„Младите лесно ги трошат парите бидејќи не знаат колку е тешко родителите да ги заработат“- вели средношколецот Дино Дановиц од скопската гимназија Јосип Броз Тито, во разговор со РСЕ. Искрен е дека и самиот тој понекогаш не е исклучок, но, како што вели, знае да се „стегне“ ако треба да заштеди.
Со 14-годишниот Дино, како и со една година постарата Матеја Талеска разговаравме за џепарлакот на младите, за тоа дали знаат да го менаџираат она што им го даваат родителите и најмногу за тоа дали младите се „трошаџии“ или знаат да заштедат. Дино и Матеја се финалисти на „Европскиот квиз на пари”.
„Повеќето деца навистина ги трошат парите од џепарлакот за глупости. И јас сум таков пример. Ќе си купам сокче, па нешто благо, потоа повторно нешто благо... Но, кога треба да штедам, тогаш внимавам. Штедам така што јадам дома или си земам јадење од дома. Нема потреба да јадам во школо ако се обидувам да заштедам нешто. Знаете како е кај сите млади, не само кај мене? Кога имам пари, брзо ќе ги потрошам, кога немам ќе штедам три дена на пример. Ако споредиме 100 денари и 500 денари... Ако има, 500 денари, од нив денеска ќе потрошам 300, ќе ми останат 200 за утре. А ако имам само 100 денари, ќе потрошам 50 денеска, а 50 за утре ќе ми останат“, вели 14-годишниот Дановиц.
Неговата соученичка Матеја има впечаток дека соодносот меѓу младите кои знаат добро да го распоредат џепарлакот и оние кои трошат без да му ја мислат е 50:50.
„Некои знаат да управуваат со пари, но некои не, зависи од човекот. Мислам дека генерално ситуацијата е пола-пола. Имам пријатели кои имаат визија, односно знаат колку може да си дозволат да дадат од џепарлакот за тоа што го сакаат да го купат, знаат колку ќе им служи тоа. Но сум сретнала многу млади кои немаат многу контрола врз тоа колку пари даваат, односно не размислуваат понатаму што ќе се случи“, изјави средношколката Матеја Талеска за РСЕ.
Матеја и Дино последниов период се посветиле на учење на тема - пари, па успеале да победат дури 439 тимови и да бидат избрани за наши претставници на финалето на „Европскиот квиз на пари”.
„Мислам дека младите во другите држави подобро раководат со парите, бидејќи имаат многу повеќе едукација на таа тема. Јас на пример учев само од мајка ми, а немав баш многу наставен материјал, само една презентација. Мајка ми сакаше да се пријавам, таа порано работеше во осигурување и многу ми помагаше околу учењето. Овде ги знаев сите прашања и ми беше лесно. Ќе видиме што ќе се случи во финалето, но верувам дека можеме да направиме добар резултат“, вели Дановиц.
И Матеја имала помош од својата мајка.
„Финансиското знаење го добив од мајка ми најмногу, бидејќи таа е дипломиран економист и веќе тоа знаење ми го пренесе, а учев и од презентациите. Бидејќи економијата е важен дел од сечиј живот, мислам дека треба да знаеме некои работи за понатаму. Најмногу затоа се пријавив“, вели 15-годишната Талеска.
Националниот натпревар, на кој учествувале 878 ученици под менторство на 94 наставници/професори од 72 основни и средни училишта од целата земја се одржа по четврти пат, за време на Глобалната/европската недела на пари. Менторка на Матеја и Дино беше професорката Емилија Величкова.
Европското финале, ќе се одржи на 10. мај, виртуелно. Освен со пари, за првпат, Европската банкарска федерација петте најдобри тимови ќе ги награди со дводневно патување во Брисел, Белгија, соопштија од Македонската банкарска асоцијација на својата веб страница.
Опцијата да патува во Брисел е дополнителна мотивација за Матеја која вели дека многу сака да патува и да посетува нови места. Марко мисли дека искуството ќе му помогне подобро да менаџира со пари во иднина.
„Европскиот квиз на пари” е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на ученици од 13 до 15-годишна возраст, што Македонската банкарска асоцијација го организира во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност.