Достапни линкови

Со парцијални решенија не се надминува метежот во Тетово


Граѓаните во Тетово велат дека постојните сообраќајни решенија не влијаат на намалување на метежот на возилата во градот. Во тек е изградбата на кружниот тек кај музичкото училиште за кој околните жители сметаат дека не е соодветен.

Кружниот тек кај музичкото училиште е најновиот обид на Oпштина Тетово да го подобри сообраќајот во градот. Сепак граѓаните кои живеат таму сметаат дека ваквото сообраќајно решение не го подобрува метежот на возилата.

„Прва и основна работа е дека можеби кружните текови како решение се добри, ама конкретно еве овој кружен тек не е соодветен. Мислам дека поголеми возила овде не можат да поминат и автоматски би направиле кочење на сообраќајот и сите тие работи кои што не се соодветни за сообраќајот“, вели претставник на тамошната месна заедница.

Професорот по инфраструктура Вулнет Палоши вели дека во Тетово има и други сообраќајни решенија кои како недовршени исто така создаваат проблеми за возачите и пешаците.

„Такви имаме, нерешена крстосница кај касарната на улицата „Благоја Тоска“ каде што е неадекватно решение доведува до конфликтни ситуации недовршена е за тие 100 метри, значи не е во функција. А ова што е ставено во функција секогаш има проблем за возачите. Така и „Благоја Тоска“ кај Нептун, кај спортски центар исто така недовршена, неадекватно довршена. Се прават други, некои да речам инвестиции во некои други објекти од инфраструктура во градот Тетово, а ова што не задушува еден долг период-сообраќајот, фактички не го решаваме еден подолг период“, истакнува Палоши.

Пешаците во Тетово велат дека се соочуваат и со сообраќајна сигнализација која воопшто не е функционална. Таков пример се пешачките премини пред сè пред училишта кои се едвај видливи или ги нема пред соодветните знаци.

„Посебно премините кај училиштата кај што поминуваат децата. Јас мислам дека тоа е најосновно во светот. Тие можеби на две-три години еднаш со поликолор ги исцртуваат.“

„Треба да бидат обележани. Еве пример пред нас, школо има тука, а воопшто не се забележува дека има пешачки премин.“

„На сè се штеди и тука треба да има норма на колку време да се обновува.“

„Како ќе знае детето каде треба да пројде? И тогаш судири има. Треба власта да работи на тие работи“, велат анкетирани граѓани.

Од Општина Тетово велат дека одбележувањето на премините се врши во зависност од приватните фирми кои ги изведуваат работите на терен.

Од СВР Тетово соопштија дека општината од нив побарала сообраќајна согласност за изградба на кружниот тек кај музичкото училиште. Во мај барањето било одбиено поради констатирани недостатоци, кои потоа општинските служби ги отстраниле. Целосна согласност за изградба на кружниот тек е дадена на 24 јуни откако е утврдено дека се исполнети сите предуслови за адекватни радиуси, забрана за одвивање товарен сообраќај и други параметри.

XS
SM
MD
LG