„Европскиот зелен договор: повеќе од климатски промени“ беше тема во фокусот за време на втората од дебатите инспирирани од изложбата „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“, што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје, на 4. април.
Инспирирани од делото „Beyond: Reptiles 2021“ на уметникот Велимир Жерновски, во фокусот на овие разговори беа климатските промени, но и она што доаѓа по нив.
Евроамбасадорот Дејвид Гир кој беше еден од домаќините на настанот, рече дека дневнополитичките настани во светот се важни, но не треба да нè дефокусираат од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото - климатските промени, деградацијата на животната средина и колапсот на биодиверзитетот.
Настанот ги седна на иста маса и претставниците на институциите и оние на невладиниот сектор, како и младите, студентите... За дебата за состојбите на локално и на централно ниво во земјава, но и за тоа што прават граѓанските организации, какви се обврските кон меѓународната заедница и конвенциите што нашата земја ги има ратификувано.
Што истакнаа студентите?
Студентите кои беа дел од дискусијата генерално посочија дека овие теми се малку или воопшто не се застапени во програмите што ги изучуваат, ниту на техничките ниту на правните факултети, а тоа што го учат е со застарена содржина.
Според Анкица Соколиќ, студентка на 4. година на Машинскиот факултет во Скопје (насока енергетика и екологија), предметите не се ажурирани, а водата сè уште се води како обновлив извор на енергија.
„За жал, сè повеќе студенти на ФЕИТ решаваат да студираат програмирање наместо енергетика“- посочи Вера Палевска, 4. година на Факултетот за електротехника и комуникациски технологии.
Азиз Сулејмани од Тетово, студент на Правниот факултет во Скопје, вели дека климатските промени како тема досега не биле застапени во образовниот систем и заклучи дека тапкањето в место за ова прашање е поради тоа што нема политичка волја.
Младиот ЕУ-амбасадор, Гент Салихи, смета дека во стратешките документи се носат лоши политики кои одамна се напуштени во развиените земји.
„Гуштерите и нивната способност да се регенерираат се тајна која научниците допрва ќе ја откриваат. Изложбата е апел да се замислиме што сме направиле, кои сме ние, супериорниот вид на Земјата, и како ги заборавивме законите на природата? Ние ја гориме библиотеката на животот“, рече кураторката ДијанаТомиќ-Радевска.
Модераторката Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“, заклучи дека можеби нештата кај нас се случуваат бавно, но свеста на јавноста за климатските промени е разбудена.
Поставката која треба да инспирира останува отворена во резиденцијата до 20. мај, а Жерновски е еден од шестемина автори вклучени. Изложбата ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“.