Ако заминам ќе биде беља, а ако останам ќе биде бетер - велат лондонските панкери Клеш во нивната култна „Should I stay or should I go“ (Да останам или да си заминам). За оваа дилема дебатираа и средношколците од гимназијата Орце Николов, на настан организиран од ученичката организација „Оrce Talks“, со намера на младите да слушнат различни гледишта.
Средношколецот Бодан Ш. имал план да замине на студии надвор од Македонија заради подобри опции натаму во животот. Се предомислил откако го слушнал искуството на наши студенти во странство кои учествувале во дискусијата.
„Многу луѓе кажаа дека им било тешко тоа што биле одделени од фамилијата. Бидејќи сум близок со мојата фамилија, мислам дека тоа тешко и лошо би ми влијаело на мене и на моето ментално здравје“, вели младиот Бодан.
Токму идејата за живот далеку од своите, повеќето го посочуваат како најголема мака за одлуката да се студира надвор. Тежината на факултетот не им е спорна, вели Лука Кадриќ, еден од членовите на „Orce Talks“.
„Поголемиот дел не се подготвени да го доживеат тој момент на осамостојување и оттргнување од тоа што им е веќе познато. А како проблем го посочија и соочувањето со фактот дека ќе треба сами да си готват, да средуваат и сами да водат грижа за себе, без семејството и најблиските и условно кажано да почнат живот од нула. Тој социјален аспект на сите им беше најгорчлив“, вели Кадриќ.
А кај оние кои се решени да заминат, вели, се повторуваат истите причини, како подобри услови, образование и општо подобар животен стандард.
„Имаше многу моменти каде учениците реагираа на некои од исповедите на гостите кои се вклучија на видео повик од странство. Тие кажуваа некои работи кои навидум се лесни и се мисли дека ќе бидат туку-така во странство“, истакна средношолецот.
Од 26 средношколци кои учествуваа во дебатата, на почетокот десетмина рекле дека ќе си останат тука, а 16 биле решени за странство. По настанот, освен Бодан ставот го смениле уште двајца. Но, не и Анастасија П., за која студии во странство останува единствена опција. Во игра се Холандија, Словенија и Италија.
„Уште кога завршував основно знаев дека сакам да учам во странство и решена сум за тоа бидејќи знам дека има многу подобри можности надвор. А и нашиот едукативен систем не е толку добар. Имам слушано од други а и од самиот настан разбрав дека надвор многу повеќе се обрнува внимание на студиите, додека тука те оставаат сам на себе“, вели средношколката од Орце Николов.
Социјалниот момент, вели, не ја плаши многу.
„Мислам дека ќе ми биде малку проблем, но ќе можам лесно да се справам.Сигурно ќе има други луѓе кои ќе бидат од Балканот па ќе може полесно да се разбереме и ќе биде полесно да се најде друштво да речеме. Така верувам“, додаде 16-годишната Анастасија.
Таа вели дека познава многу нејзини врсници кои исто така планираат да заминат надвор и веруваат дека таму ќе имаат подобар живот.
Според последниот попис Македонија има 1,83 милиони жители. Ова е за 185 илјади помалку од претходниот попис во 2002-ра година. Расте бројот на стари, а се намалува бројот на млади и работоспособни луѓе. Ако во 2002-ра имало 907 илјади млади под 29 години, сега се 638 илјади, што е за 270 илјади помалку. Според пописот, има над 200 целосно иселени места во Македонија.