„Предавството мислат дека ќе го покриваат со пари и така ќе купат колку-толку поддршка од граѓаните кои ги ограбуваат секој ден“
„ВМРO-ДПМНЕ против делото на великанот Делчев, тоа е партијата што ги воспеваше Михајлов, Александров и поставуваше споменици на Ќосето“.
Ова се две кратки реплики меѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменети деновиве, а поврзани со темите кои се дел од разговорите меѓу Скопје и Софија. Првата реченица е дел од Фејсбук статусот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ги коментираше претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски кој вели „не се осмелија да изустат, а камоли да напишат дека Ѓорѓи Делчев бил Македонец“, а поврзувајќи го тоа со договорот со синдикалците, првиот опозиционер пишува за постигнатиот договор со „лакејот од синдикатот“.
Втората реченица е од партиското соопштение на СДСМ од каде што тврдат дека опозицијата всушност прави поделби. И двете партии всушност дебатираат за историјата, тема поради која источниот сосед првично ја блокираше македонската европска интеграција во 2020 година. Од тогаш историјата останува да биде тема за дебата во заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји која е составена од експерти.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија партиите не одолеваат на популистичкиот пристап кон ваквите прашања од причина што преку симболични и емотивни приказни наместо преку издржани политики лесно се привлекуваат гласачи.
„Евтино чини да се употреби, се добива големо внимание и наклонетост. И тоа треба да се разграничи од патриотизмот, оти популизмот е негативна појава која доаѓа со цена- добивате поделена јавност која не може да се разбере меѓу себе оти не разговараат врз принципот на дијалог и аргументи, туку на јазикот на емоции“, вели Трошановски.
Во меѓувреме додека партиите дома си лепат етикети на предавство сега, или пак дека порано биле за историски ликови кои имаат негативен одек во дел од јавноста, како Александров или Андон Јанев Ќосето и затоа не треба да коментираат сега, во Софија четврток и петок продолжуваат разговорите на експертско ниво меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија посветени на политичкиот пакет прашања за надминување на разликите меѓу двете земји за кои македонскиот премиер Ковачевски рече дека очекува тие да се водат во духот на европските вредности и со почитување на достоинството и на граѓаните и на двете држави.
Бугарскиот претседател Румен Радев во вторникот на средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и Швајцарција потсети и на темите кои не се економнски, а на кои сега повеќе инсистираат јавно новите премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
„Меѓу нерешените политички прашања се издвојуваат почитувањето на правата на македонските Бугари, јакнењето на јазикот на омразата и посегнувањата врз бугарското културно-историско наследство. Оставањето на овие прашања настрана ќе го забави и напредокот во процесот на европска интеграција“, рече Радев.
Во моменти на ваква општествена и политичка дебата, следниот состанок на заедничката историска комисија треба да се одржи на 24 и 25 февруари. Трошановски вели дека општественета дебата не треба да биде за тоа дали некој го „предава Гоце“ и „дали Бугарите биле фашисти“ туку кои историски факти или научно истражувачки проекти што кажуваат.
„Тоа треба да се разговара и на тој начин да разговараме. Евтините памфлети не служат никому бидејќи секој може да се крие зад квалификацијата- ја продадовме Македонија. Тоа е политички опортуно и корисно, меѓутоа, огромна е штетата кон нашата држава затоа што остануваме поделени“, вели Трошановски.
Инаку деновиве дебатата за историјата повторно се префрли на партиските прес конференции и поради 150 годишнината од чествувањето на раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, кој се одбележа со повеќе одделни настани во Македонија и во Бугарија и со едно заедничко положување цвеќе на делегации од двете земји на неговиот гроб во Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ предложи декларација во собранието која СДСМ ја одби. Накратко осумте точки во неа предвидуваат: електронските медиуми да интегрираат во програмата содржини со кои ќе се афирмира јубилејот, државната компанија за поштенски услуги да издаде поштенска марка, Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите, да организираат соодветни настани, Министерството за образование и наука да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на Делчев и Националната установа Музеј на македонската борба да спроведе соодветни активности со кои, како што пишуваат, ќе се зацврсти споменот на граѓаните за ликот и делото на оваа важна историска личност.