Вербалното насилство преку социјалните мрежи или сајбербулинг е уште една форма со која се соочуваат дел од децата ученици, а воедно постои и поделба на насилници и жртви. Ристе Савески од младинскиот совет при Oпштина Тетово објаснува дека ваквото вербално насилство со навреди и закани на интернет просторот пред сè е застапен кај средношколците.
„Обично се вршат закани од различен тип. Од „ако не дојдеш денеска таму и таму ќе ти се случи тоа и тоа“. Заканa: Прати ми фотографија, дека ќе ти се случи тоа и тоа, ако не го направиш тоа. Од тој тип на булинг има. Има булинг од типот: „знам што лајкаш, знам што следиш, знам кој си ти“, можам лесно да го споделам тоа со другите и тоа нели се податоци кои ние ги користиме секојдневно и тоа се дел од нашата приватност и најчесто тоа е тема на булинг“, вели Ристе Савески.
Злоупотребата на технологијата и мрежите за дружење за навреди и закани влијаат врз менталното здравје на младата популација. Најлошо е што учениците тоа го гледаат одвозрасните, анализира психологот Емилија Ѓурчиновска.
„Немаме физичко насилство, но сепак тука е важно емоционалното насилство кое што е како психичко насилство и се одвива преку сајбер булингот. Емоционалното насилство значи отстранување, игнорирање, и омаловажување на детето, на сите групи каде што учествуваат неговите врсници значи тоа е врсничко насилство, а исто така е изолирано од цело одделение или цела група на деца“, потенцира Ѓурчиновска.
Поголем надзор од родителите и наставниците на тоа што децата и учениците прават на интернет е превенцијата од формирање на сајбербулингот, смета психологот. Исто така и за жртвите се потребни итни реакции за да не почувствуваат влијание врз нивниот емоционален и социјален развој.
„Во норвешки град Ставангер со согласност на советниците на општината забрането е користење на мобилни телефони во училиштата. Но и од прво до четврто одделение забрана на користење на персонални компјутери на децата. Тие ќе користат заеднички компјутери со контрола од наставникот во одредено време. Сето тоа е со цел како што велат и советниците и наставницитеда се „детоксицираат“ децата од социјални медиуми и сите тие технолошки напредоци. Ова е убава идеја каде што се става акцент на соработката на децата, учењето, толеранцијата и намалувањето на кој било вид на насилство. Во однос на училиштата може да се формираат тимови за поддршка на децата кои се жртви“, рече таа.
Самото претерано користење на мобилните телефони наместо дружба доведува до оваа непосакувана појава, вели психологот Емилија Ѓурчиновска.