Зголемена трговска размена, повеќе туристи, економско јакнење на граѓаните се само дел од бенефитите што ги почувствувале трите земји кои ја чинат иницијативата Отворен Балкан, велат за РСЕ министерките за економски сектори на Албанија и на Србија. Оваа иницијатива формирана во 2019 од страна на лидерите на Македонија, Србија и Албанија веќе ги дава првите резултати вели албанската министерка за финансии и трговија Далина Ибрахимај. Договорот не е само на хартија, економскиот развој веќе се гледа, вели министерката за РСЕ.
„Ова не е само реторика, ова не е само збор. Во првите четири месеци од годинава сите овие иницијативи се преточени во бројки, се преточени во бенефиции. Го зголемивме обемот на извозот и увозот со земјите од регионот, земјите од Отворениот Балкан преку олеснување на граничните контроли со скратување на времето со што ја олеснивме таа трговска размена што претходно постоеше. Ова дополнително го поттикна развојот на земјите. Од друга страна имавме големо влијание во промовирањето на туризмот. Имавме удвојување на туристи дел од балканските земји отворени кон Албанија, што значи дека има добар поттик за албанската економија и за албанските трговци“, рече Ибрахимај.
Србија е меѓу најголемите трговски партнери на Македонија, покажуваат податоците за минатата година. Земјава повеќе увезува, отколку што извезува, но во споредба со годината претходно се зголемило учеството на извозот, а се намалил увозот. Македонија најмногу извезува производи од гипс, железо или челик, лекови, плочки, слатки, бисквити, пекарски производи, зеленчук. Од Србија увезуваме машини и транспортни уреди, горива, храна, живи животни.
Минатата година во Србија биле извезени стоки во вредност од изнесува 292 милиони евра, а увозот бил 660 милиони евра. Само во првите четири месеци од годинава, трговската размена со Србија е 360 милиони евра, за една третина поголема од истиот период лани.
Албанија не е толку значаен трговски партнер на Македонија. Од вкупниот извоз во земјава 1,7 отсто отпаѓа на извоз за Албанија, а од увозот 1,3 проценти е увоз од Албанија, односно и увозот и извозот се по околу 100 милиони евра. Сепак, во споредба со 2020 трговската размена е зголемена за околу 30 проценти.
На Самитот на Отворен Балкан кој се одржа на 7 и 8 јуни во Охрид лидерите најавија формирањето на работни групи за управување со енергетската и со кризата со храна.
„Преку Иницијативата Отворен Балкан се обврзавме да се поддржуваме меѓусебно во обезбедување на производи за кои има недостиг на пазарот и ова исто така не е само збор, туку иницијатива која е конкретизирана како во договорот за пченица што го имаме со Србија за пуштање на трговија со пченица за договори што ги имавме најпрво потпишано, но и во ослободувањето на трговијата со сончогледово масло кое е уште еден производ кој главно го испорачува Украина и поради конфликтот Русија - Украина имаше недостиг на сите меѓународни пазари“, вели албанската министерка.
Земјите потпишаа и договор за слободен проток на работна сила. Министерката Ибрахимај вели дека многу брзо работниците ќе може да ги почувствуваат погодностите.
Српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ вели дека регионот од ковид кризата извлекол поука за тоа колку е важно да им се помага на соседите. Економската криза со која сега се соочуваат земјите ја потенцира важноста од економско здружување, вели министерката Матиќ.
„Прва заедничка работа која сега не очекува, за која мораме да размислуваме е ситуацијата со енергенсите пред зимата. Кога говориме за основните животни продукти ситуацијата е стабилна, навистина не е проблематична, но едноставно мора да размислуваме однапред и кога веќе имаме прилика мораме да се здружиме и со заеднички сили да размислуваме за тоа како здружени да бидеме спремни оваа криза заедно да ја пребродиме, бидејќи сигурно ќе ни биде полесно со заеднички сили да поминеме низ овој кризен период кој е пред нас“, рече Матиќ за РСЕ.
Запрашана дали би го прифатиле Косово како полноправна членка на иницијативата Отворен Балкан, српската министерка вели дека се добредојдени за сите економии кои сакаат да се приклучат.
„Ова е една иницијатива која инсистира на тоа што ни е заедничко, ние сакаме да работиме на она што не обединува и приближува, сакаме да одиме напред кон помирување, кон работи кои ќе не носат кон европска интеграција и кон подобар живот на граѓаните, а не кон она што не раздвојуваше толку години“, вели министерката.
Иницијативата Отворен Балкан предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки. Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Следниот најверојатно ќе се одржи во Србија, најави српскиот претседател. Откако започна војната во Украина, претседателот на Србија Александар Вучиќ во март забрани извоз на пченица, брашно, пченка и масло, но тоа не важеше за соседите. Претходно Србија во ек на ковид кризата им донираше вакцини на своите соседи.