Достапни линкови

Кафе муабет или муабет на „чат“?


Илустрација
Илустрација

Колку трендот на комуникација преку социјалните мрежи ја менува дефиницијата за пријателство и може ли еден муабет на чат да замени физички контакт на кафе муабет, очи в очи?

Средношколката Анастасија Богоевска вели дека секогаш би ја избрала опцијата да си муабети на кафе со пријателите, пред опцијата да си пишуваат на чат. Особено кога е во прашање дружба со нејзините две најдобри другарки.

„Најчесто користам Инстаграм и таму имам околу 1800 пријатели, но мојот профил е отклучен, ама јас не ги следам сите кои ме следат мене. Како поминува времето се повеќе доаѓа до тоа ние воопшто и да не се ни гледаме во живо заради тие социјални мрежи, но сметам дека тоа не е добро. Затоа што сепак не е исто со некого да седнеш и да го направиш муабетот со зборување и да се допишуваш преку пораки. Сепак не можеме да се искажеме исто во живо и преку пораки“, изјави 16-годишната ученичка во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, за РСЕ.

Неготинчанецот Глигор Глигоров вели дека едно пријателство може да се „одржува“ и виртуелно, но ништо без физичка средба.

„Во реалниот живот околу мене мислам дека имам само четири вистински пријатели, не повеќе од тоа. А бројот на луѓе со кои комуницирам на социјалните мрежи е двоцифрен. И мислам дека едно пријателство може да се одржува онлајн, но, сепак треба да има и дружба во реалниот свет, да не е сè преку технологија. Иако со пандемијата, дефиницијата за пријателство и дружба тргна во еден друг правец и би можел да кажам дека повеќе се посветивме на онлајн интеракција“, вели средношколецот Глигоров за РСЕ.

Човек со човек или екран со екран

Професорката по развојна психологија, при Институтот за психологија, Ана Фрицханд, истакна дека физичкиот контакт останува незаменлив.

„Не може да се споредуваат бидејќи тоа се различни квалитети на интеракција. А она што е добро документирано во теоријата и во емпиријата е дека тој физички контакт, таа интеракција очи в очи, лице в лице, не може ништо да ја замени. И е и тоа како потребна и препорачлива. Со тоа што, исто така мора да бидеме свесни дека денешните генерации се генерации кои едноставно така функционираат во тој дигитален свет. Има доста автори кои велат дека практично дигиталните медиуми го дефинираат современото детство. Така што, не можеме да го избегнеме сето тоа, не е некој нов тренд, тоа веќе одамна е така. Но, она што по мене е важно е да се направи еден добар баланс помеѓу тоа колку време се поминува онлајн и колку време се поминува во онаа вистинска интеракција“ изјави Фрицханд за РСЕ.

Професорката Ана Фрицханд
Професорката Ана Фрицханд

Редефиниција на пријателството

„Поимот пријателство веќе се редефинира, затоа што младите многу време поминуваат онлајн и за некои поединци кои имаат да речеме социјална анксиозност, можеби таа опција е поприфатлива, затоа што, нели, не мора да се експонираат во група. Да, има дружење, но сè повеќе тоа дружење го префрлаат од физичка интеракција во интеракција во онлајн сферата“, додаде професорката.

Што да очекуваме?

„Не можеме да зборуваме на ниво на поединци, меѓутоа, генерално би можело да се очекува да бидат и малку по оттуѓени, повеќе насочени кон себе и кон своите потреби. Тоа е комплексно, не можеме да речеме дека би се случило поради тоа што се тие генерации кои живеат во тој дигитален свет, доминантно, уште од многу рана возраст. Има тука и други фактори, но веќе е документирано, јасно се гледа дека се случуваат промени во релациите меѓу врсниците, во самото дефинирање- кој ви е пријател, како може да ви биде пријател, кого го прифаќате во тој ваш социјален свет кој го живеете онлајн. Но, не смееме да генерализираме. Не го прават тоа сите, но, добар дел од младите така функционираат и оттука тие процеси на редефинирање на пријателството и на целата социјална интеракција и процес на социјализација се веќе започнати“, вели Фрицханд.

Кога професорката ќе помине низ факултетските ходници, вели дека гледа млади кои разговараат со зборување, а не со допишување.

„Тука се мобилните телефони, ги држат во раце, знаат да се групираат во помали групи, па заеднички да коментираат додека гледаат нешто на социјалните мрежи. Но, јас барем не сум ја посведочила онаа слика која знае некогаш популарно да ја видиме по различни медиуми каде сите седат на едно место, а секој е со својот телефон во рака и воопшто не се ни погледнувааат и не зборуваат. Таква слика може да се види надвор од факултетот, кога ќе седнат на клупа, додека чекаат некого или чекаат некое следно предавање, но, откако претходно веќе си раскажале се што требале да си кажат“ истакна професорката.

Фрицханд вели дека овој впечаток ја охрабрува бидејќи значи дека, како што вели, за среќа уште не сме стигнати до тој степен на некаква оттуѓеност, за баш да немаме потреба од муабет во живо.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG