Достапни линкови

Од срам и страв молчат жртвите на сексуално вознемирување


Архивска фотографија: Скопје се вклучи во глобалната кампања One Billion Rising за запирање на насилството врз жени и девојки на 14 февруари 2013
Архивска фотографија: Скопје се вклучи во глобалната кампања One Billion Rising за запирање на насилството врз жени и девојки на 14 февруари 2013

Страв од отказ, срам од околината, институции кои се незаинтересирани, правни процеси кои тешко се докажуваат, го прват уште потежок животот на жртвите на сексуално вознемирување на работно место, па затоа тие најчесто молчат. Низа скандали на глобално ниво, поттикнаа широка дебата за тоа, што значи кога некој ќе каже „НЕ“.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 4 ноември 2017

Во Македонија нема официјална бројка на жените кои биле жртви на сексуално вознемирување на работното место. До септември годинава во МВР се регистрирани 70 кривични пријави против половата слобода и морал, од кои 37 се случаи на силување. Упатените велат дека бројката е висока, но дека свесноста за препознавање и пријавување на овој феномен е се уште ниска. Истражувањето кое на оваа тема го направи Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, а кое опфаќа 809 испитанички покажува дека скоро 17 проценти од нив биле жртви на некаков вид на полово вознемирување на работно место.

Марија Гелевска од ова здружение истакнува дека половото вознемирување се јавува во неколку облици, како вербално и невербално однесување, но и како директен физички контакт кој предизвикува сериозни емоционални последици врз жртвата.

„Жените низ вака расчленети форми на сексуално вознемирување на некој начин и ги препознаа облиците на сексуално вознемирување на работно место. Најчесто е невербалното вознемирување кое подразбира одредена комуникација којашто е преку одредени визуелни, пишани содржини со сексуална конотација, коишто на некој начин придонесуваат жртвата да се чувствува непријатно, недостоинствено и кои ја ставаат во позиција таа да биде во подредена позиција во однос на тој што ја вознемирува“, вели Гелевска.

Она што е индикативно, е тоа што мал дел од жртвите случајот го пријавиле формално во институциите. Гелевска вели дека сепак дел од нив презеле лична реакција, односно му укажале на лицето кое ги вознемирило дека се чувствуваат непријатно и дека можеби понатаму ќе следи одредена пријава до работодавач. Резултатите од истражувањето покажуваат дека само една третина од жртвите формално пријавиле дека биле жртви на полово вознемирување. Повеќе од 50 проценти, пак, пријавиле само до раководното лице во организацијата. Причините поради кои жените не се осмелуваат да го пријават случајот до институциите се во корелација со родовата нееднаквост во македонското општество, вели Гелевска.

Жртвите молчат оти се плашат од отказ, но и се срамат

„Имајќи го предвид целиот тој контекст во којшто се наоѓа жената, а тоа го покажаа и податоците од истражувањето, тоа е дека во најголем жртвите се соочуваат со страв дека ќе им биде даден отказ од работното место, потоа срам од колегите, од блиските, од потесното семејство, дека можеби тие го предизвикале случајот, оти кај нас перцепцијата е дека најчесто жената е таа којашто го предизвикува сексуалното вознемирување на работното место и дека тие ќе бидат обвинети за тоа што им се случува“, вели Гелевска.

Последното истражување на тема сексуално вознемирување на жени, но на јавен простор го работеше тинк-тенк организацијата Реактор. Истражувањето покажало висок процент на жени кои биле жртви или слушнале за сексуално насилство од блиска пријателка, колешка, другарка. Како и во претходното истражување, симптоматично е што речиси секоја од овие жени не го пријавила случајот во надлежните институции и тој останал во кругот на најблиските.

„Она што застрашува е феноменот на непријавување, во таа смисла овој проблем во нашето општество се пика под тепих и за него не се разговара, се што е понатаму во овој процес паѓа на товарот на жртвата и таа треба сама да го изоди тој пат а ние сме сите свесни дека тој пат не е лесен и не се оди сам. Тој пат може да се чекори само по завршување на правдата, односно доколку насилникот биде санкциониран за делото што го направил“, вели Ирена Цветковиќ, активистка во Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници.

Цветковиќ истакнува дека државата посериозно треба да се занимава со проблемот и треба да развива стратегија како да се справиме како општество со ова. Според Цветковиќ, постојат повеќе причини поради кои жртвите на полово вознемирување не се осмелуваат да го пријават случајот во надлежните институции.

„Ако се има предвид дека сексуалното насилство се случува на работното место, особено од некој надреден, тогаш стравот дека може да се изгуби работата е една голема причина зошто за ова не се зборува. Понатаму друга причина е срамот, ние живееме во конзервативна средина која секогаш ги оптеретува жртвите и заради него жените полесно им е да го премолчат или да се доверат во кругот на најблиските. И конечно третата причина, е исклучително високата недоверба во институциите. Голем број од жените сметаат дека институциите не можат да ги заштитат во случаи на насилство особено не во сексуално насилство“, вели Цветковиќ.

Институциите не регираат

Ситуацијата не е многу поразлична и во медиумскиот сектор. Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници вели дека единствениот случај на пријава на сексистичко вознемирување бил пред неколку години кај една новинарка која била предмет на вознемирување преку социјалните мрежи, но и покрај реакцијата на Синдикатот и Меѓународната федерација на новинари, институциите останале глуви, а недостасувала и колегијалната солидарност.

„Во такви ситуации кога и жртвата ќе се охрабри да проговори, таа станува жртва на дупла виктимизација. За жал, сексуалното вознемирување останува проблем за кој упорно се молчи, иако непримерените коментари, третирањето на колешките како сексуални објекти имаат драматично влијание и на нив, но и на квалитетот на нивната работа и живот“, вели Чаусидис и додава:

„ССНМ знае за неколку случаи за кои постои таканаречена предаторска атмосфера во редакциите особено кон нови и помлади колешки, тоа е јавна тајна, но за неа никој, па дури ни жртвите не сакаат да зборуваат“, изјави Чаусидис.

Правната битка тешко се води

Жртвите на полово вознемирување на работното место имаат правна заштита која им ја обезбедува Законот за заштита од вознемирување на работно место и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Но, проблемот според упатените е тоа што најголемиот дел од институциите немаат механизми за следење и пријавување на оваа појава, така што жртвите не знаат како да постапат доколку такво нешто им се случи во работната средина.

Адвокатката Маја Ристова која повеќе години работи на предметите поврзани со психичкото вознемирување на работното место (мобинг) и половото вознемирување, вели дека во нејзината адвокатска канцеларија доаѓале странки кои побарале правна помош затоа што биле жртви на полово вознемирување на работното место, но дека на крај сепак се откажале да ја истераат правната битка. Ристова објаснува дека иако е тешко да се докажат ваквите случаи, секогаш постои начин правдата да биде задоволена.

„Навистина тешко се докажува, но ги охрабрувам сите дека сепак се докажува. Како? Имаме случаи каде што постојат смс пораки, мејлови со недолична содржина, понатаму таму кадешто имаме преписки од мобилни апликации, сите тие можат да се користат како докази во постапката. Честопати имаме и вербални докази, односно сведоци. Вознемирувачот некогаш тоа го прави во присуство на други лица, па може да има и сведоци кои се користат како доказ. Ако пак постојат снимки и ако се тие овластени,односно ако вознемирувачот знае дека тој простор се снима и сепак тоа го прави, тогаш и тие снимки можат да бидат доказ во постапката", објаснува адвокатката Ристова.

Случаите на полово вознемирување се решаваат преку вонсудска и судска постапка. Вонсудската постапка најчесто завршува со мерка која ја презема работодавачот, додека во судската најпрво се утврдува дали имало полово вознемирување, а откако ќе се утврди се бара надомест на штета чија висина зависи од тоа какви се последици биле предизвикани кај жртвата.

Фактот што многу малку жртви се обидуваат јавно да проговорат за тоа што им се случило е показател на вредносниот систем во македонското општество, велат нашите соговорници. Предрасудите од типот „како ќе се омажам подоцна или со какви очи ќе ме гледаат соседите и пријателите кога ќе дознаат дека сум била жртва на полово вознемирување“ се само дел од причините поради кои жртвите продолжуваат да молчат, а работите не се менуваат на подобро.

Неколку скандали покренаа глобална дебата

Но, насилството на работното место, без оглед на тоа дали се работи за физичко, психичко или сексуално малтретирање, е глобална појава што ги загрозува работниците не само во ЕУ туку и во целиот свет. Првото големо истражување во врска со оваа појава е направено во 2000 година над бројка од 21.500 вработени во земјите членки на ЕУ.

Истражувањето е спроведено од страна на Европската фондација за подобрување на условите за живот и работа и се добиени следниве резултати: 2 проценти (поточно 3 милиони работници во ЕУ) биле мета на физичко насилство на своето работно место; 2 отсто биле мета на сексуално насилство и 9 проценти (или 13 милиони работници во ЕУ) годишно, биле изложени на психичко малтретирање на работното место, односно биле жртви на мобинг.

Кога „не“ навистина значи „не“
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:15 0:00

Овој феномен не е карактеристичен само за нашето општество. Сексуалното злоставување во Холивуд кое деновиве е во центарот на вниманието поради случајот со продуцентот Харви Вајнстин не е ограничено само на филмската индустрија, туку е присутно и во другите професии. За овој проблем дебата одржаа и пратениците во Европскиот парламент, откако беше обелоденото дека такви случаи имало и во институциите на Европската унија.

Гоце Атанасов.

Скандалот со Харви Вајнстин поттикна глобална дебата за сексуалното вознемирување на работното место. Вајнстин е обвинет од многу жени дека сексуално ги малтретирал или напаѓал во инциденти што датираат од 1980-тите, меѓу нив и три кои велат дека биле силувани. Тој негира дека имал неконсензуален секс со некого. Како и да е, се поголем број жени јавно почнаа да говорат дека имале такво искуство. Хаштазите како #MeToo (И јас исто) кои се појавија на социјалните медиуми станаа место за примери на сексуално вознемирување.

Весникот „Сандеј тајмс“ дури објави статија во која женски помошници на пратеници во Европскиот парламент наведуваат дека биле жртви на сексуално вознемирување од политичари. Токму поради тоа парламентот свика итна дебата на оваа тема. Обраќајќи им се на пратениците, еврокомесарот за трговија Сесилија Малмстром рече дека една од секои три жени била жртва на некаков вид физичко или сексуално насилство.

„Но, овие статистики не кажуваат доволно лични приказни и причината за која дебатираме денес е, се разбира, поради глобалното движење „МеТоо“. Вистински приказни кои експлодираа во социјалните медиуми и другите комуникациски форуми во последниве недели. Приказни кои се чуваат заклучени, во сеќавањата и во срцата и умовите на милиони жени ширум светот кои страдаат, кои тивко се обидуваат да заборават или да се справат со ова, или да ја игнорираат болката“, рече Малмстром.

На пленарната седница европратеничката Тери Рајнтке, членка на германските зелени изјави дека таа лично била сексуално малтретирана исто како и милиони други жени во Европската унија.

„И мислам дека е време многу јасно да се каже дека не треба да сме засрамени, туку дека треба да ги засрамиме сторителите - затоа што сексуалното вознемирување е многу широко распространет проблем во целата Европска унија, и ќе ни требаат законски чекори за борба проти овој проблем“, изјави Рајнтке.

За каков вид на иницијатива се работи, објаснува францускиот јуниор министер за родова рамноправност Марлен Шкиапа, која вели дека ова е поинаква од претходните, краткотрајни дебати по скандалите со француските политичари во изминатата деценија.

„Станува збор за зачувување на кокетирањето, галантноста, љубовта во француски стил, односно дека мораме да ја заштитиме меѓусебната согласност, дека меѓу возрасни кои се согласуваат сè е дозволено, тие можат да флертуваат, да зборуваат едни со други и така натаму, но штом некој вели „Не“, и не сака да ја играат таа игра, тоа е цврсто и дефинитивно „Не““, објаснува Шкиапа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG