многу други начини. Најмногу по предметите филозофија и физика, бидејќи не ѝ оделе многу.
„Имам купено едни незабележливи слушалки кои ги поврзувам со мојот телефон и некој пријател од другата страна ми диктира, претходно знаејќи ја темата која ќе ни се падне на тестот“, вели анонимната средношколка.
А кога препишуваш, треба да си подготвен дека ќе има и незгодни ситуации, порачува таа.
„Ми се случувало да ми падне слушалката, па да морам да ја земам. Во тие ситуации мораш и професорот да го викнеш, да го прашаш нешто околу тестот, само за да не изгледа забележливо дека нешто правиш. На женските со долга коса им е малку полесно да прикријат слушалка“, додаде ученичката.
Никогаш не ја „фатиле жива“ бидејќи, како што вели, се снаоѓа многу добро.
„Дури и кога треба да останат само со молив, некаде кријат втор телефон“
Професорот Насер Мифтари кој предава историја во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ и над 30 години е во образование, вели дека секоја година има нешто ново и понапредно меѓу препишувачите.
„Никогаш не сме можеле крајно сето тоа што значи препишување или нереално знаење да го прекинеме и никогаш да не биде повторено. Секоја година, слободно би рекол, дека се софистицира целиот тој процес кај учениците. Со тоа што и покрај сите преземени мерки да нема ништо со себе освен молив, сепак сме ги фатиле со телефони. Едниот го предаваат, а другиот го носат скриен“, изјави професорот Мифтари.
Со изговор дека одат до тоалет, наоѓаат простор за консултација, забележува тој.
Треба секојдневно да се работи на свеста за да се покаже реално знаење, порачува професорот Мифтари.
„Да бидат учениците свесни дека нема потреба никој да им помогне во тоа што е тестирање за нивните знаења. Сѐ друго би било фалсификат на се она што ние го пишуваме како оценка. Ако континуирано правиме свесност за тоа како треба да се учи и како треба знаењата да се оценуваат тоа е нешто сосема друго. Најтешко нешто во образованието е механизмот на оценување. Додека ние немаме стандарди, форми, реални, едноставно ќе патиме. Многу е лесно да се предава, но кога се доаѓа до оценување, тоа е најтешко“, заклучи професорот.
Се препишува дури и од табла
Средношколка од скопската гимназија „Браќа Миладиновци“, вели дека се препишува од мобилен, но и на начините од „старата школа“.
„Најчесто е од телефон ставен на ногата или на столчето до нас. Може и со некое ливче во несесерче или од напишано на шише од внатрешната страна, на раката, на дланката, па покриено со блуза по долги ракави. Но, знаеме да препишуваме и од класични ливчиња, или од напишано на клупа“, изјави оваа средношколка за која досега исто така ниту еден наставник не забележал дека препишува.
Таа вели дека се случувало и учениците пред тестот да напишат неколку реченици на табла, кои не може лесно да ги запаметат и да препишат од таму. Повторно, без да забележи професорот.
„Кога некој ќе фатат дека препишува, професорите знаат да изреагират лошо и во право се бидејќи реално не треба да се препишува. Во нашево училиште немаме некои големи препишувања или како што сме слушнале дека се прави во други училишта - сликаат тестови па ги препраќаат во сите групи, па цела генерација го има тестот и да го научи предвреме“, додава ученичката од „Браќа Миладиновци“.
Сведочи дека ученици од различни училишта си препраќаат тестови меѓу себе со пораката: „Еј, може истово да ви се падне ако правите тест на таа тема“.
„Професорите знаат баш од такви причини повеќе да даваат усно испрашување. Ќе најават испрашување и сите ќе го одговорат она што ќе го научат и знаат. За да не страда ни професорот на кој може да му биде украден тестот или препишан и децата да си ги добијат реалните оценки“, заклучува таа.
Родители на средношколци ни раскажаа и дека учениците кои знаат прогами како Фотошоп, прават и реплики на етикетите за сок или вода. Така, во делот каде производителот го напишал составот на производот, може да стои некоја комплицирана дефиниција по хемија, на пример, испечатена, па залепена на шишето. Тие сметаат дека некогаш не дека им е тешко на младите да научат, туку им е предзвик да го надитрат наставникот со некоја креативна идеја за препишување.
Цел живот не може да се препишува
Едно од решенијата би биле стандардизирани тестови за да се стигне до реални оценки, вели професорот Мифтари.
„Тестот треба да биде дигитален, стандардизиран, од Државниот испитен центар. Или пак, на ниво на училиште, педагошко-психолошката служба да подготви тестови со кои и учениците и наставниците би дале резултати. Нека бидат и обични тестови, но контролата да е значајна, одговорноста да е значајна, свесноста да е значајна. Тестот да биде на некој начин стандардизиран“, порачува професорот по Историја.
Професорката по Македонски јазик во скопската гимназија „Корчагин“, Татјана Алексиќ, вели дека препишувањето е некој условен рефлекс на кој децата се навикнуваат со години. Ова особено се забележувало за време на онлајн наставата кога, вели, добивале електронски совршени писмени.
„Ние сме немоќни да ги контролираме. Не можеш ти како 'џандар' над секој ученик да бдееш 45 минути. Пак на крајот нешто ќе препише ако сака. Поентата е да им се даде до знаење дека не може цел живот да бидат препишувачи и шверцери и дека некогаш ќе треба своето знаење да го покажат без да се кријат зад преписки или телефони. Она што генерално се случува подоцна на испитите што не е добро и веќе го забележуваме на глобален план е дека нешто не се учи како што треба, автентично добро, мајчински добро што би рекле“, заклучува Алексиќ.
Препишувачи и понатаму ќе има, за тоа се свесни и професорите, а како што се развива технологијата, се развиваат и нови идеи за препишување. Работењето на свеста дека тоа не е во ред засега им останува најважно.