Достапни линкови

Се играат ли „олд скул“игри во ова дигитално време?


Илустрација шах
Илустрација шах

Дури и во време кога повеќето игри од „старата школа“ имаат дигитална верзија, некои сепак сакаат да ги играат во живо. За да ги врати младите кон подзаборавените навики, Универзитетското студентско собрание на УКИМ организира натпревар во брза географија, шах, рубикова коцка и јамб.

Иако светот се дигитализира, има млади кои уште сакаат да играат со пријателите лице в лице, наместо онлајн. Ваков е впечатокот на 21-годишната Емилија Митовска, студентка во трета година на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Најмногу сака табла и јамб и ги нарекува игри на детството.

„Сметам дека се многу добри за развивање на некои кул вештини и стратегии. Доволно се интересни за да бидат игри за забава, но и доволно комплексни за да треба да размислиш за да победиш во нив“, вели студентката на ФЕИТ.

Не е по виртуелните игри, а да играат во дигиталниот свет немаат навика ниту нејзините пријатели.

„Младите прилично многу, особено во последните години, сакаат да играат повеќе 'олдскул' игри. Освен некои друштвени игри што се купуваат, табла, шах и јамб најчесто се играат за забава, разонода и општо, за дружба. Тие навики не изумираат туку доста се негуваат и чести се, барем во моите кругови на луѓе“, истакна Митовска.

Убавината на игрите лице в лице според неа е во тоа што како недигитални и друштвени бараат да излезеш со пријатели, да се видиш и да испиеш некое кафе додека се забавуваш. Па, иако постојат дигитални верзии на игрите од „старата школа“, сепак за неа, играње во живо останува единствен избор.

Игра - Брза географија
Игра - Брза географија

Студентот на Педагошкиот факултет во Скопје, Христијан Златевски, пак, игра и во живо и онлајн. Но, не затоа што му е сеедно дали ќе е дигитално или не, туку бидејќи ретко наоѓа врсници расположени за партија во живо. Вели дека тие спортуваат, но многу малку играат шах и судоку на пример. Повеќе гледаат филмови и играат компјутерски игри. За него, решавањето на класична рубикова коцка е посебна пасија.

„Мојот рекорд за решавање класична рубикова коцка е педесеттина секунди. Обично ја решавам за минута до две. Судоку играм веќе 4-5 години и досега сè што сум видел и сакал сум успеал да решам. Но, многу мал број на другари ги играат овие игри. Повеќе сe заинтересирани за компјутерските како 'Лига на легенди' (LOL) на пример, или некои други англиски игри“, вели Златевски.

Христијан Златевски, студент
Христијан Златевски, студент

Христијан е претседател на Факултетското студентско собрание на Педагошкиот факултет. За себе вели дека е амбициозен, па барал нешто со кое ќе ја подобри интелигенцијата.

„Сакав да станам попаметен, со тоа да успеам да бидам и да останам помеѓу најдобрите ученици и студенти и да просперирам. Тоа беше мојата филозофија и план и почнав да истражувам. Се фокусирав на судоку, рубикова коцка и други игри за подобрување на речникот, математичките способности и слично“, додаде студентот.

Подобро е да држиш рубиковата коцка в раце и да ја решиш сам, отколку да следиш компјутерски калкулатор кој ќе ти помогне да стигнеш до решение. Едно е да играш шах во живо или да се натпреваруваш со пријател кој побрзо ќе реши судоку, а друго е тоа да го правиш онлајн, смета Христијан.

Како заменски наставник во скопско основно училиште, тој забележува дека новите генерации почесто „се среќаваат“ во дигиталниот свет и таму играат, дури и кога седат еден до друг.

„Со тоа што технологијата се подобрува, има вештачка интелигенција која може сè да реши, нема толку дружба. Сега сè е дигитализиирано и нема многу физичка активност. Децата во повеќе земји кадешто технологијата е повеќе развиена се и подебели и тоа станува сè поекстремно како што минуваат годините“, истакна тој.

Покажи дека си мајстор на свој начин

Универзитетското студентско собрание на УКИМ организира натпревар во брза географија, шах, рубикова коцка и јамб, за како што вели првиот човек, Славчо Темелковски, да се понудат уникатни настани и да се вратат младите на некои подзаборавени навики.

„Верувам дека и покрај сè што се случува со дигитализацијата, сепак има голем број на студенти кои ги играат овие игри. Сакавме да им дадеме простор на оние кои можеби тоа го прават поактивно, а тука кај нас немам забележано каде можеле досега да ги покажат нивните спосбности“, вели претседателот на УСС на УКИМ, Темелковски за РСЕ.

Тој познава многу млади кои играат игри од „старата школа“, а и самиот често игра шах и брза географија со пријателите. Она што му дало ветер во грбот за организација на настанот е позитивното искуство на ФЕИТ каде за организиран натпревар во шах, како што вели, местата се пополниле многу брзо.

„Иницијативата е многу добро прифатена и мислам дека ќе стане еден вид на традиција во наредните години, бидејќи е одлична можност за сите студенти, ете и во живо да играат. Ќе биде еден голем настан каде ќе има повеќе од верувам - стотина, двесте учесници“, вели претседателот на УСС на УКИМ.

Локацијата на настанот ќе зависи од бројот на пријавени учесници, а планирано е да се одржи во текот на април. Рокот за пријавување е до 15-ти март.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG