Потребна е добра анализа на пазарот на труд што може да си понуди регионот меѓусебно, оти го мачат исти проблеми, односно им недостига ист профил на луѓе. Понатаму, потребно е добро да се изрегулира целата постапка, за да не се остави простор за манипулации и да не се доведеме до ситуација да ни замине целата работна сила, велат од Стопанската комора на северозападна Македонија и дел работодавачи по склучувањето на Договорот со кој се воведува единствена работна дозвола на работниците од Македонија, Албанија и Србија.
Работници од Македонија ќе може слободно да работат во Србија и Албанија, а нивни граѓани да конкурираат на македонскиот пазар на труд, предвидува Договорот што беше потпишан на состанокот на лидерите на „Отворен Балкан“ во Тирана во втората половина на декември.
Работниците може да си заминат за повеќе пари
Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија за РСЕ вели дека како Комора се за отворен Балкан, со што ќе му се помогне на бизнисот, но за последниот Договор за отворен пазар на труд, сметаат дека е малку избрзан.
„Ние немаме споредбена анализа со регионот за да се види каква работна сила постои кај нас и што има во другите земји. Придобивка може да биде да добиеме некоја од дефицитарните профили што ни недостигаат во економијата, но да го имаме предвид и фактот дека во државите со кои влегуваме во „Отворен Балкан“ одредени професии од овие профили се плаќаат подобро од кај нас и може да се случи целата наша работна сила да ни отиде во една од земјите во регионот со кои немаме голема дистанца“, вели Исени.
Но, од оваа иницијатива може да има придобивки и да се мотивираат работниците да станат попрофесионални и да поработат на вештините, вели Исени.
Просечна плата во Србија е 555 евра, во Македонија е 474 евра, а во Албанија таа изнесува 468 евра. Податоците од Агенциите за вработување во Македонија, Србија и Албанија покажуваат дека во земјите недостасува медицински кадар, работници во угостителството, квалификуван кадар за стопанството, мајстори, оти многу работници од Балканот со години наназад се иселуваат во потрага по подобра заработувачка во некоја од западните земји.
Македонија може да се надева на сезонски работници
Бизнисменот Ангел Димитров вели дека во овие три земји состојбите на пазарот на труд се многу слични. Она на што сигурно може да се надева земјава се сезонски работници.
„Во коресподенција со наши компании, членки на Организација на работодавачи од ресенско, тие ни кажуваат дека за берење јаболка, тие имаат само луѓе од Албанија што им работат, значи кај нас нема ни за тоа луѓе, така што во одредени погранични места ќе се ангажираат сезонски работници од другите места. Добро би било да има флуктуација и на инженери и на поквалификувани кадри, но се разбира тоа ќе биде малку потешко затоа што, како што реков, скоро сите држави се судираат со исти проблеми“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Освен сезонски работници кои помагаат во земјоделството, во земјава доаѓаат и градежни работници од Албанија.
Што предвидува Договорот?
Според Договорот потпишан во Тирана, договорните страни треба да ги поедностават административните процедури за влез, движење, престој и работа на граѓаните на земјите потписнички. А земјите ќе гарантираат дека сите ќе имаат еднаков пристап на работа, без разлика од која земја од потписничките доаѓаат. Странецот доколку сака да работи во една од земјите ќе мора онлајн да се регистрира на платформата што за таа цел ќе биде направена. Кога ќе дојде да работи во една од земјите мора да се придружува до домашното законодавство во земјата во која дошол. Договорот предвидува „странецот“ да може да престојува во една од земјите потписнички до две години со можност за продолжување. Лицето кое ќе сака да работи во една од државите од Отворен Балкан нема да мора да добие работна дозвола и дозвола за престој во земјата што го прима. За работниците од надвор нема да има државни стимулации за вработување, освен ако договорните страни не се договорат поинаку.
За да функционира договореното ќе се формира заеднички комитет кој ќе има задача да ги организира, координира и контролира активностите поврзани со спроведувањето на овој Договор. Комитетот ќе биде составен од најмалку пет претставници од секоја договорна страна. ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе известува на секои шест месеци како се спроведува Договорот.
Договорот треба да се ратификува во Парламентите на Македонија, Албанија и Србија.
Да не се урне цената на трудот со увозот на работници
Миле Бошков од Бизнис-Конфедерација на Македонија вели дека би било добро да се оствари тоа што го најавија лидерите. На тој начин ќе се зголеми капацитетот и мобилноста на работниците, но сето тоа мора да биде точно законски регулирано, за да не се остави простор за манипулации, вели Бошков за РСЕ.
„Сериозно комплексна е целата оваа активност. Многу е благородна, идејата е одлична, го отвара пазарот, значи помалку бариери за движење, ама да бидеме регулирани“, вели тој.
Бошков додава дека точно треба да се знае каде и како ќе се плаќаат придонесите за работниците и како ќе се пренесува надлежноста меѓу земјите.
Тој вели дека треба да се внимава и да не се урне цената на трудот со увозот на работници од страна, за да не предизвика тоа наши работници да заминуваат во странство.
„Неминовен и суштински ќе биде регулатор на цената на трудот, на работниот саат. Ако имаме потреба на вешти работници во одредена дејност од Албанија или Србија или тие имаат од нас, самата цена на чинење на работната рака ќе ја диктира цената и можеби ова е индиректно подобрена можност за решавање на некои други прашања“, вели Бошков.
Договорот за слободен пристап до пазарот на труд беше потпишан од страна на македонски премиер Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, на седмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“, што се одржа на 20 и 21 декември во Тирана.
„На овој начин ги поврзуваме нашите човечки ресурси, го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Придобивките многу скоро ќе ги почувствуваат илјадници семејства во регионот“, кажа Заев.
Ова му беше последен состанок на Заев пред да замине од премиерската функција.
Дека регионот станува интересен за вработувања зборуваше и Дарко Велков основач на vrabotuvanje.mk, во разговор за РСЕ пред два месеци. Тој вели дека традиционалните правци каде заминуваат македонските државјани како Германија, Америка и Италија остануваат, но сè поинтересно стануваа вработувањата во големи интернационални компании кои имаат претставништва во регионот, кои нудат добра плата и добри услови за работа, сместување, работни дозволи. Велков вели дека компаниите бараат луѓе со компетенции, но не секогаш може да се најде квалификуван кадар.
Иницијативата Отворен Балкан, која започна како Мини Шенген во октомври 2019 во Нови Сад си постави амбициозна цел до почетокот на 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Потписници на Иницијативата се Србија, Македонија и Албанија. Пред состанокот во Тирана, лидерите ги повикаа и соседите да им се приклучат.