Големиот број возила, постојаниот метеж, недоволно паркинг места и малку коловозни ленти укажуваат дека Тетово е далеку од современ урбан концепт од аспект на сообраќајот.
Општина Тетово поради овие услови, но и загадувањето на воздухот, уште во јануари имаше помпезно претставување на пет автобуси со кои најавија воведување јавен превоз на патници. Речиси половина година подоцна тие се уште стојат паркирани, а градскиот превоз не е воспоставен.
Дарко Спировски, директор на новоформираното јавно претпријатие „Тетово транспорт“ уверува дека покрај ковид ситуацијата се работело на процесот на решавање на повеќе отворени прашања како повеќе простор за автобусите на улиците, наоѓање персонал, обуки и слично. Според него допрва во Тетово треба да се создаде урбана култура на живеење при што луѓето ќе користат јавен превоз.
„Луѓето во моментов користат сопствени возила, користат разни комбиња, кои неколкукратно го загадуваат градот. Автобусите ќе решат огромен проблем на транспорт пред сè на учениците и студентите, исто и на вработени во градот што се. Работата е за да го обезбедиме јавниот превоз не само да се возат автобусите туку автобусите на време да одат од станица до станица. Затоа малку се одложи, условно земено, работата затоа што сме соочени со предизвик да и менталитетски се сменат одредени работи на терен, ама тоа се работи интензивно“, истакна Дарко Спировски.
Во Тетово сообраќајот е опасен по здравјето на граѓаните, но е и нефункционален од инфраструктурен аспект. За поурбан сообраќаен концепт потребни се многу промени, смета инженерот Зоран Ѓорѓевски, професор по стручни сообраќајни предмети.
„На градот му недостига ефикасно управување на транзитниот сообраќај, како прво, односно намалување на надворешните возила кои влегуваат во градот, а немаат потреба за тоа. Тоа би значело изградба на обиколен пат кој ќе ги поврзе регионалниот пат Тетово - Јажинце со автопатот Тетово-Скопје. Ефикасно управување на товарниот сообраќај во комбинација со ефикасен систем на снабдување во градот. Од овој аспект јас решението го гледам со изградба на стоковен транспортен центар надвор од градот“, потенцира Зоран Ѓорѓевски.
Воедно тој ја потенцира и потребата за јавен градски превоз со еколошки автобуси, но и други елементи кога станува збор за намалување на сообраќајниот метеж.
„Изградба на мрежа од велосипедски патеки, промовирање и поттикнување на велосипедскиот сообраќај и пешачењето, бидејќи големината на градот е таква што овој вид на сообраќај треба да стане основата на движењето. Ќе биде неопходно претходно да се ослободат површините од паркирани возила на начин што на луѓето ќе им се обезбеди паркинг простор кој јас го гледам во неколку добро избрани локации на кои ќе се изградат паркинг гаражи за да одиме на искористување на простор по висина, бидејќи сме доста ограничени површински“, предлага Зоран Ѓорѓевски.
Велосипедски патеки во Тетово има само долж два булевари, нема ни една катна гаража, а обиколницата за градот кон север се уште е во фаза на анализирање.