И ден по положувањето на цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје на македонската и бугарската делегација предводени од министерките за култура и за надворешни работи не престануваат јавните реакции од двете земји. Одлуката да се чествува заедно револуционерот значаен во двете општества, предизвика реакции од историчарите, а политичарите пак на тоа гледаат како на можност за намалување на тензиите на релација Софија- Скопје, нешто што го најавија новите премиери од двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на утринскиот бифинг со новинарите во Скопје рече дека никогаш не реагираат и нема да се мешаат за коментари на историската комисија по однос на историските прашања, бидејќи, како што вели „основниот принцип е политиката на политичарите, историјата на историчарите“.
„Политичарите да не коментираат историски прашања, историчарите да не коментираат политички прашања. Сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба, но историчарите не смеат да зборуваат за процесот што ги дефинира политичките прашања“, рече Османи.
Овие реакции всушност произлегуваат по изјавите на копретседателите на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања. Копретседателот од македонска страна Драги Ѓоргиев за чествувањето на револуционерот Делчев кажа дека тоа ја става комисијата во апсурдна ситуација. Инаку комисијата која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година, речиси четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев. Досега имаат препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.
Ѓоргиев рече и дека ако во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, тој би бил согласен работата на комисијата да се замрзне на година, две бидејќи постоело чувство дека таа комисија создава проблеми преку препукувањата во јавноста.
Османи- замрзнувањето на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство
Тоа е политичко прашање, вели министерот Османи кој нагласи дека „замрзнувањето на улогата на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство„.
“Тоа не е содржиско прашање на нивната работа. И затоа нема да реагираме за тоа што они го коментираат и јавно за содржината на нивната работа, но не треба да се мешаат во политичкиот процес како што јас никогаш нема да влезам во коментари за историски прашања и за содржината на нивната работа и мислам дека е тоа фер однос и така треба да биде и тоа ги заштитува нашите позиции“, вели Османи.
Во меѓувреме од Софија се јави и копретседателот на заедничката комисија од бугарска страна. Историчарот Ангел Димитров во интервју за бугарското радио денеска рече дека имало цикличност во однесувањето на, како што кажа, младата сосетка Северна Македонија. Кога се чувствува поактивна комуникација, тврди Димитров „факторите со неосветлено минато или скриени позиции се активираат за да се спречат“. Ангелов нагласи дека заедничката комисија мора да работи и ќе работи, а дека секој обид да се прекине нејзината работа бил гест на лоша волја и лошо постапување со Договорот за пријателство и добрососедство.
„Се надевам дека во Македонија има луѓе кои ќе разберат дека Бугарија не го крие клучот од европската врата, туку тоа го прават одредени кругови во Македонија. Клучот за ЕУ е во рацете на политичарите во Скопје, а не овде...Создавањето страв, нервози со фиктивен непријател, со измислена теза е дело на пропаганда. Таму има тензија од медиумите, од изјави за да се создадат сугестии дека некој сака да им го одземе идентитетот. Апсурдно е да се стави знак на еднаквост меѓу историјата како наука и идентитетот“, вели Димитров.
Ковачевски- да не се излегува со неусогласани ставови на комисијата
Македонскиот премиер Ковачевски во интервју за државната агенција МИА дадено по првата официјална посета на Брисел и средбите со европските челници на прашањето за претходна изјава на Димитров кој рече дека „додека Северна Македонија не прифати заедничка историја, ние не можеме да преговараме“,рече дека смета оти „не е корисно доколку едниот или другиот дел од комисијата излегува со неусогласени ставови бидејќи тоа креира атмосфера во којашто другата страна треба да одговара на прашања или тези коишто се поставени од страната што дала одредена изјава“.
„За таа цел, и кога работеа другите групи, историската комисија, двајцата ко-претседатели кажаа дека ќе ја забрзаат нејзината работа со цел да дојдат до решенија коишто заеднички ќе можат да ги споделат со институциите во двете држави, коишто решенија ќе претставуваат основа за понатамошен развој помеѓу државите“, вели Ковачевски.
Новите премиери во двете земји Ковачевски и Кирил Петков најавија нов пристап во разговорите за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата, со што од тогаш фокусот се стави врз работата на заедничката комисија. Сега премиерите формираа и други работни групи освен за историјата и најавија фокус и врз економијата, трговијата и културата.
Истовремено, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска неколкупати повтори дека нема да отстапат од рамковната позиција на бугарската влада и од декларацијата на бугарското собрание. Конкретно, во декларацијата на бугарското собрание од 2019 година за земјава се наведува „дека препишувањето и присвојувањето по 1944 година на историјата на еден дел од бугарскиот народ е меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“, дека бугарската поддршка нема да биде „на сметка на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на личности од бугарската историја“, а за јазикот бугарското собрание наведува дека мора строго да се придржуваат до клаузулата утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји во однос на официјалниот јазик на Република Северна Македонија.