Достапни линкови

Сексуално образование за млади без предрасуди


Илустрација - Работилница организирана од ХЕРА
Илустрација - Работилница организирана од ХЕРА

Ненасилство, прифаќање на себе и своето тело, почит кон другите и емпатични кон различностите. Ова се дел од причините за воведување на сеопфатно сексуално образование во формалното образование, велат спроведувачите на пилот програмата која започна со обуки на наставници.

Сеопфатното сексуално образование - ССО со „една нога“ во формалното образование. Вчера започна првата фаза од пилот програмата, според владината одлука на 5 ноември 2019 година.

„Станува збор за 14 наставници, училиштата се првото од рурална средина, второто централно градско подрачје на македонски наставен јазик, третото од централно градско подрачје на албански јазик и едно од Тетово (мешано) на македонски и албански наставен јазик“, објасни Мери Цветковска, проектна координаторка за сеопфатно сексуално образовани во ХЕРА, организација која е дел од спроведувањето на пилот програмата.

Со обуката, објаснуваат од ХЕРА, наставниците ќе се стекнат со знаења и вештини за сите теми поврзани со ССО согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години, односно род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи.

Паралелно со спроведување на наставата ќе се евалуира и пилот програмата. Поточно ќе се истражува колку наставата ги подобрила знаењата и ставовите за сексуалното образование на младите. По завршување на обуката, ССО ќе биде дел од изборните предмети во четирите пилот училишта. Наставната програма од 36 училишни часа е подготвена од ХЕРА и Бирото за развој образованието. Секој наставник, покрај обуката, ќе добие и пакет прирачни материјали, кои беа подготвени во текот на 2020 година, за спроведување на наставата.

„Младина која ќе носи информирани одлуки, ќе се грижи за своето здравје, ќе дознае колку е важна дадената согласност и личниот интегритет, ќе знае да препознае насилство и ќе знае каде да го пријави, а со тоа и ќе превенира воопшто да не се случи. Млади луѓе кои ќе имаат почит кон себе и останатите, ќе бидат емпатични и отворени кон различностите“, вели Цветковска за придобивките од воведување на сексуалното образование во формалното.

Прва сесија обуки на наставници за сеопфатно сексуално образование
Прва сесија обуки на наставници за сеопфатно сексуално образование

За министерката за образование и наука, Мила Царовска воведувањето ССО во основните училишта значи унапредување на родовата еднаквост, инлузивноста и толеранцијата, како и превенција од сексуално вознемирување и насилство.

Резултатите од пилот-програмата и евалуацијата, објаснуваат од ХЕРА, ќе бидат основа за креирање на долгорочна образовна стратегија на Министерството за образование и наука за задолжително изучување на темите од сексуалното образование.

XS
SM
MD
LG