Дигиталниот јазик на младите кои текстуалните пораки на социјалните мрежи ги „зачинуваат“ со емотикони е лесно разбирлив во нивната заедница, но, тие забележуваат разлики во „преводот“ на емотиконите кај различни генерации, особено кога комуницираат со многу повозрасни од нив. Ова го споделија средношколците со кои разговараше РСЕ.
„Ако некој ми прати емоуџи со две точки и заграда или она што се смее и плаче, како и тоа што се пишува со две точки и големо „D“ или лајкче, знам дека е „стар“. Ако е иронично ставен лајкот, ќе помине, ама вака, не го користам никогаш. Ако некој ми го прати, тоа е или мајка ми или татко ми, а тие на пример се многу над 35 години“, изјави за РСЕ, средношколката Бојана Бурческа, ученичка во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Ако користите „лајк“ како емотикон, вие сте официјално „стари“ и според 24 % од анкетираните 2000 млади Британци на возраст од 19-26 години, кои учествувале во истражување на компанијата „Перспектус Глобал“.
На „старомодната листа“ со емотикони кај младите Британци е и човечето кое „гласно“ плаче, како и знакот за штиклирање. Најпопуларно меѓу нив е смајлито со срциња околу него, како и она што е симбол за солзи радосници. Според истражувањето, црвено срце и раката која означува „ОК“ се емотикони што воопшто не се „ин“ за дел од анкетираните млади Британци.
Листа на омилени меѓу младите во Македонија
Ако за 28 % од младите во Британија најнепопуларен симбол е емотиконот со череп и вкрстени коски, другата варијанта на овој симбол- само череп, е хит меѓу младите во Македонија, велат нашите соговорници. Според нив, овој емотикон е толку „ин“, што кај младите успеал да го замени стандардното смајли и неговите варијации, па дури и она на кое му течат солзи од смеење.
„Можеби вие би очекувале емоуџито што е со човечки череп, односно костурска глава, да претставува нешто мрачно, ама пак, ние тинејџерите тоа го користиме кога нешто ни е смешно, ни симболизира дека „умираме од смеење“, вели за РСЕ, Самуил Велески, ученик во прва година во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
„Во последно користени имам костурче, тоа го користам кога нешто е толку смешно, што дури е болно од што е смешно, како црн хумор“, изјави за РСЕ, Кирил Димовски, средношколец од СОСУ „Илинден“.
„За смеење сега се користи костурската глава и она што навистина плаче. Тие се сега новите за смеење, значат демек „умрев од смеење“, потврдува средношколката Бурческа.
„Освен костурче, во последно користени имам срце, тоа си е за родендени, ова она, класика... Потоа, човече на кое му се гледаат забите, но не се смее, туку асоцира на нешто ризично, нешто критично да речеме. Имам смајли со „сплескани“ очи и уста кое асоцира на некоја многу здодевна работа“, додава 15-годишниот Кирил Димовски.
„Најчесто ги користам срцињата, бидејќи навистина ми изразуваат емоции, на пример љубов, а за мене е интересно тоа да го употребам во порака или во коментар. Потоа, смешковците, од оние кои се смеат и плачат истовремено на смешни пораки, мислам дека се најкористени“, изјави за РСЕ, Ева Стојанова, ученичка во велешката гимназија „Кочо Рацин.
“Користам разновидни емотикони и сè зависи од тоа со кој се допишувам и за што се допишувам. На пример, емоуџито што нуди прегратка, јас го користам за да покажам возбуда, да изразам љубов, или благодарност, или пак, да понудам некаква утеха“, истакна средношколецот Велески.
„Во последно користени го имам црвеното покерашко срценце кое ми е поубаво од стандардното, јаготка бидејќи е слатка, жена што медитира - го користам кога некој ме нервира, симболот за рокенрол, оние ѕвездичките што светкаат за кога е нешто убаво, црвен икс за кога нешто едноставно не поминува“, вели 18-годишната Бурческа.
Што од емотикони не поминува кај младите?
Она што се смее и плаче во исто време не ми доаѓа предвид, бидејќи ми е многу аутдејтед“, потенцира средношколката Бурческа.
„Човечето кое се смее, она наједноставното, го немам видено баш одамна. Потоа, она човечето кое плаче од смеење, но онака, „обично“ плаче од смеење, не е свртено на страна и слично. Тоа го немам видено речиси ниту еднаш во последнава година. Лајкчето вчера го видов и не ми се веруваше. Некој го користи тоа уште. Ако е само обично лајкче, може да помислам дека е некој повозрасен, но друго е кога некој користи и лајкови во други бои. Многу ми е здодевно она што се смее со зацрвенети обравчиња или она обичното што само се смее, тоа исто така одамна го немам видено“, вели средношколецот Димовски.
„Одамна немам забележано некој од моја генерација да го употреби она емоуџи што се смее со солзи во очите. Едноставно, како да е тоа заменето со черепот или едноставно со „хахахаха“. Најчесто тоа емоуџи ми го праќаат роднини кои се повозрасни, додава 16-годишниот Велески.
„Старомодна социјалка“
Велешанката Ева вели дека стандардното смајли кое се пишува со две точки и заграда и во нејзиното друштво е познато како „социјалка“ не е опција за младите кои како што вели, сакаат по „фенси“ емотикони.
Мислам дека „социјалката“, но и воопшто стандардните „смешковци“ или „смајлиња“ за повеќето млади се старомодни и не ги користат“, вели Стојанова.
Средношколецот Велески е еден од исклучоците.
„Од оние што возрасните ги користат повеќе, некогаш знам да испратам од оние старите графички емоуџиња. На пример, нема да го изберам смајлито што е графички прикажано на тастатура, туку ќе пратам смајли со две точки и со затворена заграда. Имам забележано дека тоа моите врсници ретко го прават. Обично постарите така праќаат, но и јас практикувам така да го пратам, што се вели по „старски“. Мене ми е јасно дека некои се можеби старомодни, но јас сепак ги користам“, вели Велески.
Различни значења и сменети трендови
„Имам забележано дека она емоуџи што плаче и дури има како водопад кој тече од очите, другариве не го користат кога се тажни, туку и за смеење знаат да го искористат“, додава средношколецот од Јосип Броз.
„Има некои кои ги користевме до пред неколку години, но веќе не. На пример тие мајмунчињата што прават нешто со рацете или ангелчето. Немам видено никој тоа да го користи. Па не ни од прва средно, туку уште од деветто одделение. Такво е и она што се нервира и му излегува чад од носот. А она што е како смрзнато и му излегува мраз од уста, синото, што се „стега“, порано се користеше кога некој е многу добро облечен и значи: Види ме, ме смрзна од што си јако облечен. Каубоецот и кловнот се праќаа кога некој ќе направи нешто глупаво“, истакна средношколката Бурческа.
„Некои од нив не дека се демоде, туку веќе и навистина не се користат“, заклучи Димовски.
Младите соговорници велат и дека дека старото „ок“ во нивната комуникација е сменето со новото „океј“, но и дека трендовите за тоа кои емотикони младите ги ставаат во категорија „за стари“ се менуваат.