Достапни линкови

МЖ Транспорт - Најголем загубар со најлуксузно возило


Илустрација - нов воз
Илустрација - нов воз

МЖ Транспорт набави возило вредно 30.500 евра, иако фирмата е прва на листата на државни должници. Возниот парк не е подновен од 2010 година, но ниту еден автомобил не е луксузен како новиот. Уште две фирми загубари од листата на 10 најголеми должници во изминатите години набавиле возила.

Македонски железници транспорт го збогати возниот парк со луксузно патничко возило и покрај тоа што претпријатието на државата и должи 63,8 милиони евра. Загубарот за автомобилот Форд Мондео Титаниум издвои околу 30.500 илјади евра, а договорот е потпишан на крајот од април.

На повикот се пријавила само една фирма, а автомобилот се опишува како совршен спој на технологија и изработка, перформанси и ефикасност, иновативен дизајн и прецизен инженеринг. Нуди активната помош при паркирање, напредна технологија со гласовни команди, детектирање на пешаци, напредна филтрација на воздух.

Македонски железници транспорт е прва на листата на државни должници, според последните податоци на Министерството за финансии. Претпријатието, како што се наведува во регистарот на возила на Антикорупциска, располага со девет возила, но ниту едно не е луксузно како најновиот автомобил.

Возниот парк го сочинуваат две возила Шкода Октавија и возило од марката Фолксваген од 2010 година, Лада Нива од 2007, потоа Сеад Кордоба од 2002, Шкода Фелиција и Југо 55 од 2000 година, две Шкоди Фелиција од 1999 година, како и и Мерцедес од 1990 година.

Ова не е прв пример да се купуваат возила кои се непотребни од парите на граѓаните, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Кога Владата се однесува на истиот начин, според него, таа нема право да им забрани и на загубарите да набавуваат автомобили.

„Оваа појава на беснеење и чаталење на кадрите на власт го илустрираш со еден пример на еден загубар. Меѓутоа оваа појава зема размери секој ден и се повеќе. Значи да сакаат, а не верувам дека сакаат и да имаат политичка волја и премиерот и Владата многу лесно може да ги спречат тие работи. Меѓутоа како да ги спречат кога и самата Влада купуваше голем број возила, што ,исто така, не се потребни“, вели Хајредини.

Уште две фирми загубари набавиле возила

Од првите десет загубари на листата во изминатите години патнички возила, односно во 2018 година, набавиле само уште две претпријатија, Водовод и Канализација Скопје и Национални енергетски ресурси. И двете претпријатија набавиле поевтини возила за неколку илјади евра споредбено со автомобилот на Македонски железници Транспорт.

Национални енергетски ресурски набавило Шкода Карок за кој биле издвоени речиси 26.500 евра. Додека пак Водовод и Канализација Скопје склучило договор за набавка на Пежо 301 во вредност од речиси 19.500 евра.

Национални енергетски ресурси е на второ место на листата на должници со 25,5 милиони евра. Додека пак Водовод и Канализација Скопје е на девето место и на државата и должи 5,6 милиони евра.

Останатите најголеми државни должници се Општина Тетово, со долг од 11,3 милиони евра, ЈП Водовод Куманово со 7,9 милиони евра, општина Охрид со 7,1 милиони евра. Потоа АД Електрани на Македонија со 6,1 милиони евра. ЈП МРТ со 5,9 милиони евра и Општина Карпош, кој има доспеани, а неплатени обврски од 4,9 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG