Достапни линкови

За да најдеш паркинг во Тетово потребно е многу среќа


Среќа е да најдеш паркинг во Тетово
Среќа е да најдеш паркинг во Тетово

Во центарот на Тетово не може да се најде место за паркирање се жалат станарите. Од полицијата велат дека проблем се големиот број на возила и недоволната инфраструктура. Од Општината нема најава за нови паркинзи.

Среќа е да најдеш паркинг во Тетово, вели еден графит во центарот на градот. Со ова се согласуваат станарите на булеварот Илирија, поранешен Маршал Тито. Таа делница важи за главна сообраќајници во градот, има зонско паркирање, но не се дозволени месечни карти за жителите во зградите. Тие поради тоа мора да се снаоѓаат, па бараат паркинзи наоколу.

„Да живееш во центарот на Тетово значи дека треба секој ден најмалку по даваесеттина минути да бараш паркинг место. Иако имаме пред зградата паркинг, поради една државна институција лоцирана во приземје паркингот е постојано полн од странки. Освен тоа, постојано имаме проблем околу регулацијата на паркингот со околните угостители. Бидејќи ова трае со години, а постојано бараме од Општината преку Совет на станари и месна заедница да го реши проблемот, можам слободно да кажам дека локалнава власт нема никаков концепт, идеја или стратегија да го реши проблемот со паркирање во Тетово. Потребни се многу повеќе паркинг места, Тетово не е истиот град според население од пред 20 години,а и според автомобили“, вели еден од станарите.

Командирот на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај, Зоранчо Талев, исто така смета дека главниот проблем е огромниот број на автомобили кои се движат низ градот како и недоволната инфраструктура односно улици и патишта. Вели дека заедно со Општината се обидуваат да изнајдат решенија.

„Ние сите сме свесни за таа појава, свесни сме дека има мала и тесна инфраструктура за толкав голем број на регистрирани возила. Статистиката кажува дека имаме регистрирано над 40 илјади возила на подрачјето на Тетово. Уредувањето на сообраќајот го врши Општината. Ние редовно сме во координација со нив. Редовно им предлагаме некои можни решенија како би избегнале такви состојби. Постојано сме во контакт, има некои законски решенија за едносмерни улици. Она што може да се направи интервентно. Мислам дека веќе некои како предлози се поминати со одлука на Совет“, рече Талев.

Покрај недостигот на паркинзи, значителен проблем за состојбата е и несовесноста кај дел од возачите, кои, на пример, со години паркираат на пешачката зоната на самиот плоштад.

„Сообраќајната полиција преземаше и ќе презема интензивни мерки за погрешно паркирани возила на тротоари, двојно паркирани возила и сите оние проблеми кои што ги согледуваме на терен“, истакнува командирот на сообраќајната полиција.

Општина Тетово нема најава за нови паркинзи или за воведување на зонско паркирање на уште улици.

XS
SM
MD
LG