Достапни линкови

Непознати сообраќајните потреби на Тетово


Улица во Тетово
Улица во Тетово

Последната сообраќајна студија на Тетово е од пред 35 години, но градот оттогаш е многу изменет. Се зборува за проширување на улици и нови булевари, но никој не знае каде и колкави улици се потребни.

Пробивањето на булевари и зголемување на нивната должина како начин да го надмине сообраќајниот метеж, актуелното раководство на општина Тетово го споменуваше како можност во текот на изминатиот четиригодишен мандат. Ако во првите неколку години се најавуваше дека ќе се пробива булеварот Благоја Тоска, сега на крајот од мандатот градоначалничката Теута Арифи со нова најава и одредница, односно намера тоа да се прави за булеварот Видео Смилевски Бато покрај спортскиот центар.

„Патот ни е еден проект на општина Тетово за продолжување на булеварот до стадионот. Ние го одработивме, дадовме и дозвола за градба. Тоа ни беа условите за да го конкурираме кај Светска банка. Веќе го испративме и проектот е добро примен. Имајќи го предвид фактот поради политичката ситуација, Светската банка ги има малку забавено процедурите за да одлучи и сметаме дека позитивно ќе одлучи за ова“, рече Арифи.

Улица во Тетово
Улица во Тетово

Магистерот по сообраќај Ељмир Мустафаи во една своја анализа проценува дека градот има потреба од нова сообраќајна студија. Образложува дека сè уште се спроведуваат решенија базирани на студијата од 1981 година, а според него, ако пред 36 години имало 20 возила на 1.000 жители, сега таа бројка е 150.

„Студијата што е кај нас, булевар Благоја Тоска, булевар Илинденска и В.С. Бато, крстосница, тоа е од студијата од 1981 година. Тоа е предвидено пред 35 години дека тука ќе има булевар ама не е реализирано. Сообраќајна студија опфаќа обемно истражување на население, трговски центри, начинот на патување. Значи се прави анкетирање на куќи, за секоја куќа се прави каде патува, со што патуваат, се прави детална анализа на патувањата, да знаеш што да проектираш. Од 1982 колку е изменет градот, имаш нови улици, нови трговски центри, нови згради. Сега не знаеш кај патуваат, кај работат, како се движи тоа“, смета експертот по сообраќај.

Тетово нема и нов Генерален урбанистички план па ваква студија во голема мера ќе помогне за подобрување на состојбите, смета Мустафаи.

„Реално сообраќајот не се гледа како да има важност многу. Се гледа како втора опција. Првин урбанизамот потоа сообраќајот. Сообраќајна студија се прави пред носење на ГУП. Без студија не може да се предвидува ГУП. Како ќе предвидиш на пример сообраќајници широки со две со три ленти, јавен градски превоз, паркинзи, катни гаражи каде што има потреба, значи мора студија да има. Законски не е задолжително, но сите градови го прават. Нови Сад, Белград, прво прават сообраќајна студија па предвидуваат генерален урбанистички план. Да се студира еднаш, да се види што е потребата“, вели Мустафаи.

Градот Тетово е со површина од 10 квадратни километри и според последните статистички показатели густина на население од 5.206 жители на квадаратен километар.

XS
SM
MD
LG