Државата мора да усвои стратегија за македонскиот јазик и да обезбеди финансии за да се надмине проблемот на генерации кои се потешко го зборуваат мајчиниот јазик, при наплив на англицизми за кои нема никаков филтер, смета Искра Пановска-Димкова, раководителка на Kатедрата за македонски јазик при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“. Таа е децидна дека нема никаква опасност за нашиот јазик од страна на Бугарија, туку „тоа е апсолутно прашање на чиста политика“.
Секоја следна генерација се чини дека сè послабо го зборува мајчиниот јазик. Имаме средношколци и студенти недоволно добро знаат да зборуваат и пишуваат на македонски. Дали имаме сериозен системски проблем, и како може тој да се надмине?
Да, јас би рекла дека имаме сериозен системски проблем. Станува збор за стратегија што државата мора да ја усвои и да ја применува, а тоа е едноставно подигнување на свеста кај младите за убавината на македонскиот јазик, за тоа дека можат да се искажат и изразат исто како што тоа сега веројатно го прават со англискиот јазик. Во принцип проблемот со наплив на англицизми не е само проблем за македонскиот јазик. Меѓутоа кај нас, во Република Северна Македонија, вистина нема никаков филтер. Значи буквално важи правилото дека нештото ќе се нарече онака како што ќе го нарече првиот што ќе го внесе како поим во државата. Како да се надмине тоа? Се надминува повторам, со стратегии, со емисии кои ќе бидат интересни за младите, коишто ќе бидат на македонски јазик со интересни апликации за телефони, компјутери, игри, коишто ќе бидат на македонски јазик, па на тој начин некако едноставно дури и без да се сетат да им се вметнува или наложува потребата на македонскиот јазик.
Го споменавте англискиот јазик. Таму во речниците секоја година се вметнуваат нови зборови коишто се одраз на времето во коешто живееме. Кај нас таква пракса немаме или сето тоа оди многу бавно. Во што е проблемот, како да воспоставиме систем за збогатување на нашиот речник во духот на македонскиот јазик?
Точно е тоа дека има потреба и точно е тоа дека се изработуваат многу мал број речници, наспрема да речеме ако споредувате со англискиот јазик. И не само тоа, туку речниците кои ќе се создадат, остануваат така, значи нема нивно ажурирање, нема нивно подновување со нови зборови и тука дефинитивно имаме проблем. Но тоа е пак, повторувам, сето во истите рамки, едноставно нема една поопфатна стратегија којашто ќе го опфати тоа прашање. Тоа ви е на прво место проблем со финансиите. Значи да се финансира нешто од областа на македонскиот јазик, јас мислам дека тоа најредовно е на најпоследно место. Секогаш има средства за можеби, се смета поважни работи, а ова не е баш толку важно. И тука кога нема средства, автоматски оставено само на алтруизмот на , да речеме неколку научни работници, тоа не вродува со плод.
Се помалку студенти се запишуваат на катедрата по македонски јазик. Во што е причината за слабиот интерес за изучување на македонскиот јазик и што планирате да направите за да го подобрите тоа?
Минатата година запишавме 14 студенти на групата македонски јазик, а годинава запишавме 22, што е број со кој што сме задоволни, затоа што ако на времето имаше поголем број на запишани студенти, тоа сепак беше време кога немаше други државни универзитети. А сега има, се изучува македонски јазик и во Штип и во Битола, има и во Тетово, така што ако ги соберете сите тие бројки заедно, излегува еден солиден број. Се разбира дека ние и понатаму ќе се трудиме да го зголемиме интересот кај младите луѓе да се запишуваат на македонски јазик, но за тоа да се стори, ќе треба сепак да се отвораат повеќе работни места, пред се лекторски итн. , за да биде интересот поголем.
Живееме во време кога соседна Бугарија ни го негира постоењето на македонскиот јазик, меѓу другото и преку Бугарската академија на науките. Што треба да направиме во овој случај за да си го „спасиме“ јазикот?
Не, ние немаме никаква опасност за нашиот јазик од страна на Бугарија. Значи тие може да не го признаваат до кога сакаат, тоа не значи дека македонскиот јазик не постои, (дека) не е признат од целиот друг свет освен од Бугарија. Така што тоа е повеќе нивни проблем. Наш проблем е само во смисла што не закочуваат во нашите евроинтегративни процеси. Инаку кога не би било тоа, нас воопшто не би не интересирало дали ни го признаваат или не го признаваат. Тоа е прашање коешто е завршена работа уште во 45-та. Ако македонскиот јазик
има свој континуитет којшто лесно се следи уште од 10-тиот век, признанието за тоа од светот веќе е добиено уште пред 70 години. И тие сега по 70 години сфаќаат дека не ни го признаваат и тука е тоа е апсолутно прашање на чиста политика. И кога не би бил овој проблем што ни го прават за влез во ЕУ, ние воопшто не би требало со тоа да се занимаваме. Меѓутоа, се разбира дека во тие преговори што се во тек, мислам дека црвената линија е далеку, многу оддалечена од какво било допирање на македонскиот јазик, или каква било дамка врз него, во смисла не само за сегашново постоење , тоа е апсолутно факт, туку и за неговите почетоци и неговиот континуитет.
А како реагирате на наводите дека Кирил и Методиј биле бугарски просветители, а не сесловенски?
Тоа е прашање што светот го има решено. Ние не можеме нив со сила да ги натераме да ја прифатат светската наука, така тие си сметаат, така нека си прават. Светски е така како што кажувате, старословенски. Затоа што илузорно е вие да зборувате за бугарски, или за македонски или за руски во тоа време. Тоа е сепак деветти век, немало свесност за одредени нации, апсолутно многу подоцна се јавува. Имало свесност само за словенството, различноста на словенскиот свет наспроти не словенскиот. Тоа биле тукашните племиња несловенски, Грците итн. Толку и ние можеме да кажеме, тие села од каде што се по потекло Св. Кирил и Методиј, се дефинитивно сегашно на територија на македонскиот јазик.
Отворање нови лекторати во странство, лектори во јавните институции, формирање Инспекторат за употреба на македонскиот јазик се меѓу одредбите во предлог измените на Законот за употребата на македонскиот јазик. Беа најавени пред пандемијата, како еден практично нов закон за доусовршување на македонскиот јазик. До каде е овој процес и колку овие измени ќе помогнат во зачувувањето на јазикот?
Ние побаравме информација од Советот за македонски јазик, и уште сме во очекување каде се заглави работата и што треба да се направи за да се продолжи со носењето на тој закон. Инаку точно, внатре имаше предвидено многу убави работи за отворање нови лекторати , за учење македонски јазик на сите факултети една година, за задолжително вработување лектори во сите државни институции итн. и се разбира дека кога ќе се донесе тој закон, мислам дека работите во голема мера ќе се поправат.
Факт е дека не постојат брзи решенија, но според вас, ако треба нешто веднаш да се направи за да се подобрат состојбите, што би било тоа?
Веднаш би било тело, Комисија, одбор што било, коешто ќе почне веднаш да се занимава со смислување решенија за голем број да речеме зборови коишто сега недостасуваат во јазикот, но тоа тело истовремено да биде поврзано со некое гласило. Кога би имало такво тело мислам дека би завршило голема работа, тоа е под број еден и под број два, се разбира, вработување лектори, под број три полагање испит за изговор, особено за Скопје.