Достапни линкови

„Да бидеме реални, да го замислиме невозможното“


Дискусија „Замисли желба за квалитетна младинска политика“
Дискусија „Замисли желба за квалитетна младинска политика“

По повод Денот на младите, со симболика на актуелниот метеoрски дожд на Персеиди, денеска младите замислуваа желби.

Институциите не ги слушаат младите, не соработуваат со нив и ги држат во неизвесност. Затоа, младите треба да вршат постојан притисок за да ги исполнат своите младински политики. Со вакви ставови денеска говореа учесниците на одбележувањето на Денот на младите што го организираше Младинскиот образовен форум. Настанот, поточно дискусијата беше насловена „Замисли желба за квалитетна младинска политика“, искористувајќи метафора за актуелниот метеорски дожд на Персеидите, кој вечерва ќе е најзабележителен.

„Мојата желба е да бидеме реални, да го замислиме невозможното, да замислиме дека младите ќе бидат еднакви чинители во носењето одлуки“, порача Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание како прв говорник од учесниците во дискусијата, потсетувајќи на мотото на студентските собири од 2009 година.

Како дел од првото легитимно универзитетско тело, тој истакна дека „конституирањето на универзитетските студентски собранија како легитимитетни и легални демократски студентски тела избрани на непосредни избори не е паднатo од небо“.

Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетско студентско собрание
Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетско студентско собрание

„Тоа е производ на историска долгогодишна борба на претходните генерации и студенти, борба за најразлични основи меѓутoа борбата во центарот ги имало непостоечкото студентско претставничко тело, односно во минатото студентите морале да се организираат во неформален начин за да ги остварат своите права“, рече Ефтимов.

Според него, младите треба постојано да ги притискаат инститицуиите за да бидат прифатени како еднакви во носењето одлуки.

„Младите самите се изборија за учество и организирање за свои претставници, бидејќи институциите верувам дека никогаш своеволно нема да ги вклучат младите и мислам дека мора да разбереме дека ние сме спротивставени страни, јас барем гледам дека студентите никогаш нема да бидат пријател со институциите, можеме да соработуваме меѓутоа секогаш ќе бидеме различни страни кои имаат најчесто различни интереси за жал и треба да бидеме во еден постојан одржлив конфликт и соработка“, истакна Ефтимов.

Катерина Јовановска од НВО „Хера“ ја истакна нивната долгогодишна заложба за сеопфатено сексуално образование. Таа посочи дека надлежните инситуции се глуви на нивните препораки.

„За мене, сеопфатно сексуално образование е од млади за млади. ССО секогаш го има оној врснички момент. Тоа што сум го добила од моите врсници, никогаш нема да го добијам од некоја институција“, рече Јовановска, додавајќи дека ССО е заложба за здраво општество и колективна одговорност.

Нејзината желба е да се слушне гласот на младите. Зборувајќи за oдлив на мозоци и заминување на младите, Гузим Нухиу од МладиХаб истакна дека младите заслужуваат поголема доверба од институциите, подобро образование, подобри работни места, односно можности кои младите ги заслужуваат. Нухиу посвети внимание на потребата за дигитализација и дигитални вештини за младите да бидат подготвени за пазарот на трудот.

Дискусија „Замисли желба за квалитетна младинска политика“
Дискусија „Замисли желба за квалитетна младинска политика“

Да има нов бран на дигитализација, особено во училиштата, да имаме повеќе онлајн учебници, да имаме ажуририање на тој предмет информатика со тековните случување во оваа наука, а не истиот курикулим да се повторува за 20 генерации кога знаеме дека во науката секогаш има нешто ново“, посака Нухиу за „новата реалност“.

Марија Кекеноска од НВО „Гоу Грин“ пак, посочи дека тие се залагаат на воведување на формално образование за климатски промени и што е можно повеќе млади да се информираат за да вршат притисок врз инситуциите. Меѓутоа, Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум потсети дека во Северна Македонија се уште има училишта кои ги немаат основните алатки за водење образовна настава.

„Реалноста е дека кај нас има се уште училишта кои немаат санитарни јазли, има училишта кои немаат бибилиотеки, кои немаат табли за пишување, има деца кои треба да пешачат два часа на сенг за да стигнат до своето школо. И ова е нашата реалност, и треба да бидеме реални кога сонуваме и бараме, имаме желби, прво да ги побараме основните работи да им бидат дадени на младите, да можат да имаат какво такво, барем некако образование, па после да можеме да ја дигнеме дискусијата на повисоко ниво и да зборуваме за квалитетот на образованието кое што го имаат“, рече Столевска, додавајќи дека забележуваат два тренда, и тоа дека образованието никогаш не било приоритет во државата, и дека младите секогаш се оставени во неизвесност.

Од МОФ информираа дека идејата на замислувањето желби, како и дискусијата е да се изработи листа на препораки кои ќе се достават до надлежните институци од новата Влада и Собранието.

XS
SM
MD
LG