Достапни линкови

Засега нема прифатлив документ за Скопје и Софија, со Белград односите на високо ниво


Српската премиерка Ана Брнабиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Скопје, 18.05.2022
Српската премиерка Ана Брнабиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Скопје, 18.05.2022

Во овој момент не постои документ кој е заеднички прифатлив за Скопје и Софија и кој може да биде основа за решение на проблемот, вели премиерот Димитар Ковачевски. Српската премиерка Ана Брнабиќ пак не сака да го коментира последниот потег на СПЦ за одобрување канонско единство со МПЦ

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вели дека процесот на решавање на отворените прашања со република Бугарија продолжува, но дека во овој момент не постои документ кој е заеднички прифатлив за двете земји и кој би можел да основа за решение на прашањата. Неговата српска колешка Ана Брнабиќ пак, која е во посета на Скопје, уверува дека Србија е искрен поддржувач на македонските евроинтеграции.

На зедничката прес конференција, премиерот Ковачевски изјави дека не е подготвен на отстапки и дека решението треба да се заснова на европски вредности и меѓусебно почитување. Неодамнешната изјава на еврокомесарот Жозеф Борел со која тој постави временска рамка за решавање на спорот до крајот на јуни, премиерот ја гледа како можност за интензивирање на процесот.

„Сакам да верувам дека на тој начин со такви изјави ќе се влијае процесот да добие на интензитет меѓутоа, исто така, сакам да верувам дека ќе се премине од изјави и декларации на оперативна имплементација на организирање на прва меѓувладина конференција за Северна Македонија и Албанија. Не сме подготвени на никакви отстапки, решението мора да се заснова на европските вредности, а тоа значи дека мора да е засновано на меѓусебно почитување меѓу политичарите, институциите и граѓаните на државите. Во тој контекест сакам да нагласам дека сакаме достоинствено решение“, вели Ковачевски.

Брнабиќ пак уверува дека Србија останува сигурен и доверлив партнер на Македонија кој искрено го поддржува евроинтегративниот пат.

„Дури и во разговорите за нашето приклучување во ЕУ секогаш им укажуваме на нашите европски партнери од колкаво значење е за целиот регион да се забрзаат евроинтеграциските процеси на Албанија и на Северна Македонија бидејќи тоа ќе даде позитивен сигнал за развој на целиот регион на Западен Балкан, изјави Брнабиќ.

Македонија е кандидат за зачленување во Европската Унија од 2005 година, а во 2009 првпат доби препорака за почекот на преговорите. Но македонскиот пат кон Унијата никако да резултира со отпочнување на преговорите за членство. Ветото на Бугарија од 2020 година повторно ја остави земјава во статус кво позиција.

Македонија не се соочува со прво вето. Во 2008 година Грција го попречи членството на земјава во НАТО поради спорот со името. Пречката, проблемот со името со Грција беше тргната во 2018 година со договорот од Преспа но земјава пак не доби датум. Истото следуваше 2019, а од 2020 година Бугарија ја блокира македонската европска иднина со првично образложение дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство.

Брнабиќ за СПЦ - МПЦ ОА

Српската премиерка не сакаше да го коментира последниот потег на СПЦ со кое се одобрува канонско единство со МПЦ , но изрази благодарност до српскиот патријарх Порфириј за како што рече неговата подготвеност да разговара за отворените прашања.

„Јас како претседателка на Владата не можам да говорам за црковни прашања и не можам да ги коментирам одлуките на Српската православна црква. Сепак, сакам да кажам дека чувствувам голема благодарност кон СПЦ и неговата светост патријархот Порфирије за тоа што во еден отворен разговор и дијалог се обидуваат да решат некои прашања и со тоа директно да придонесат за регионалната стабилност, разбирање и поврзување, на една поинаква иднина, што е одговорност на сите и денес сите треба да работиме на тоа“, рече Брнабиќ.

Двајцата премиери истакнаа дека односите меѓу Северна Македонија и Србија се на исклучително високо ниво во сите области и оти нивното унапредување продолжува во насока на продлабочување на односите со посебен акцент на економската соработка.

Брнабиќ истакна дека Северна Македонија е еден од најблиските политички и економски партнери на Република Србија и во тој контекст ја спомена инцијативата „Отворен Балкан“ чија цел како што рече, е подобрување на економите и животниот стандард на нејзините членки.

Таа ,исто така, најави дека во скоро време ќе се одржи заедничка седница на двете влади без оглед на тоа кога ќе се формира новата Влада во Србија, потенцирајќи дека тоа ќе биде Влада на континуитет во однос на соработката со Северна Македонија што ќе продолжи на истиот тој пат на одлична економска и политичка соработка.


Инаку двајцата премиери денеска учествуваа на регионалниот самит Македонија 2025 на тема „Градење на просперитетна иднина: улогата на регионалната соработка“, чиј фокус беше она што може да се направи за да се избегнат кризите и да се подобри животниот стандард на граѓаните и деловното опкружување за бизнисите.

И двајцата се согласија дека регионалната соработка е од исклучителна важност за одржување на мирот и стабилноста и за ублажување на псоледиците од економската криза.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG