Достапни линкови

Младите полесно препознаваат кога на интернет „нешто смрди“


Илустрација
Илустрација

Речиси 70 отсто од младите се информираат на социјалните мрежи, 19% ги користат интернет порталите, а 8,2% од младите се информираат од другарите... Ова се само дел од младинските трендови од истражувањето на Агенцијата за млади и спорт, а кои за РСЕ ги коментираше комуникологот Бојан Кордалов

Дваесетишестгодишната Атина вели дека се „закачува“ на интернет „за добро утро“.

„За мене, денот почнува со комбинација, односно проверка на социјалните медиуми, а потоа и интернет порталите. Главно, се информирам од социјалните медиуми, но доколку сакам подетални информации ги користам интернет порталите за да дознаам повеќе", вели Атина.

Таа е една од 1200-те млади на возраст од 15-29 години кои учествувале во Истражувањето на младинските трендови, спроведено од Агенцијата за млади и спорт, во периодот јануари-април 2022 година. Опфаќа осум области, а една од нив е локална младинска работа и младинско информирање.

Колку се „виси“ на веб?

Резултатите покажуваат дека речиси 90% од младите до информациите доаѓаат преку социјалните мрежи и интернет порталите. 68,4% од младите ги користат социјалните мрежи како главно место каде се информираат за прашањата кои се значајни за нив. 19,4% ги користат интернет порталите, а 8,2% од младите луѓе истакнале дека се информираат од своите другари.

Еден од заклучоците покажува дека 67 % од младите на возраст од 15 до 19 години, дневно поминуваат повеќе од пет часа на интернет.

Комуникологот и експерт за социјални медиуми Бојан Кордалов вели дека клучно е како тие го поминуваат времето онлајн и колкава е дигиталната писменост.

„Веќе доцниме со сфаќање дека не е важно колку, туку како го поминуваме времето на интернет. Тоа е клучната работа. Бидејќи вие може да поминете и три часа на интернет, читајќи некоја книга онлајн или гледајќи некое едукативно видео, подготвувајќи се за некој работен состанок и слично и тоа да биде квалитетно поминато време. Меѓутоа, во исто време, да речеме едно дете на мала возраст може да помине и десет минути гледајќи несоодветна содржина, па да создаде трауми коишто ќе треба цел живот да ги носи и ќе треба да ги лечи. Од друга страна, како што дигиталното време ќе се зголемува, како што едноставно времето ќе оди напред, толку позависни ќе бидеме од дигиталните технологии и повеќе време ќе поминуваме онлајн“, изјави Кордалов за РСЕ.

Важно е да се препознае што е лажно

„Социјалните мрежи се мојот прв и единствен избор и место каде можам да дојдам до релеватни информации, но не сум секогаш сигурен дека тие се точни", вели седумнаесетгодишниот Димитрија, кој е еден од анкетираните.

Според Кордалов, младите се во предност пред возрасните во онлајн светот, бидејќи побрзо и полесно можат да препознаат дека во сервираното нешто „смрди“.

„Јас сум поборник на тоа дека младите се многу позаштитени на интернет отколку повозрасните. Веќе доаѓаме во доменот на дезинформациите, лажните вести и теориите на заговор. И тука мислам дека многу помал степен на медиумска писменост имаат повозрасните генерации, кај кои во одреден период, особено во подоцнежниот живот, интернетот станува дел од нивното секојдневие а претходно живееле во еден ситем кадешто информациите биле пласирани како таканаречени сигурни и безбедни и никој не ги проверувал. За разлика од тоа, денешните генерации млади се раѓаат, живеат, учат, работат со интернет технологиите и им е многу поедноставно да ги препознаат вистинските од лажните содржини“, додава комуникологот.

Колку медиумите ги „есапат“ младите?

На прашањето колку медиумите обрнуваат внимание на содржините за млади во нивната програма, 59,2% од младите истакнале дека тоа е недоволно, наспроти 9,2% кои сметаат дека медиумите обрнуваат големо внимание на содржините за млади. Од вкупниот број испитаници, 17,1% сметаат дека тоа е доволно, а 14,5% немаат став.

„Во медиумите недостасуваат дебатни програми, емисии во кои ќе се пренесуваат и слават постигнувањата на успешни млади од нашата држава", изјавил 19-годишниот Егон за време на истражувањето.

Приказните во кои се истакнуваат постигнувањата на успешни млади од нашата држава, можете да ги следите во категоријата - Моја порака на нашиот веб сајт. Дебатните емисии на теми кои ги засегаат младите, можете да ги погледнете во делот - Слободоумни. Или, едноставно, можете да ја следите посебната секција на нашата интернет страница, насловена Нова генерација, која е посветена, пред сè, на младите.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG