Достапни линкови

Факултетите ги отворија вратите за медиумска писменост


илустрација
илустрација

Во време на дезинформации и хибридни војни медиумската писменост е моќна алатка во борбата против лажните вести. Упатените укажуваат на потребата од критичко размислување кај младите и подготвеност да препознае вистинска од манипулативна вест

„По кратко боледување почина долгогодишниот дипломат и политички аналитичар Ристо Никовски“.

Веста ја пренесоа неколку македонски медиуми и портали на 16 јануари годинава. Откако македонската јавност ја прочита и почна да се споделува на социјалните мрежи, стигна демант од самиот Никовски, кој потврди дека е жив и здрав.

Всушност колумна која ја напишал самиот Никовски, со наслов „Ин мемориам“, а во која зборува за починат македонски активист од Канада, предизвикала забуна кај друг пријател на Никовски, па судејќи според насловот на колумната, тој донел погрешен заклучок и објавил дека Никовски починал.

Ова е само еден пример на вест која без да се провери, се објавува и со огромна брзина се шири по порталите и медиумите. Оттука и потребата во време на широка продукција на лажни вести и дезинформации, идните генерации ученици и студенти да учат како да препознаат вистинска од лажна вест и како критички да размислуваат кога ќе прочитаат одредена медиумска содржина.

Теменугова: Дел од наставата за медиумско образование е застарена
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:49 0:00
Директен линк

Па така од идната година студентите на четири високообразовни институции во земјава ќе ја изучуваат медиумска писменост како посебен наставен предмет.
Станува збор за Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово и Економскиот факултет на Универзитетот ФОН. Оваа листа на високообразовни институции ќе се проширува секоја година.

Како Русија ги манипулира своите граѓани за војната во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии објаснува дека факултетите ќе ги ажурираат постоечките или ќе воведат нови предмети за медиумска писменост, ќе работат на истражувања, ќе создадат нова литература и ќе осмислат различни активности со студенти.

„На факултетите им недостасува современа литература бидејќи ова е сфера која постојано се менува, така што ќе има и освежување, некои од факултетите имаат предмети кои допираат до медиумската писменост, но тие се застарени програми кои ги надминуваат потребите за функционирање во денешното дигитално општество“, вели Теменугова.

Истражувањето кое ИКС го спровеле минатата година на факултетите кои имаат допирна точка со медиуми, комуникации и дигитална и информатичка писменост, покажале дека медиумската писменост не е непозната, но генералниот заклучок бил дека програмите се застарени и не соодветствуваат со денешното време.

Доцент доктор Кристина Николовска, раководител на проектот за медиумска писменост на Филолошкиот факултет во Скопје вели дека внесувањето на вакви содржини во наставната програма би биле интересни и многу значајни за студентите, од кои поголемиот дел работат во медиумите.

„Кај нас на нашата катедра се запишуваат студенти кои сакаат да читаат и пишуваат. И за мене е интересно како во прва година тие вештини им се доста ограничени и тргнувам од тоа дека кога имаат задача да подготват некаков проект самите гледам дека содржините кои ги пребаруваат на интернет честопати се многу сомнителни. Тие ги немаат оние вештини да издвојат што е веродостоен извор, кога станува збор за текстови кои содржат манипулации, дезинформации, каде што гледаме како стереотипно се претставуваат маргинализирани групи итн, но тоа се подобрува со текот на годините благодарение на тоа што фокусот на нашата катедра е да ги насочиме кон критичко читање и критичко мислење,“ вели Николовска.

Од следната година студентите на Филолошкиот факултет во Скопје ќе имаат можност да го изберат и да го изучуваат предметот медиумска писменост и критичко мислење.

„Голем дел од студентите се вработуваат во медиуми и за нив ќе биде корисно ако однапред имаат претстава како тие медиуми функционираат. Но од друга страна оној процес кој започна во формалното образование најмногу ги засега наставниците од основните и средните училишта кои предаваат мајчин јазик бидејќи во рамките на тој предмет ќе треба да предаваат за медиумска писменост. А знаеме дека најголем дел од тие наставници се од Филолошкиот факултет. Од тој аспект за нив ќе биде добро ако имаат веќе некаква подготовка во оваа област“, објаснува Николовска.

Студентите пак на Факултетот за јазици, култури и комуникации при Универзитетот на југоисточна Европа веќе изучуваат предмети кои се поврзани со медиумската култура и образование. Но нивната листа од следната академска година ќе се прошири со нови предмети.

„Ние имавме неколку предмети како што се социјални мрежи, дигитална култура итн. но тие сега ќе се осовременуваат со нови алатки и нови предмети и на таков начин ќе се зголеми влијанието врз медиумското образование. Нашата катедра засега има кадар кој ќе ја спроведува медиумската писменост, но доколку се појави таква потреба и за на другите факултети во рамките на Штуловиот универзитет ќе направиме се за да обезбедиме нов кадар со цел да се спроведе проектот и да имаме идни медиумски писмени генерации“, вели деканот на Факултетот за јазици, култури и комуникации Демуш Бајрами.

Медиумската писменост ќе се применува и во основните и средните училишта, иако со новата концепција во образованието веќе постојат содржини за медиумска култура кои се вградени во наставниот предмет македонски јазик.

„Во време кога имаме тик-токери и инфлуенсери исклучително е важно кај децата да се развиваат содржини за критичка перцепција на медиумските содржини и тоа се прави заемно со Бирото за развој на образование, а во моментот течат обуки за наставници кои во следните години ќе ја примената медумската писменост“, вели Теменугова.

Педагошкиот факултет ќе ги подготвува идните наставници и библиотекари самите да стекнат и да научат како да ги поучуваат своите идни ученици следејќи ги новите наставни програми кои, меѓу другото, вклучуваат и медиумска и дигитална писменост што основците веќе ги следат од тековната учебна година.

Инаку овие високообразовни институции беа избрани од вкупно 11 факултети кои се пријавија на повикот на ИКС и ИРЕКС во рамки на петгодишниот проект за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“.

Проектот „Младите размислуваат“ е спроведен од страна на Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а е финансиски поддржан од УСАИД.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG