Достапни линкови

Отворен Балкан не ги намали гужвите и чекањата на границите


Табановце, архивска фотографија
Табановце, архивска фотографија

Километарските колони и чекањето со часови за влез од Србија во Македонија преку граничниот премин Табановце ја доведуваат во прашање успешноста на иницијативата Отворен Балкан, особено налето, кога има зголемен број возила. Додека граѓаните и камионџиите се жалат, властите во двете земји велат дека сега се чека помалку од порано.

Поради зголемена фреквенција на возила, на граничниот премин Табановце на македонско-српската граница за влез во државата се чека околу еден час, секојдневно информираат од АМСМ. Но, луѓе кои деновиве ја поминувале границата со Србија велат дека тоа се лаги, оти чекале и по неколку часови.
Според АМСМ, поголемо чекање од околу половина час има на границата со Грција на преминот Богородица, додека на останатите гранични премини нема подолги чекања.

Гужви на Табановце, нервозни возачи
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:36 0:00

Габриела Јорданов со своето семејство во неделата се враќала од Србија. Пријатели кои претходно чекале на граничниот премин Табановце ги алармирале да не доаѓаат на овој премин, оти колоните се километарски, па се упатиле на граничниот премин Прохор Пчињски.

„Ние чекавме 2 часа и 35 минути и поминавме. Стигнавме во термин кога сиот народ веројатно од другите премини, знаејќи што се случува на Табановце, се префрлија на Прохор. Редицата што чекаше зад нас, луѓето што чекаат се движеа, шетаа, веќе беа побеснети. Некои велеа дека самата редица е во недоглед. Ноќта, сабота кон недела, наши блиски на Табановце чекале шест часа, од 12 на полноќ, поминале во шест часот утрото“, вели Јорданов.

Бришење на границите како административна бариера и забрзување на протокот на стоки е една од главните столбови на иницијативата Отворен Балкан, во која членуваат Македонија, Србија и Албанија. Овој дел од иницијативата, формирана во 2019, сепак се доведува во прашање особено налето кога многу иселеници од западноевропските земји си доаѓаат дома или пак транзитираат низ земјата за да одат на море во Грција и Турција.

Сè уште нема посебна лента за државјаните на Отворен Балкан

Во рамките на Отворен Балкан требаше да функционира и лентата предвидена за земјите кои се дел од иницијативата, но таа сè уште не профункционирала. Директорката на Царинска управа, Славица Кутиров вели дека работат на нејзино отворање.

Додека се чека лентата, патниците и камионџиите се жалат дека „остареле“ на граничните премини. Повеќе време чекаат отколку што возат.

Превозниците за викенд и кога е многу топло имаат забрана за преминување на границата. Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници Макам-Транс вели дека побарале од надежните таа забрана поинаку да се уреди за да не се прават гужви. Колоните што се создаваат за викенд потоа ги спречуваат оние што превезуваат расиплива стока и лекови да стигнат до граница и да поминат побрзо, вели таа.

Директен линк

„Како држава сè уште не сме спремни, немаме посебни паркинг плацеви на кои возилата ќе може да застанат заради горештините и заради викендот, каде возачите ќе може и да се разладат и да чекаат, тоа сè уште немаме и значи ги преоптоваруваат граничните премини и некогаш се отежнува и тие што имаат приоритет за поминување не може ниту да стасаат до граничен премин за да го искористат тоа право. Треба да се направат целосни системски промени кои ќе значат навистина побрз проток на возилата и стоките“, вели Муратовска.

Таа посочува дека не може до крај да го ползуваат Отворен Балкан оти системите на државите не се целосно поврзани.

„Превозниците не се задоволни, оти немаме брзина во преминувањето на границата. Сега она што се презема на Табановце, пак, е дуплирање на обврските, прегледот се врши и од едната и од другата страна без разлика што се заедно на граничниот премин. Кога би се вовел систем на информирање и размена на податоци, на пример кога стоката што влегува од Македонија во Србија, тогаш прегледот да биде само на српската страна и обратно. На тој начин ќе се добие во време, во проток“, вели таа.

Пред речиси три години, на 26 август 2019, тогашниот премиер Зоран Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ на Табановце отворија едношалтерски граничен премин. Идејата беше да има заедничка царинска контрола и во двете земји да се влегува и да се излегува со едно запирање. Меѓутоа „едношалтерскиот систем“ на Табановце, односно заедничкиот граничен пункт меѓу двете соседни земји профункционира пред еден месец.

„One Stop Shop“ на граничниот премин Табановце – Прешево
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

На граничниот премин Табановце функционираат пет ленти за патнички, две за товарни возила и една за автобуси, а се планира да профункционираат уште две ленти. Од Царинската управа велат дека границата минатиот месец ја поминале 133 илјади патнички возила, а дневно ја поминуваат 700 до 800 камиони и дека се бараат алтернативни решенија за уште побрз проток.

Министрите за транспорт на Македонија и на Србија пред неколку денови го посетија граничниот премин Табановце. И додека на границата имаше гужви, министрите Благој Бочварски и српскиот министер за инфраструктура Томислав Момировиќ изјавија дека Отворен Балкан дава добри резултати и дека чекањето на границата се намалило за разлика од порано.

Договори склучени како дел од иницијативата предвидуваа трите држави си ги признаваат лабораториските анализи, да се врши усогласување на документите за стоката од животинско и растително потекло и да нема веќе потреба од вообичаените чекања со часови по границите.

Муратовска вели дека тоа со фото-санитарните дозволи функционира, но дека сепак повторно се комплицираат работите на граница.

Иницијативата Отворен Балкан деновиве во Тирана одржува состаноци за детална имплементација на постигнатите договори во рамките на иницијативата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој ја предводи македонската делегација од Тирана посочи дека со оваа регионална иницијатива трите земји полесно го надминуваат недостатокот од храна и струја и ризиците од пожари, а работат и на отстранување на границите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG