Достапни линкови

Вести

Македонски студенти на бесплатни студии во Бугарија, бугарски во Македонија

Илустрација
Илустрација

Студентите од Македонија ќе можат бесплатно да студираат во Бугарија, а бугарските студенти на македонските универзитети. Секоја година владите на двете земји ќе финансираат до четири стипендии кои ќе покриваат целосни дипломски или магистерски студии.

Ова е предвидено со билатералната програма за соработка во областа на образованието, што денеска во резиденцијата „Бојана“ ја потпишаа министерот за образование Јетон Шаќири и неговиот бугарски колега Николај Денков.

Предвидено е да бидат обезбедени и пет стипендии за еден семестар. За нив ќе можат да се пријават сите студенти, освен студентите по медицински науки и оние од уметноста и спортот.

Се очекува и средба со ректорите на универзитетите на која ќе се разговара за можностите за заеднички истражувачки проекти и вмрежување во двете земји.

Дополнително ќе се поттикнува и образовната мобилност на студенти, наставници и истражувачи, како и научно-техничката соработка меѓу Бугарската академија на науките и МАНУ.


Програмата, исто така, предвидува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да даде препораки за правилна презентација на наставните материјали во учебниците во Македонија и Бугарија.

Овие препораки ќе бидат усвоени и имплементирани од владите на двете земји.

види ги сите денешни вести

Поранешниот грузиски претседател Саакашвили доби дополнителни 9 години затвор

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили
Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили е осуден на дополнителни девет години затвор за голема проневера на јавни средства, обвинение што тој го нарекува политички мотивирано.

Казната беше изречена на 12 март од страна на судијата на градскиот суд во Тбилиси, Бадри Кохламазашвили, а ќе тече истовремено со шестгодишната затворска казна што тој веќе ја издржува за злоупотреба на службената положба.

Откако судијата ја соопшти својата одлука, во судницата настана гужва, а приврзаниците на Саакашвили го нарекоа судијата „роб“ на власта.

Покрај Саакашвили, судот го осуди и Темур Јанашиа, поранешниот шеф на Специјалната служба на Државната гарда. Тој е казнет со 106 760 долари поради злоупотреба на службената положба.

И Саакашвили, кој беше претседател од 2003 до 2013 година и Јанашиа постојано ги негираа обвинувањата. Нивното цврсто демантирање, кое го повтори опозициското Обединето национално движење и неколку други политички групи, предизвика симпатии и поддршка, при што многумина тврдат дека случајот е политички мотивиран.

Претседателството на Саакашвили беше обележано со амбициозни реформи за борба против корупцијата и модернизација на земјата, вклучително и значителни промени во полицијата и судството. По напуштањето на функцијата, тој се вклучи во украинската политика, работејќи како гувернер на Одеса од 2015 до 2016 година, пред да падне во конфликт со украинските власти.

Тој беше уапсен во Грузија на 1 октомври 2021 година, откако тајно се врати во земјата пред локалните избори. Беше осуден во отсуство по обвиненијата за злоупотреба на власта, вклучително и давање претседателски помилувања на лица вмешани во убиството на банкарот Сандро Гиргвлијани и тепањето на опозицискиот пратеник Валери Гелашвили.

Тој од апсењето е во притвор и моментално се наоѓа на лекување во клиниката Вивамеди.

Обвинителството ги обвини Саакашвили и Јанашиа за проневера на 9 милиони лари (3,2 милиони долари) на јавни средства. Судијата пресуди дека, иако дејствијата на Јанашиа не претставуваат директна проневера, Саакашвили е виновен за злоупотреба на државните ресурси за лични трошоци.

Неколку лица, меѓу кои и активистот Звијад Куправа, беа отстранети од судницата поради нарушување на постапката. Саакашвили побара да присуствува на изрекувањето на пресудата, но како причина за непојавувањето ги наведе здравствените проблеми.

Тој претходно ја повика владејачката партија Грузиски сон да ја одложи пресудата и казната.

Но, судијата Кокламазашвили изјави дека судењето не може да се одложува на неодредено време, нагласувајќи дека отсуството на обвинетиот не го спречува судот да донесе пресуда.

Покрај неговата последна пресуда, Саакашвили сè уште е вмешан во два други тековни судења. Еден од нив се однесува на настаните од 7 ноември 2007 година, кога неговата влада ги растера антивладините протести во Тбилиси.

Второто судење вклучува обвиненија за илегално преминување на границата поврзано со неговото тајно враќање во Грузија во 2021 година. Саакашвили влегол во земјата скриен во камион, заобиколувајќи ги граничните контроли, за што обвинителите тврдат дека е кршење на грузискиот закон.

Овие случаи продолжуваат да ги подгреваат политичките тензии во Грузија, а неговите поддржувачи тврдат дека тие се дел од напорите за негово трајно отстранување од политичката арена.

ЕУ ќе ја поедностави процедурата за депортација на илегалните мигранти

илустрација
илустрација

Европската комисија предложи регулатива за воспоставување на заеднички европски систем за враќање, кој ќе овозможи побрзи, поедноставни и поефикасни процедури за депортација од ЕУ на илегалните мигранти и лицата чии барања за азил се одбиени, вклучително и отворање на „Центри за враќање“ во трети земји.

Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, станува збор за збир на ефикасни и модерни процедури за враќање на илегалните мигранти.

„Овие правила се фундаментални за заштита на просторот за слободно движење на ЕУ без внатрешни граници. Со новиот европски систем за враќање, ќе се погрижиме оние кои немаат право да останат во ЕУ да бидат вратени назад“, истакна Брунер.

Новата правна рамка за враќање претставува дополнување на Пактот за миграција и азил, што беше усвоен минатата година, а со кој ЕУ постави сеопфатен пристап кон справување со предизвиците поврзани за миграцијата.

Според статистичките податоци, во моментов од ЕУ се депортираат само околу 20 проценти од лицата кои немаат право на легален престој во земјите членки на Унијата.

Целта на новите правила е да се воспостави модерна и поедноставна правна рамка, со што на земјите членки на ЕУ ќе им се овозможат потребните механизми за поефикасно враќање на илегалните мигранти со целосно почитување на основните човекови права.

Мерките предвидуваат и специфични правила за лица кои претставуваат безбедносен ризик, реадмисија како дел од процесот на враќање, како и отворање на „Центри за враќање“, кои врз основа на билатерален или договор на ниво на ЕУ можат да се воспостават и во земји што не се членки на Унијата, доколку тие ги почитуваат меѓународните стандарди и принципи за човекови права согласно меѓународното право.

Со одредбите на Пактот за миграција и азил, чија примена треба да започне од средината на 2026 година, се предвидува побрза и поефикасна обработка на барањата за азил, а со новопредложениот систем ќе се овозможи одбиените баратели на азил веднаш да бидат депортирани од ЕУ.

ДКСК отвори предмет за тендерите во Министерството за дигитална трансформација

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе утврдува дали има судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација.

„Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси“, изјавија кусо од ДКСК за МИА.

Опозициската СДСМ во понеделникот обвини за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50 000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во тоа министерство.

Тие ја повикаа Антикорупциска итно да постапи по овој случај.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во понеделникот на прес-конференција ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ за конфликт на интерес, додавајќи дека Министерството е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето.

Андоновски рече дека државниот секретар во Министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза, а нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството, па затоа не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна.

„Лага бр 1 на СДСМ е дека договорот е на сума од 2,5 милиони денари. Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е за скоро 40 отсто поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин, заштедени се околу еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направена анализа, направени се заштеди од 10 до 45 проценти по производ споредено со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект кој СДСМ го блокираше, е мала набавка во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните за до 40 отсто“, изјави министерот за дигитална трансформација, Андоновски.

Тој вели дека е убеден во законитоста на постапките, а министерството е отворено да ги сподели сите информации и документи околу постапките за јавни набавки до сите надлежни институции. Андоновски побара од извинување од СДСМ за како што вели изнесените невистини во наредните 24 часа, нагласувајки дека го задржува правото да побара нивна одговорност за навреда и клевета пред судот.

Од 1 април контрамерки на ЕУ за американските царини за увоз на челик и алуминиум

илустрација
илустрација

Европската комисија (ЕК) потврди дека започнала брзи и пропорционални контрамерки за увозот од Соединетите Држави во Европската Унија (ЕУ) како одговор на воведувањето на новите, и како што ги смета „неоправдани“ американски царини за увоз на челик и алуминиум.

„Комисијата жали за одлуката на САД да воведат такви царини, сметајќи ги за неоправдани, нарушување на трансатлантската трговија и штетни за бизнисите и потрошувачите, што често доведува до повисоки цени“, се вели во соопштението на ЕК.

Претседателката на оваа институција, Урсула фон дер Лајен, прецизираше дека контрамерките ќе бидат воведени од 1-ви април, а целосно ќе стапат во сила од 13-ти април годинава.

Таа изјави дека длабоко жали за оваа мерка.

„Царините се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите. Овие царини ги нарушуваат синџирите на снабдување. Тие внесуваат несигурност во економијата. Работните места се доведени во прашање. Цените ќе растат и во ЕУ и во САД“, истакна претседателот на Европската комисија, фон дер Лајен.

Таа посочи дека контрамерките што ги презема Брисел според неа се силни, но и пропорционални.

„Додека САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Тоа одговара на економскиот опсег на американските царини“, рече фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК изрази подготвеност за натамошни преговори и „смислен дијалог“ со нејзините американски соговорници бидејќи смета дека во свет полн со геополитички и економски неизвесности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме економиите со царини.

Ноќта меѓу 11 и 12 март стапија на сила царините за увоз на челик и алуминиум во САД.

Мерката го зголемува паушалот за челик и алуминиум што влегуваат во САД на 25 проценти и ги елиминира сите ослободувања на земјата од давачките.

Европската Унија и Соединетите Држави се меѓусебни најголеми трговски партнери. Тие имаат најголеми билатерални трговски и инвестициски односи во светот и ги уживаат најинтегрираните економски односи во светот.

Холандскиот парламент го отфрли Планот за вооружување на ЕУ

Холандскиот парламент (илустрација)
Холандскиот парламент (илустрација)

Холандскиот парламент го отфрли големиот план на Европската Унија за вооружување. Само минатата недела, водачите на ЕУ, вклучително и холандскиот премиер Дик Шуф, го одобрија планот од повеќе милијарди евра.

Сепак, членовите на холандскиот парламент од три од четирите коалициски партии сега гласаа против планот, вклучувајќи ја и радикалната Партија за слобода (ПВВ) предводена од десничарскиот популист Герт Вилдерс.

Главната критика од партиите е дека можното финансирање ќе го зголеми националниот долг.

И самиот Вилдерс е одлучно против тоа.

Вилдерс во Хаг изјави дека сега премиерот Дик Шуф треба да ја повлече согласноста што ја дал во Брисел.

„Така треба да биде во демократија“, рече Вилдерс.

Прашањето за одбраната дополнително ја подели и онака нестабилната десничарска влада на земјата.

Конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) - партијата на актуелниот генерален секретар на НАТО Марк Руте, кој беше претходниот холандски премиер, го поддржува планот на ЕУ.

Би било „неодговорно“ Холандија сега да ја повлече својата поддршка, рекоа пратениците од ВВД.

Холандската влада најави одговор за подоцна.

Напади во Украина и Русија, ден откако Киев ги прифати условите за прекин на огнот

Последици од нападот во украинскиот град Криви Рих, 12 март 2025 година
Последици од нападот во украинскиот град Криви Рих, 12 март 2025 година

Едно лице било убиено од руски проектил кој погодил инфраструктурен објект во централниот украински град Криви Рих. Ова се случило утрото откако Украина се согласи да прифати итен 30-дневен прекин на огнот по повеќечасовните преговори меѓу американските и украинските власти во Саудиска Арабија.

Серхи Лисак, регионалниот гувернер, соопшти дека во ракетниот напад на 12 март беа повредени уште најмалку две лица. Доцна на 11 март, во одделен напад загинаа четворица членови на екипажот на товарен брод во близина на јужниот пристанишен град Одеса.

Нападите уследија по уште еден поголем напад врз главниот град Киев, само неколку часа откако Киев и Вашингтон ги завршија преговорите во Џеда, Саудиска Арабија.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека воздушната одбрана била ангажирана и ги одбила нападите. Нападите беа пријавени и во Харкив, а украинското Министерство за дигитална трансформација соопшти дека се издадени предупредувања за воздушен напад во 10 региони околу Киев.

Руското Министерство за одбрана пак, соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле шест беспилотни летала во текот на ноќта на 12 март, од кои еден над Крим, анектиран од Украина од Русија и пет над Црното Море.

Телеграмскиот канал „Krymsky Veter“ објави силни експлозии и сирени за воздушни напади над градовите на Крим и во близина на руските воени локации.

Серијата напади следува откако Украина изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за донесување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот на 11 март, кој сега го префрла фокусот на Москва и дали рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да се согласи со условите и да го стави договорот во сила.

ЕУ внимателно ја следи ситуацијата во Србија и повикува на деескалација пред протестот на 15 март

илустрација
илустрација

По повод најавениот голем митинг во Белград на 15 март, за кој претседателот на државата предвидува „големо насилство“ и најавува апсења, Европската Унија порача дека темелните вредности „се во сржта на нашиот заеднички европски проект и треба да се почитуваат“.

„Ова важи и за слободата на собирање како основно право“, се вели во одговорот на прес-службата на ЕУ за Радио Слободна Европа.

Се додава дека учеството на граѓаните игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество, вклучително и промовирање на транспарентност и одговорност.

„ЕУ постојано повикува на деескалација на тензиите, преку воспоставување услови за инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително политичките актери, институциите и членовите на граѓанското општество, со цел да се решат реформите неопходни за иднината на Србија во ЕУ“, соопшти Брисел.

Претставниците на ЕУ потврдуваат дека внимателно ја следат актуелната внатрешно-политичка ситуација во Србија и големата мобилизација на студенти и други групи.

Запрашани да ги коментираат наводите на претседателот Вучиќ дека Западот стои зад „обоената револуција“, како што ја нарекува мобилизацијата на студентите и граѓаните во Србија, претставниците на ЕУ потсетуваат дека „на дезинформациите и политичката реторика, вклучително и против ЕУ и земјите-членки, немаат место на патот кон интеграција во ЕУ“

Обвинителството на БиХ издаде налог за апсење на претседателот на РС Додик, премиерот Вишковиќ и спикерот Стевандиќ

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба до судската полиција да ги приведе претседателот на Република Српска Милорад Додик, премиерот Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ, потврдуваат за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Наредбата беше издадена на денот кога Националното собрание на РС требаше да расправа за Нацрт-уставот на РС, што е уште еден сецесионистички потег на властите на РС, откако минатата недела стапија на сила законите за забрана на функционирање на правосудните и истражните органи на БиХ на територијата на тој ентитет.

Властите во Република Српска планираат да го дефинираат тој ентитет во Босна и Херцеговина како држава на српскиот народ, да му дадат право на самоопределување, да основа сопствена армија и да го укинат Советот на народите, според нацрт верзијата на новиот Устав на РС, до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап.

Станува збор за одредби кои се спротивни на Уставот на Босна и Херцеговина.

Наредбата за приведување на Додик, Вишковиќ и Стевандиќ ја издаде обвинителот на Обвинителството на БиХ, Ќазим Хасанспахиќ, а тие се товарат за сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.

Обвинителството издаде налог за апсење на правосудната полиција и побара помош од Министерството за внатрешни работи на РС (МВП) и Државната агенција за истраги и заштита СИПА.

Директорот на судската полиција на РС, Жељко Драгојевиќ, за РТРС изјави дека судската полиција на РС нема, ниту може да биде распишана потерница, бидејќи тоа е во надлежност на СИПА и Судската полиција на Судот на БиХ.

Националното собрание на РС денеска (12 март) се очекува да расправа и за формирање на специјален суд и обвинителство за „заштита на уставниот поредок“.

Откако Додик беше осуден во прв степен пред Судот на БиХ на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради непочитување на одлуките на високиот претставник, властите на ентитетот усвоија низа неуставни закони.

На 27 февруари Националното собрание на РС усвои, а на 5 март Додик го потпиша указот за прогласување на законот, кој се однесува на забраната на активностите на судските и истражните институции на Босна и Херцеговина на територијата на Република Српска.

Едностраното престанок на јурисдикцијата на државата БиХ на дел од нејзината територија не е во согласност со Уставот на БиХ и Уставниот суд на БиХ привремено ги суспендираше овие закони на 7 март. Додик рече дека законите ќе се спроведуваат и покрај ваквата одлука.

Последните закони наидоа на речиси целосна осуда ширум светот, од американскиот државен секретар Марко Рубио, до генералниот секретар на НАТО Марк Руте, до неколку странски амбасади во БиХ.

Европскиот парламент на својата пленарна седница на 12 март ќе расправа за сецесионистичките закани во Босна и Херцеговина.

Уставот на Босна и Херцеговина е Анекс 4 на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина во 1995 година. Според тој документ, државата може да преземе јурисдикција „за оние прашања за кои субјектите постигнуваат договор“.

Практично сите надлежности кои властите на РС сакаат да ги „вратат“ на ентитетско ниво беа префрлени на државно ниво со гласање во двата дома на Парламентот на БиХ, за што гласаа и претставниците на РС.

Според Уставот на БиХ, Република Српска и Федерацијата БиХ се ентитети кои ја сочинуваат Босна и Херцеговина, а немаат карактеристики на држави. Исто така, суверенитетот и територијалниот интегритет, според државниот Устав, се резервирани само за државата БиХ, а не и за ентитетите.

Падна португалската влада по гласањето за доверба

Седница на португалскиот парламент
Седница на португалскиот парламент

Португалскиот парламент синоќа (11 март) и изгласа недоверба на малцинската влада на десниот центар, соборувајќи ја по само 11 месеци на власт, што веројатно ќе доведе до предвремени избори, трети во земјата за нешто повеќе од три години.

Премиерот Луис Монтенегро побара гласање за доверба на владата во четвртокот, откако опозицијата го доведе во прашање неговиот интегритет во врска со работењето на консултантската компанија што тој ја основаше и сега управувана од неговите синови.

Компанијата има договори со приватни фирми.

Монтенегро ги негира сите обвинувања.

„Инсинуацијата дека сум ги помешал деловните и политичките активности е сосема погрешна, па дури и навредлива. Повторената лага не станува вистина, но ја контаминира политичката средина го храни популизмот“, рече тој во парламентот пред гласањето.

Претседателот Марсело Ребело де Соуса ќе одлучи дали ќе распише нови избори по консултации во следните неколку дена. Тој рече дека нови избори би можеле да се одржат во средината на мај.

Претставничкиот дом гласаше за привремено финансирање на американската влада

Американски Конгрес
Американски Конгрес

Претставничкиот дом на САД, каде републиканците имаат мнозинство, усвои закон за привремено финансирање на владата пред истекот на тековниот буџет на 14 март.

Предлогот, кој спречи делумно затворање на владата, беше изгласан од 217 членови на Долниот дом на Конгресот, додека 213 гласаа против. Еден републиканец беше против, а еден демократ беше за.

Предлогот, кој предвидува финансирање на владата до 30 септември најмногу на сегашното буџетско ниво, мора да биде усвоен во Сенатот (каде што републиканците исто така имаат мнозинство) пред американскиот претседател Доналд Трамп да го потпише до петок и на тој начин да спречи затворање на владата.

Предлогот предвидува да се доделат повеќе пари за одбраната, грижа за ветераните и безбедноста на границите, а истовремено да се намалат трошоците за некои домашни програми.

Трамп вршеше притисок врз републиканците да го поддржат планот, особено имајќи предвид дека конзервативните републикански членови на Конгресот обично се противат на мерките за привремено финансирање на владата.

Енди Харис, претседател на конзервативната група за слобода на Домот, рече дека го поддржува предлогот бидејќи тој дојде во време кога Трамп и неговиот советник Илон Маск водат кампања за намалување на државната администрација.

Членот на Демократскиот дом, Роза Делауро, ја критикуваше мерката, велејќи дека со неа клучевите на Владата „и бланко чек им се предаваат на Илон Маск и претседателот Трамп“.

Во Сенатот, потребно е најмалку седум демократи да го поддржат предлогот заедно со сите републиканци за да се спречи затворање на владата што може да наруши сè, од финансиски надзор до научни истражувања, додека стотици илјади владини службеници ќе останат без плата.

Многумина веќе се под притисок од кампањата на Трамп за намалување на владиниот персонал и буџетските трошоци.

Демократите во Сенатот се противат на републиканскиот предлог, но во минатото честопати го критикуваа затворањето на владата како непотребен хаос што им штети на нивните гласачи. Неколкумина веќе најавија дека ќе гласаат за привремено владино финансирање.

Најмалку 100 000 од 2,3 милиони цивилни владини службеници досега се отпуштени или имаат земено отпремнини, додека Трамп ги затвори УСАИД и Агенцијата за заштита на потрошувачите.

Демократите го обвинуваат Трамп дека го прекршил овластувањето на Конгресот да одлучува за распределбата на парите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG