„Понекогаш бегам од часови, а мислам дека главна причина за бегање е менталниот умор поради потребата за постојано посветување на внимание за време на часовите. Барем во мојот клас, причина е она планирано оценување, кадешто се создава уште еден вид на стрес“
Вака средношколка од една скопска гимназија ги опишува своите, но и причините за бегање од часови на нејзините врсници. Таа е една од четворицата гимназијалци кои, анонимно, раскажаа дали, кога и зошто се бега од часови. Тие велат, се бега од часови за да избеге испрашување, други од солидарност, а има и такви кои одат во кафуле додека другите се на час. Некои не се појавуваат на училиште за да се појават на работа.
Каде е проблемот?
„Искрено ретко бегам од часови. Бегам ако се бега колективно, за да не останам јас единствениот кој на некој начин ќе го предаде класот. Повеќето најчесто бегаат бидејќи не се подготвени за часот“, изјави за РСЕ средношколец од скопска гимназија.
Негова врсничка од Скопје потенцира дека некои ученици бегаат од здодевност, бидејќи како што вели, има професори кои држат „монолози“, а младите се психички уморни.
„Понекогаш бегам од часови, а мислам дека главна причина за бегање е менталниот умор поради потребата за постојано посветување на внимание за време на часовите. Барем во мојот клас, причина е она планирано оценување, кадешто се создава уште еден вид на стрес. Така се создава и навиката да се бега. Времетраењето на часовите и самиот школски ден би го поврзала со таа психичка истоштеност. Тука е и интерактивноста на часовите, што многу често не постои, односно професорите знаат често да држат „монолози“ и така да ја предадат лекцијата. Вака, повторно се губи интересот и желбата на учениците, вклучувајќи ме и мене, да присустуваат на тие одредени часови“ изјави средношколката за РСЕ.
Средношколец од Гевгелија вели дека не „гласа“ за бегање од часови.
„Јас не бегам од часови, бидејќи еве, ќе земам еден пример, кога повеќето од класот сакаа да бегаат поради тест, а никој не беше подготвен, но исто така знаевме дека нема да се подготвиме за следниот час повеќе, дојдовме до заклучок дека нема поента да избегаме од часот и сите останавме. На некои ученици им е буквално здодевно на часови и тогаш некој оди на кафе, некој си оди дома, а некој пак бега за да оди на работа“, истакна средношколецот од гевгелиска Гимназија за РСЕ.
Негова сограѓанка која исто така „не е по бегањето од часови“ има чувство дека никој не ги прашува младите како се чувствуваат.
„Обично не сакам да бегам кога имам испрашување и слично бидејќи така само си ја „влечам“ работата, не го решавам проблемот. Но, има многу млади кои имаат какви било проблеми во приватниот живот и едноставно ментално веќе не можат да бидат на одреден час, а никој не прашува - како се чувствуваат младите?!“, изјави младата гевгеличанка за РСЕ.
Етикетата на „црна овца“
Што кога сите бегаат, а еден или малкумина решаваат да останат?
„Во моето училиште можеби не се случува некое директно посочување со кое другите ученици ќе го напаѓаат тој што не избегал или нешто такво, но сите меѓусебно како по некој непишан договор, го гледаат на друг начин и имаат поинаков став кон него“, вели средношколецот од Скопје.
„Не знам дали е до мојата среќа, но сме навистина сложен клас и ако се бегаме сите-бегаме сите, но тоа навистина ретко се случува“, вели 17-годишната ученичка во скопска гимназија.
„Доколку веќе сите решат да избегаат и само еден или двајца прават проблем, тие се делат, на крајот мнозинството треба да победи“ истакнува гевгеличанката.
„Искрено не би ми било проблем да бидам „црната овца“ и да останам, но ако мнозинството одлучи да се бега, нема да ги оставам и да останам само јас на часот. Прво би предложил да одиме директно со професорката да го решиме проблемот на пример, но во краен случај, ако не може и така да се реши, тогаш би бегал и јас“, вели 18-годишниот гевгеличанец.
Кои се последиците?
„Неоправданото изостанување од настава ние во училиштата го третираме како проблем за кој работиме на повеќе нивоа. Прво сигнализира класниот раководител, па разговара со ученикот, да види што се случува, а потоа се вклучува стручната служба. Ако ова се интензивира, ние имаме едно упатство за изрекување на педагошки мерки во јавните средни училишта, каде се наведени критериумите и постапно се изрекуваат педагошки мерки. Но, не е само изрекувањето на мерката, туку се повикува и родител, па се прави една анализа зошто се случува тоа и му се укажува на ученикот за сериозноста на неговото постапување и потоа се следи дали ученикот почнал редовно да доаѓа на настава“, изјави за РСЕ, Ана Поп Ризова, училиштен психолог во СУГС „Орце Николов“.
Како да се реши проблемот?
„Решението е да се остави малку поголема флексибилност кај професорите, кадешто нема да биде некоја страшна работа доколку во одреден момент ученикот не е подготвен“, смета средношколецот од Скопје.
Младите велат дека има професори кои прифаќаат да одложат испрашување за следен час, но има и такви кои цврсто стојат на ставот дека не може да се одложи. А некогаш се обидуваат со опцијата - „побарај помош од класен раководител“ за одложување на испрашувањето кое е повод за бегање.
„Во најголем број случаи позитивно го решаваме спорот. Кога децата ќе се обратат со таква желба или со таков „апел“ за помош, обично класниот раководител наоѓа соодветно решение со предметниот професор и гледаме да им излеземе во пресрет. Но, многу сурово звучи реченицата - или ќе ни помогнете или ќе избегаме. Тоа е уцена... “, изјави за РСЕ, Снежана Станкова, професорка по македонски јазик и литература и класна во трета година во СУГС „Никола Карев“.
Станкова вели дека учениците стануваат свесни дека разговорот може да биде решение, а класниот раководител не треба да заборави дека воспитно-образовен процес, најпрвин значи воспитен процес. Таа истакнува дека не би требало да се впери прстот ни кон едните ни кон другите. Според неа, професорите треба да ги почитуват децата, да ги воспитуваат и потоа да ги образуваат, бидејќи, како што вели, така учениците нема да мислат дека професорите се здодевни, ниту дека се индиферентни кон нив или кон програмата.
„Ние треба да ја сакаме професијата и кога ќе дојдеме на училиште да знаеме зошто сме таму. Не само образование, образование, образование“, заклучува професорката.