Достапни линкови

На Тетово му треба обиколница кон косовската граница


Нова обиколница кон Косово и повеќе ангажираност на институциите за надминување на сообраќајниот хаос во Тетово, бараат граѓаните. Велат дека не е безбедно за пешаците, а често има и сообраќајни несреќи. Во Општина Тетово велат дека постои долгорочно решение, но за тоа требаат пари.

Честите сообраќајни несреќи во кои страдаат пешаци, близината на училишта, спортски центар, пазар и институции се причините од месната заедница „Борис Кидрич-Тетово“ да укажат дека градот има потреба од нова обиколница со цел да се избегне движењето на камиони и други возила кои одат кон населените места на север и кон Косово.

Улиците „Благоја Тоска“ и „Борис Кидрич“ и нивната заедничка крстосница се најцрните точки во овој дел од Тетово и опасност за пешаците. Таму се случуваат најголем дел од сообраќајките во кои имаше и загинати, раскажуваат граѓаните.

„Не се чувствуваме безбедни. Многу има сообраќај. Нема семафори. Пешаците нема кај да поминуваме.“

„Оваа раскрсница е најстрашна. Сега има најмногу возила поради продавницава, многу одат луѓе. “

„Лично имам видено неколку судари. Многу често се случуваат. Решение треба да дадат тие што имаат обврска за ова работа, треба сериозно да се позанимаваат со овој проблем.“

„Под итно кружен тек да се направи и двајца полицајци нон-стоп овде да седат.“

Во пресрет на почетокот на учебната година, од месната заедница апелираат за пренасочување на сообраќајот се додека не се изгради обиколница како и поефикасно дејствување на институциите околу сообраќајот.

„Бараме од надлежните органи решение да се пренасочи патот каде што ќе поминуваат поголемите возила по тој пренасочен пат. Тука да биде само за возила кои што ќе се движат локално. Посебно загрозени се децата кои одат на училиште. Пешачките премини им се зафатени од разни продавачи на лубеници, грозје. Баравме од локалните власти да ги обележат пешачките премини каде што ќе се движат учениците“, изјави претседателот на месната заедница „Борис Кидрич“, Мирче Блажевски.

Во Општина Тетово велат дека постои долгорочно решение, но за реализација се зависи од финансиските можности. Според Хусеин Демири, од Секторот за сообраќај при Општина Тетово, сè додека е ваква состојбата, најважно е возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

„Ако семафорот е во дефект, семафорот е со трепкач, што значи возачите треба да бидат претпазливи. Ако и трепкачот не работи имаме сообраќајни знаци што значи дека возачите треба да внимаваат на десното правило. Ако и тоа не го имаме значи тука треба да интервенира и полицијата“, вели Демири.

Според Генералниот урбанистички план на Тетово предвидено е продолжување на ткн. Индустриска улица со што камионите и други возила директно би се упатувале кон регионалниот пат што води до граничниот премин Јажинце, наместо фреквентниот потег од пазарот до касарната во градот.

XS
SM
MD
LG