Достапни линкови

Политика или економија - што ќе донесат студиите во Свети Николе на имењакот на УКИМ


Споменик на Св.Кирил и Методиј пред камусот на УКИМ
Споменик на Св.Кирил и Методиј пред камусот на УКИМ

Отворањето на новите студии на Великотрновскиот универзитет во Свети Николе нема да донесе ништо ново во земјава, сметаат претставници од високото образование кои во владините одлуки гледаат многу политика. Ова е прв странски јавен универзитет кој треба да влезе во земјава.

Бугарската влада деновиве одобри Универзитетот „Св.Св. Кирил и Методиј” од Велико Трново да отвори катедри во Свети Николе. Тука ќе има мастер студии за неколку области – филологија, науки за земјата, информатика и компјутерски науки. Како што соопшти бугарската Влада, областите биле избрани според потребите на регионот за висококвалификувани специјалисти за одредени професии. Наставата ќе биде на англиски јазик, а дипломата ќе ја издава Универзитетот од Велико Трново.

Најавата доаѓа една година откако македонската Влада, на 71-вата седница ја усвои Одлуката за одобрение за вршење на високообразовна дејност на странска високообразовна установа - Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“, на македонска територија. Иницијативата за отворањето студии дојде од бугарска страна, откако лани Академскиот совет на Великотрновскиот универзитет изгласа отворање на филијала во Македонија, по тригодишни преговори со приватниот Меѓународен Славјански Универзитет „Гаврило Романовиќ Державин“ во Свети Николе.

Деканот на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Борче Давитковски не гледа со голем оптимизам во најавите за новите студии од бугарскиот универзитет, кој исто како и неговиот, го носи името на словенските просветители. Ова е инаку прв странски јавен универзитет кој треба да влезе во земјава.

Според Давитковски, многу е важно на кој начин ќе биде регистриран универзитетот и кои струки точно ќе ги нуди, при што потенцира дека ќе има дуплирање на програмите. Се потсетува дека уште пред неколку години, по потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, имало инсистирање за соработка од бугарска страна со факултетот чиј декан е тој. Сепак, забележува тој, од македонска страна било посочено дека соработките се нужни само со програми кои ги нема кај нас.

„Не може да ни отвораат програма која што ние ја имаме“, дециден е деканот кој додава дека не гледа причина „ова да се акредитира во Македонија“.

Притоа укажува на намалувањето на бројот на студенти во земјава, како и тоа дека „во секое село имаме факултет“. Вели дека само правната наука се студира на дури 22 места во земјава. Оттука, смета дека и голем дел и од јавните и од приватните универзитети можат да го изгубат статусот ако институциите, пред се Одборот за акредитација и евалуација, доследно си ја извршуваат својата работа.

Политика или економија

Професори и ректори на македонските универзитети со кои разговараше РСЕ беа затечени од последната одлука за отворање на новите мастер студии. Велат оти гледаат многу политика во ваквите најави, во време кога има се помалку студенти, додека македонските универзитети тонат во проблеми.

Ректорот на УКЛО, Сашо Коруновски, предупредува дека Одборот за акредитација, мора да внимава при издавањето дозволи. Во однос на тоа дали кај нас ќе имаа студенти за овие мастер студии, тој истакнува дека „трошокот е на институцијата која ги организира“ .

„А посебно за мастерот. За мастерот е намален радикално интересот. А и сега влегуваме во еден простор во којшто државата мора да види што е поентата на сето ова“, забележува ректорот на УКЛО.

Врз основа на првичните најави за отворањето на филијалите на бугарскиот универзитет, укажува дека за организирање студии се потребни многу предуслови, како и дека не може „туку така да се отвораат филијали на еден универзитет преку друг“, наведувајќи го како пример Славјанскиот во Свети Николе.

„Поголемите, државните универзитети имаат поголема можност да остваруваат таква соработка. На образовно и научно ниво. Бидејќи кога соработувате со некој универзитет, мора да сте барем малку рамноправни. Секоја друга услуга не води до квалитет, туку е услуга која што би значела заобиколување на некои процедури кои се во високото образование. Треба да се внимава да не отвораме нови врати коишто ќе значат дерогирање на оние норми коишто ги пропишува законот и коишто треба да бидат минимум за да се работи во образованието“, додава Коруновски.

Радио Слободна Европа упати прашања до Агенцијата за квалитет на високото образование, Министерството за образование и Владата за тоа на кој начин ќе се отвораат новите студии во земјава. До објавувањето на текстот не добивме одговор.

Минатата година, непосредно откако македонската влада да одобри отворањето на бугарскиот универзитетот, сега веќе поранешниот премиер Зоран Заев изјави дека Универзитетот „Св. Св Кирил и Методиј” од Велико Трново ги исполнил сите законски услови да добие акредитација во земјава. Тој рече дека отворањето негова филијала во земјава е поткрепа на пријателството, на добрососедството и соработката.

„Кога некоја високообразовна институција од Бугарија бара да отвори овде Универзитет а ги исполнува условите, а ние го спречиме и покрај исполнувањето на условите тогаш не сме пријатели“, рече поранешниот премиер кој пред скоро пет години го потпиша Договорот за добрососедство со Бугарија, со кој меѓу другото, двете држави се заложија за подобрување на соработката во областа на образованието.

Во меѓувреме, веќе две години Македонија се соочува со вето од Бугарија за започнување преговори со ЕУ. Бугарија обвинува за непочитување на Договорот за добрососедство, како и дека земјава ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Студентите да внимаваат каде се запишуваат

На листата на акредитирани Универзитети во земјава, и онаа објавена од МОН онаа на сајтот на Агенцијата за квалитет на високото образование засега го нема бугарскиот Универзитет од Велико Трново. Во земјава има 6 јавни универзитети, еден јавно-приватен, како и уште 19 приватни акредитирани високообразовни институции.

Петар Барлаковски, од Младинскиот образовен форум, во отворањето на новите студии гледа и еден позитивен момет, пред се поради зголемување на достапноста за студирање на младите од источниот регион. Но генерално, смета дека ова ќе биде „само уште еден универзитет во земјава“ кој нема да доведе до поголем квалитет на високото образование.

„Поголем проблем е што повторно во државата ќе имаме отворање на нов универзитет, кој што ќе биде еден од дваесетината, што придонесува воопшто кон опаѓање на квалитетот на високото образование. Затоа што ние имаме постојано отворање на нови универзитети без притоа да се грижиме за квалитетот на овие постојаните, а тука пред се зборувам за најстариот универзитет во државата, тоа е ‘Св. Кирил и Методиј“, вели Барлаковски.

Ректорот наУКЛО, Коруновски пак советува на студентите многу да внимаваат.

„Генерално препораката е дека студентите мора да внимаваат каде се запишуваат и што после добиваат, затоа што не е само да се запишеш. Тие се запишуваат денес, а ќе добијат диплома по 4 години. Денешниот избор нивни ќе одреди што по 4 години ќе бидат и што после тоа“, вели ректорот.

Во Македодонија со години се намалува вкупниот број на запишани студенти. Така на пример, ако пред пет години биле запишани 58 083 студенти, лани бројката била пониска за десетина проценти, односно имало 50 881 студенти. Најголем број студираат на државните високообразовни установи, додека по околу 15 % на приватните.

Кога се работи за мастер студиите пак бројките варираат од година во година, и од факултет до факултет. Така лани најмногу запишани за мастер имало на УКИМ 804, а преклани на ЈИЕ Универзитет – Тетово , вкупно 722 студенти.

На УКИМ најголем интерес за мастер лани имало на Правниот факултет и на Градежен, додека на ЈИЕ најзаинтересирани студенти биле оние од Факултетот по современи науки и технологија, Правниот и Факултетот за бизнис и економија, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Далеку помал е интересот за природни науки, филологија и информатика, мастер студиите најавени од Универзитетот во Велико Трново.

Инаку во јавноста отворањето на мастер студиите на бугарскиот универзитет во Македонија се споредуваше со воведувањето нова авионска линија Софија- Скопје. Најавена на голема врата од страна на политичките лидери, таа пропадна поради отсуството на економски ефекти, по неколку организирани летови. На првиот лет беше присутен највисокиот државен врв на Македонија и Бугарија.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG