Достапни линкови

Младите се најпогодени од корупцијата, економската состојба, образованието


Причините за растот на желбата за иселување кај младите се сиромаштијата, образование, можности за кариерен развој и друго, пишува во младинската колумна Сотир Габеловски, член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ

Младите најмногу и директно ги чувствуваат последиците од сите кризи. Сепак, се обрнува најмалку внимание за тоа како проблемите влијаат на оваа група на граѓани.

90 отсто од младите сакаат да си заминат од државата поради корупцијата покажува истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Овој податок е многу важен, не само за тоа што процентот на млади е висок, туку фактот што секој општествен проблем „удира“ врз младите и тие сакаат да си заминат. Претходно најголема причина беше непостоењето на правда, пред тоа економската состојба, пред тоа демократските принципи кои не постоеја до 2016 година... Секој општествен проблем најпрво ги таргетира младите и ги поттикнува овие чувства на летаргија и немотивираност.

Младите се најмногу погодени и преку сромаштијата. Дури 1/3 од младите минатата година живееле на прагот на сиромаштијата. Уште еден показател дека младите идентично, ако не и посилно ги чувствуваат последиците од негативните процеси во државата.

Едно друго истражување („Истражување на младински трендови“) вели дека младите од 20 до 24 години во најголем процент ја гледаат својата иднина надвор. Тоа се најпотенцијалните млади, младите кои се образуваат и надоградуваат секој ден, но својата реализација ја гледат надвор од границите на Македонија.

Причините за ваквите трендови се без малку идентични со тоа што се прошируваат на образование, можности за кариерен развој и друго.
Овие истражувања покажуваат дека општествените проблеми, кризите како енергетска и економска, коронавирус пандемијата сериозно ги погодуваат младите.

Истовремено, оваа група се става на страна во оваа „приказна“ и доколку не се овие истражувања се чини дека никој нема ни да ги спомне. Додека се упатуваат кон аеродромите во државата општеството е глуво и младите привлекуваат внимание откако стапнале на туѓо тло.

Во меѓувреме, позитивно е што се имплементираат активности за помош и поддршка на младите, а невладиниот сектор со поддршка од ЕУ работи на младинско вклучување, односно индиректно работат на задржување на младите во државата. Позитивно е и што невладините организации и подмладоците на политичките партии се вклучуваат во борбата против корупцијата. На 30-ти ноември од страна на 10-тина партиски подмладоци беше потпишана декларација „Млади против корупција“. Останува да ја видиме борбата против овој непосакуван тренд на дело и тоа од најмладите.

Фокусот треба дополнително да се постави на младите, затоа што сите овие непосакувани или негативни процеси ги адресираат токму нив. Последиците врз младите, а со тоа и на државата, се далекусежни и затоа мора прашањата за младите да се стават на пиедестал. Време е за поголема свесност за како нашата реалност влијае врз перспективата на државата.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG