Македонските студенти велат - јавна тајна е дека паралелно со пандемијата со Ковид има и „епидемија“ со препишување на колоквиуми и испити, поради можноста да се полага онлајн. Оние со кои разговараше РСЕ сакаа нивниот идентитет да не биде откриен, но истакнаа дека препишувачите земале голем замав и сериозно ја развиле креативноста за да ги заобиколат пречките од професорите и системот. Велат, се препишувало и претходно, но далеку помалку од сега, бидејќи кога се полага со физичко присуство надгледуваат професори и асистенти, па помали се шансите „да се снајдеш“, а кога е онлајн, некои студенти развиваат цела стратегија. Има и такви кои не се потпираат само на себе, туку ја користат опцијата „побарај помош од пријатели“, па според еден од соговорниците, знаат да соберат и екипа од 10 луѓе во собата од каде се уклучуваат на онлајн испитот.
Како препишувачите го напаѓаат системот?
„Јас лично не препишувам, но познавам луѓе поради чии искуства свесна сум дека скоро на сите факултети тоа преовладува. Има неколку инженерски решенија коишто навистина ме имаат воодушевено, во смисла на тоа до каде може да стигне човековиот ум за да препише. Подолго време се спремаат за препишување отколку што би потрошиле време за да го спремат испитот. И тоа е баш една голема оркестрација на повеќе луѓе, некои прават и реновирање на собата и слични нешта, за да можат покрај сите технички ограничувања коишто ни ги дава факултетот при полагање, сепак да успеат да препишат повторно“, изјави студентката Александра од Скопје, за РСЕ.
Студент од клиничкиот кампус, кој вели препишува само кога е баш во тесно, ни откри дека некогаш не треба некои посебни услови за успешна препишувачка мисија.
„Имам препишувано, ама не нешто многу, само кога ептен сум бил кнап, за да се снајдам. На пример ако заглавам на некое прашање, а тој ми е условен предмет, па заради тоа може да „завлечкам“ сесија и слично. Не е некоја филозофија, бидејќи ако добро го поставиш кадарот на камерата која те снима, има многу начини, дали со лист, дали со друг мобилен од страната. Мислам дека тоа со мобилниот е наједноставниот начин, под агол што не го фаќа камерата. Изгледа природно, како да решаваш на тестот“, изјави 21-годишниот студент за РСЕ.
Sид на срамот и како системот се брани од препишувачите?
„Се користи сигурносна програма, со која не можеме да го користиме истиот компјутер со кој полагаме за препишување, бидејќи ако стиснеме alt + tab или други команди како copy-paste, програмата нè исклучува од тестот и на нив им стигнува дека ние сме се обиделе некакви други акции на лаптопот да преземеме. Исто така, можат во секој момент да ни го контролираат тестот, до каде сме со решавање и колку сме напишале и затоа обично се препишува со друг телефон од страната“, додава студентот од клиничкиот кампус.
Може има сигурносна програма, ама има и снаодливи студенти.
„Може и со HDMI кабел да се поврзе лаптопот и друг да ни чита на телевизор или на друг лаптоп и да ни помага со решавање, на пример да ни сигнализира дали одговорот е под А или под Б“, вели студентот.
Негова колешка, препишала само еднаш, но знае многу кои се тата-мата за препишување.
„Не практикувам препишување. Ми се случило само еднаш нешто кратко да препишам, инаку имам многу грижа на совест и не сум доволно храбра за такви работи, така што генерално - не. Но, знам многумина што го прават тоа. Некако со онлајн полагањето студентите се адаптираа повеќе и измислија секакви начини за препишување, со телевизор, со телефони, со бубици, со други студенти во собата“, изјави студентката за РСЕ.
„Многу добро се организираат тие што сакаат да препишат и се снаоѓаат, меѓутоа има случаи кога професорот или асистентот може да побара да ја свртиш камерата за да му покажеш дали има некој во собата. Tака што имаат фатено студенти како препишуваат. Кога ќе фатат некој како препишува има забрана од три сесии за полагање, професорите потпишуваат изјава и јавно го објавуваат на веб страницата на факултетот дека препишувал. Барем на нашиот факултет е така“, истакна студент од клиничкиот кампус.
Кој ќе се срами?
Нашите соговорници велат дека тоа што се препишува на големо денес, сите скапо ќе нè чини утре. Студентка од клиничкиот кампус вели дека нејзината генерација поминува многу полесно од оние кои дипломирале пред пандемијата и дека „со овие онлајн полагања не се постигнува тој ефект којшто треба да го има образованието, сè некако многу полесно поминува за студентите, а тоа досега не било така“.
Според студентката Александра од Скопје за многу студенти ова е момент на - сега или никогаш. Таа верува дека оваа ситуација во иднина може да биде пресвртница.
„Искрено мислам дека кој ќе дипломира сега - ќе дипломира. Ова може да е баш како некоја индиректна револуција којашто ќе донесе нов, полесен начин за полагање после нас, во споредба со западните универзитети каде што имаме open book полагање или повеќечасовни полагања, или пак, сосема ќе се врати онака најстрогиот режим на полагање. Тоа би била некоја академска одлука што зависи од професорите најверојатно. Ако се помлади веројатно би имало нешто поевропско и сосема полабаво“, вели студентката.