Заедничкото справување со недостигот на храна и енергија е прашање на кое ќе се посветат лидерите на Отворен Балкан. На Самитот на оваа регионална иницијатива во Охрид, освен земјите иницијатори, Македонија, Србија и Албанија, учествуваа и претставници на Црна Гора и на Босна и Херцеговина.
Заедничките групи кои ќе работат на справувањето со енергетската и кризата со храна, прв ја спомена претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој рече дека регионот мора да најде начин да ја преброди претстојната зима.
Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски вели дека регионот заедно ќе се справува со економската криза и недостатокот на храна и енергија.
„Ако се разбираме, нема зошто да не успееме. Се разбираме, си помагаме и ќе успееме. Нека стане Западен Балкан - Отворен Балкан“, порача Ковачевски.
Македонскиот премиер вели дека со иницијативата, која започна во 2019, се отвораат нови поглавја во туризмот и културата и вели дека бенефитите ќе се почувствуваат наскоро, давајќи пример дека тоа би било убав одмор во Саранда, Охрид или Копаоник, по пристојни цени. Тој најави дека сега се работи на тоа за граѓаните на Отворен Балкан да има електронска наплата на патарини, односно тие да поминуваат без застанување.
Додека траеше прес-конференцијата, стигна информацијата дека во Бугарија партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов ја напушта Владата на премиерот Кирил Петков, поради неговите обиди да постигне компромис со Македонија. Ковачевски, запрашан за коментар, рече дека тоа е внатрешно прашање на Бугарија. Зборувајќи за ЕУ, тој рече дека земјава не може веќе да биде заложник на чекање датум, но дека Унијата е единствената опција за земјава.
Претседателот на Србија, вели дека земјите од регионалната иницијатива немаат отворени билатерални прашања, а некои повеќедецениски спорови и се решени.
„Сакам да им кажам на браќата и сестри Македонци дека ние од Србија ништо не бараме од никого, ниту од Северна Македонија, само сакаме братски и пријателски однос и да ви кажеме дека на нас можете секогаш да сметате“, рече Вучиќ.
Тој му се заблагодари и на албанскиот премиер Еди Рама без кого, како што рече, оваа иницијатива немало да успее.
Отворен Балкан нема да запре и нема да се затвори, ова е сигурна работа, а тој ќе се спротивстави е осуден на неуспех и разочараност, порача албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференцијата на Отворен Балкан. Тој вели дека бенефитите од оваа иницијатива се огромни, сега има зелена линија на границите за транспортерите, стоките стигнуваат побрзо и дека сето тоа е можно благодарение на соработката.
„Ние ќе подигнеме заедничка работна група за справување со кризата и за конкретните решенија, бидејќи длабоката кризата ќе биде уште подлабока, бара издржливост и посветеност на секоја држава, но ние можеме да го олесниме товарот на секоја од нашите држави благодарејќи на соработката, тоа е нешто исклучително потребно“, рече тој.
На Самиот учествуваа премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија. Лидерите на земјите иницијатори повторија дека вратите на Отворен Балкан се отворени и се надеваат на скорешно проширување.
„Политичарите во БиХ треба да бидат свесни дека не треба да им го прават тоа на транспортерите, земјоделците, произведувачите, да ги држат границите затворени. Добро е што ги држите вратите отворени, ние тоа го цениме“, рече Тагелија.
Сликата што се праќа од Охрид говори за еден поинаков Западен Балкан, рече на прес-конференцијата премиерот на Црна Гора.
„Ова е сосема ново лице на Западен Балкан. Сите теми беа за исклучиво за стандардот на граѓаните, дали се работи за трговија, туризам, земјоделството, кризата што престои, дали за инфраструктурни големи проекти, ова е сосема нов пристап, тотален пресврт на тоа како темите беа третирани“, рече Абазовиќ.
Лидерите зборуваа и за ставот на Русија кој Отворен Балкан и за тоа дали иднината на оваа иницијатива е доведена во прашање поради различните ставови на учесничките кон Москва.
Рама рече дека на Самитот во Охрид беа потпишани и договори за соработка од полето на културата и туризмот, потоа беше потпишани договор за меѓусебно признавање дипломи и научни оценки, како и договор за борба против даночно затајување.
Иницијативата Отворен Балкан основана пред неколку години предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки. Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Следниот најверојатно ќе се одржи во Србија, најави српскиот претседател.
Комесарот Оливер Вархеји, дојде на Самитот, иако првично беше посочено дека ќе има видео обраќање. Тој рече дека регионалната иницијатива е одлична можност за надминување на предизвиците со кои се соочува регионот, како и можност за побрз напредок кон ЕУ.