Достапни линкови

„Дружба и љубов, наместо плукање по социјални мрежи“


Мурал во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје, кој беше нацртан за време на настанот „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“
Мурал во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје, кој беше нацртан за време на настанот „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“

Средношколци од „Јосип Броз Тито“ размислуваа за опцијата омразата да се замени со љубов, а дел од нив со РСЕ споделија впечатоци за тоа што преовладува меѓу младите. Тие беа дел од настанот „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, која се фокусира на борбата против говорот на омраза

„Сметам дека во нашата држава преовладува омразата искрено, бидејќи сите се ангажирани, си го гледаат своето, не гледаат многу за другите. И тоа според мене е себично. Сепак, ние сите сме едно, сите сме заедно во ова и мислам дека можеме да споделуваме повеќе љубов, наместо омраза“, изјави за РСЕ, Коста Белевски, ученик во трета година во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.

Неговата соученичка Магдалена вели дека е опкружена со луѓе што имаат разбирање и што шират љубов, но била сведок и на поинакви ситуации во меѓу врсниците.

Средношколката Магдалена Гочева
Средношколката Магдалена Гочева

„Не може да се зборува генерално, но често се случува младите да се себични бидејќи не се доволно зрели да размислат за некои постапки. Па, мислам дека ако се подигне свесноста, може да се решат и тие проблеми“, изјави за РСЕ, седумнаесетгодишната Магдалена Гочева.

Токму во рамки на училишниот двор на училиштето на Коста и Магдалена, изминатава сабота се случи првиот промотивен настан на заедничката кампања на Европската Унија и Совет на Европа, „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, која се фокусира на борбата против говор на омраза.

Како љубовта да ја победи омразата?

Средношколецот Коста Белевски
Средношколецот Коста Белевски

„Дефинитивно повеќе и поквалитетен социјален живот кај сите. Повеќе да има дружби, повеќе да биде позитивно и да се исфрли таа негативна енергија којашто сите ја имаме на страна. И нормално, сите проблеми коишто ги имаме, можеме да ги зборуваме со пријателите, за да не останат во нас и да не не влечат надолу, кон негативното. Мислам дека таа позитива може да се постигне со повеќе дружба и социјализација. Така што, автоматски, со тоа ќе бидеме сите посреќни и повеќе ќе се дружиме и љубовта ќе преовладува над омразата“, вели средношколецот Белевски.

„Тие проблеми можат да се решат со подигнување на свесноста кај младите, за тоа какви последици има тој булинг, колку лошо може да влијае и да уништи животи на други млади“, додава гимназијалката Гочева.

Коста и Магдалена, заедно со соучениците, но и во друштво на случајни минувачи, цртаа мурал на ѕидот на средното училиште за како што велат, да пратат порака, да споделат љубов и да ги повикаат сите млади да се обединат против омразата и дискриминацијата.

Според Александар Каратошо, еден од младите европски амбасадори кои беа присутни, концептот на настанот е вистински пат до младите.

Младиот европски амбасадор Каратошо
Младиот европски амбасадор Каратошо

„Сметам дека ова дефинитивно е потребно, затоа што социјалните мрежи се преполни со омраза, луѓето се чувствуваат поудобно можеби дома пред компјутерот да шират многу поголема омраза отколку што би ја ширеле лице во лице, во живо. Мислам дека многу е добра таргет групата- младите, целата кампања е „youth friendly“, во средно училиште, со средношколци, со млади луѓе. Ова е на еден начин помодерна кампања, не е со флаери, не е стандардна, туку е со графити, со делење разни предмети како беџови, стикери- нешто што е попријателкси настроено кон младите“, изјави за РСЕ Александар Каратошо, млад европски амбасадор од Западен Балкан.

На настанот беа присутни и дел од Амбасадорите против говор на омраза. Организаторите велат дека кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има за цел да ја крене свесноста околу различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини за спротиставување на говорот на омраза.

Низ фотографии ѕирнете во атмосферата за време на настанот

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG