Младата охриѓанка Симона Ковачески на Тик - Ток ја знаат како __plavookataa__. Ја следат повеќе од 60.000 луѓе, а нејзините видеа до овој момент се лајкнати повеќе од 1,7 милиони пати. Вели дека меѓу следачите има такви кои ѝ велат дека ја обожаваат нејзината позитива и едвај чекаат нејзино ново видео, ама тука се и тие кои имаат цел арсенал од негативни коментари.
„Не кријам дека буквално се чувствував како да сум на дното, дозволив и емотивно да ми влијаат и да се нервирам и бев во ситуација во која не знаев што да правам“, изјави Ковачески за РСЕ.
Во тој период имала 19 години и полн профил со многу коментари полни со омраза, и не само од деца, туку и од возрасни.
„Добивав погрдни зборови кои не се за кажување и што деца не би требало да ги употребуваат и сигурно не ги слушнале од своите родители туку најчесто доаѓаат токму од деца кои ги гледаат своите врсници како се однесуваат еден кон друг. Ми пишуваа: „да умреш“. Има негативни коментари и од возрасни. Ќе симнат Тик-Ток и ќе пишат некој коментар бидејќи со тоа се ситат. Едноставно на тој начин тие си ги лечат комплексите според мене“, се сеќава Симона.
Денес има 22 години и отворено зборува за тој прериод и додава дека кога кај неа почнала анксиозноста, проблемите и, како што вели, „секакви мисли кои беа многу, многу лоши“. Се „повлекла“ од Тик-Ток околу 6 месеци, но потоа решила да не им ја исполни желбата на хејтерите - и се вратила. Лошите коментари продолжиле, па пресудна била една подадена рака - од сопругот. И продолжила порачувајќи им на сајбер насилниците да не го прават тоа што не сакаат ним да им биде направено.
Побарајте стручна помош
Психотерапевтката во системска и семејна пракса, Деспина Стојановска, вели дека нејзиното искуство покажува дека тие што побарале помош од неа честопати првично не биле ни свесни дека причината за одредено однесување е всушност насилство на интернет. А, пак, кога работеле со сторители на булинг доаѓале до податок дека многу често и тие биле жртви на семејно или на врсничко насилство.
„Поривот на луѓето да бидат надмоќни и доминантни над некој друг и да повредат нечија туѓа личност или емоција, потекнува од стравот од немоќ, од срам од сопствените недостатоци и слабости. И во неможност да се справат со нив, прават една маска за себе со која сѐ додека се груби кон другите, имаат впечаток дека се заштитуваат самите себе“, вели психотерапевтката.
За првите симптоми на жртвата, пак, вели дека се сите депресивни доживувања, од типот на повлекување во себе, чувство на безволност, безнадежност, тага, па се прашуваат од каде и зошто луѓето ги понижуваат и навредуваат на каков било начин. Тоа им влијае и стануваат тивки, покорни и избегнуваат да се вклучуваат во сајбер животот. Психологот, односно психо-терапевтот, вели Стојановска, може да помогне за да ја поттикне самодовербата, да ги зајакне јаките страни на личноста.
Пред 2 месеци, низ регионот одекна веста дека младата јутјуберка и тиктокерка од Србија, Кристина Кика Ѓукиќ, извршила самоубиство, а како главна причина се наведуваше долгогодишното злоставување кое го трпела на социјалните мрежи. Според Стојановска, еден ваков случај не би можел да направи промена во ставот на насилниците, а она што може да ги промени работите е едукација за емпатија, емоции и чувства на другите луѓе.