Достапни линкови

Како против сексуалното вознемирување на училиште?


Илустрација- Ученичка за време на час
Илустрација- Ученичка за време на час

Средношколка прави истражување на тема сексуално вознемирување во средните училишта Македонија, за да собере искуства и да потенцира проблем. Психолог во средно училиште вели дека младите некогаш не се ни свесни дека се жртвата во проблемот.

За да пријават дека биле сексуално вознемирени, младите прво треба да препознаат дека се ставени во ситуација на жртви на сексуално вознемирување. Ваква е пораката на Светлана Аспровска Тодоровиќ, училишен психолог во скопската гимназија „Ѓорѓи Димитров“. Таа вели, се случува различните генерации да имаат различни дефиници.

„Во поново време некако младите не ја препознаваат границата. Многу често се случува нешто што ние како повозрасни би го препознале како сексуално вознемирување, тие да го класифицираат во некоја категорија -дека тие така си зборуваат меѓу себе, таков е нивниот жаргон“, вели Аспровска Тодоровиќ за РСЕ.

Што е сексуално вознемирувње?

„Кога станува збор за вербалното, секако користење на одредени стереотипи, предрасуди, навредување на учениците на основа на род и пол, секакво омаловажување од аспект на родова припадност, би било сексуално вознемирување. Она што е физичко, од несакани допири, од повторување на некои активности. Сè што е нарушување на границата на една индивидуа, без согласност на другата страна е вознемирување. Сè што е поврзано со полот и родот и со сексуалноста е сексуално вознемирување. Никој не смее да влезе во вашето лично поле без да има согласност од вас и сè што е прекршување на таа граница претставува сексуално вознемирување“, потенцира психологот.

Во делот на превенција, таа истакнува дека училиштата организираат активности за да ја подигнат свеста меѓу учениците, а особено важно е да се развие чувството во емпатија за младите да сфатат како се чувствува другиот кога кон него некој се однесува на начин кој се смета за сексуално вознемирување.

Што понатаму?

Откако ќе го препознаат насилството, младите треба да го знаат протоколот за да пријават. А за тоа да се случи треба да бидат охрабрени и да знаат дека ќе бидат слушнати, вели Аспровска Тодоровиќ и препорачува младите да се обратат кај училишниот психолог или педагог, или на кое било лице од доверба.

„Може да се случи детето да има поголема доверба во некој од предметните наставници кои предаваат на пример физика, хемија и тоа е сосема оправдано, бидејќи се гледаат секој ден, градат однос на доверба. Потоа наставникот ќе пренесе на стручната служба и ние во доверба ќе им помогнеме да се справат со ситуацијата и соодветно ќе интервенираме“, додава Аспровска Тодоровиќ.

Досега не се случило некој ученик да пријави конкретно таков тип на однесување кај неа, па ги охрабрува младите да го сторат тоа кога ќе го забележат.

„Полесно е пред врсниците“

Ако оди потешко отворањето пред возрасните, полесно е пред соучениците. Барем таков е впечатокот на Адора Лимани која е претседателка на феминистичкиот клуб во меѓународната гимназија „Нова“ и главна на истражувачкиот тим во Сојузот на средношколци. Таа периодов ги поврзува двете функции со една цел- да дознае колку младите во средните училишта се соочуваат со сексуално вознемирување. Нејзиниот тим направил анкета која се надеваат дека ќе стигне до што повеќе ученици од средни училишта во земјава.

„Веќе имам околу триесетина одговори само од луѓе од мојот клуб, а не ѝм ни кажав да пополнат, туку само да ја погледнат и да ми кажат што мислат. Има дел во анкетата кадешто луѓето може да споделат специфично искуство и многу од испитаниците го направија тоа. И знаев дека ќе сакаат бидејќи ако се чувствуваат слободно да го споделат тоа со некој соученик, со оглед на тоа што ние не сме дел од администрацијата, наставниците и слично, би го споделиле и со нас. Исто така, бидејќи ние сме група на девојки, а анкетата во најголем дел ги таргетира токму девојките и досега имаме околу 40 одговори“, вели шеснаесетгодишната средношколка за РСЕ.

Средношколката Адора Лимани која работи на истражувањето
Средношколката Адора Лимани која работи на истражувањето

Колку често се случува?

„Уште го шириме муабетот наоколу. Баш денеска го споделив ова со луѓето во Извршниот одбор, па тие ќе пренесат во своите училишта во текот на оваа седмица. Исто така имаме тесна соработка со едукаторите од „ХЕРА“ кои ќе им пренесат на нивните ученици. Од досега анкетираните 89 % тврдат дека биле сексуално вознемирени во училиште, а околу 90 отсто велат дека познаваат соученик кој бил сексуално вознемируван на училиште. Според овој мал примерок кој го имаме досега , гледам дека повеќето имале вакво искуство“, додаде Лимани.

Податоците добиени во оваа фаза од истражувањето, покажале дека сексуалното вознемирување во училиштата најчесто е повторувачко искуство.

„Повеќето велат дека биле сексуално вознемирувани 2-5 пати, па ова не е нешто што се случува само еднаш. Најчесто се случува барем два пати и само неколкумина го искусиле само еднаш. Повеќето велат и дека не прават ништо во врска со тоа бидејќи вознемирувањето често се случува дури и во простор каде се присутни возрасните или наставниците на пример, но и тие не прават ништо. Најмногу што прават младите е можеби да споделат со пријател и не го пријавуваат вознемирувањето бидејќи знаат дека нема да бидат сфатени сериозно“, истакна средношколката.


Собраните искуства и бројки ќе ги искористат за кампања која главно ќе се одвива онлајн, но ќе се потрудат да привлечат внимание кон темата и со постери и стикери кои ќе се лепат низ училиштата. Сакаат да стигнат до што е можно повеќе ученици, а би биле задоволни со околу 300 испитаници. Во оваа фаза се опфатени училишта од Скопје, но и од Велес и Тетово.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG