Претставниците на Факултетските студентски собранија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и нивните тимови, на официјалните профили на социјалните мрежи секојдневно добиваат прашањата од колегите студенти за правилниците на факултетот, правата на студентите и сите процедури поврзани со студирањето и функционирањето во факултетската средина.
„Претежно прашањата се од бруцоши, бидејќи тие прв пат се сретнуваат со еден таков систем кадe има малку повеќе бирократија за разлика од средно училиште. Најчесто тие имаат проблем со прашања поврзани со тоа кои се условите за потпис кај некој предмет, кои се сите документи коишто им се потребни за упис или заверка, како и кога се земаат потписи, ако сака некој да поништи оценка или комисиски да полага некој предмет исто така, на нас ни ги поставуваат прашањата“, изјави за РСЕ Вера Палевска, претседателка на Факултетското студентско собрание на Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Со актуелниот повик за ангажирање студенти во проектот „Студентски сервис“на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, од почетокот на следната година, на овие прашања ќе одговара по еден избран студент од секој факултет, кој е „тата мата“ за сите случувања и процедури врзани за неговиот факултет. Освен за „благодарам“, претставниците ќе ја извршуваат оваа функција и за паричен надоместок.
„Студентите кои се пријавуваат на овој повик досега, секако веќе ги имаат одговарано овие прашања и се дежурните „бироа за информации“ на факултетите. Но сè што добиле за возврат е само „благодарам“ од страна на другите колеги. Така што, ова е начин на којшто УСС им се заблагодарува на тие студенти и ги наградува за својата работа и го поддржува тоа тие да си помагаат меѓу себе, за 3000 денари плус месечно, што не е некоја голема сума, сепак е симболична, но доволна да му помогне на студентот. Кога ќе се собере со субвенционираниот студентски оброк доаѓаат околу 6000 денари месечно“, изјави за РСЕ, Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Треба да се изберат 24 студенти, по еден за секој од 23-те факултети, плус еден претставник за одговарање на општи прашања поврзани со стипендии, студентски оброк, домување и слично.
„Засега има 120 студенти пријавено и тоа е искрено одлична бројка, јас очекував и помалку. Според мене, ова покажува интерес од страна на студентите. Има пријавено од секој факултет, дури има и од „Мајка Тереза“ некои што се имаат пријавувано“, истакна претседателката Цветковска.
Според Палевска, со „Студентскиот сервис“ ќе се реши еден реален проблем на целиот Универзитет. Tаа има впечаток дека младите се расположени за соработка.
„Барем на нашиот факултет соработката меѓу студентите е одлична и секогаш си излегуваме во пресрет за каква било работа и надвор од факултетските обврски. Мене ме радува што е ваков одзивот и што има студенти кои се запознаени со овие работи, што сакаат да им помогнат на своите колеги. Така што, мислам дека е одлична иницијатива и е нешто буквално од студентите за студентите, нормално поддржано и од Универзитетот, тие изразија една сериозност од нивна страна“, додава 22-годишната студентка на ФЕИТ, Палевска.
Студентите можат да се пријавуваат за позициите во „Студентски сервис“ најдоцна до 31.12.2021, кога се затвора повикот.