Човек со мотор брмчи околу зградите во четири часот наутро и се дере: Кој има ваков мотоооор? Еднаш, двапати, трипати... По некое време на балкон излегува еден од соседите и вели: Јас имам, па не се дерам во четири наутро.
- Како се гасииии, прашува моторџијата, вртејќи уште еден круг околу зградата.
Можеби и возачот на Бентлито, што синоќа со голема брзина возеше по скопскиот плоштад, слично како моторџијата од вицот, не знаел како се гаси.
Откако видео снимката од вознемирени пешаци кои се тргаат пред забрзаниот автомобил се појави на социјалните мрежи, скопскиот градоначалник веднаш се пофали дека возачот е најден и експресно е казнет.
Казната е ни помалку ни повеќе, туку цели 45 евра. Аман, немојте толку строго, веќе нема да му текне, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Среќа што Бентлито било исправно, да не му работела сијаличка на фарот, казната ќе била три пати повисока.
Ако возачот и совозачот не носеле маски, казната можела да биде и двојно повисока.
Други, пак, велат дека и полицајците треба да внимаваат да не се удрат во некој пајак, алудирајќи на случајот од 2018 година, кога прво беше објавено дека функционерот на ДУИ Беќир Асани нападнал полицајка која се обидувала да го крене неговиот непрописно паркиран џип од пред трговскиот центар Мавровка, но Министерството за внатрешни работи потоа соопшти дека полицајката сама се удрила во пајакот.
Трети цинично посочуваат дека ваквото возење може да влезе и во туристичката понуда на градот.
Битолчани се загрижени дека вакви возачи може да се појават и кај нив.
Некои архитекти, пак, иронизираат дека каков плоштад, такво однесување на луѓето.
Казната, според законот е таа, дали се работи за Бентли или за Југо сеедно. Сепак, се чини дека граѓаните сметаат дека тие што возат Бентли се малку „поеднакви од другите“.
Дел од луѓето посочуваат дека се работи за автомобил кој чини над 150 илјади евра и се прашуваат од каде пари за такво нешто.
Вакви случаи во Скопје се случуваат од време на време. Кејот зад ГТЦ постојано е полн со паркирани возила, а пред неколку години имаше и дрифтање околу споменикот на Александар Македонски на плоштад.