Достапни линкови

Паркинзите празни, возилата насекаде околу


Плоштадот во Тетово.
Плоштадот во Тетово.

Затворените паркинзи во Тетово зјаат празни, а граѓаните се паркираат насекаде, на плоштадот, велосипедските патеки, улиците, па дури и на кружните текови.

Тетовскиот плоштад е едно од местата во градот кое функционира како диво паркиралиште. Иако има посебен знак дека станува збор за пешачка зона, возачите го користат второто ниво на плоштадот за да ги паркираат автомобилите. Освен таму, такви подрачја кои се користат како паркинзи се и велосипедската патека на булеварот Илирија, па дури и на кружните текови. Паралелното паркирање на улиците во значајна мера го отежнува и сообраќајот. Тетовци признаваат дека возила се паркираат, секаде само не на затворените паркинзи кои стојат празни.

Во Тетово има доволно паркинзи, меѓутоа луѓево со колите одбегнуваат да платат паркинг, па така се паркираат каде ќе им текне. Не можат луѓево да се разминат по улица, тие што се пешаци, многу е лошо.
Анкетиран граѓанин.

„Јас возам мотор, скутер, од многу паркирани возила што се на улица или пред семафори, не можеме да поминеме од нив.“

„Во Тетово има доволно паркинзи, меѓутоа луѓево со колите одбегнуваат да платат паркинг, па така се паркираат каде ќе им текне. Не можат луѓево да се разминат по улица, тие што се пешаци, многу е лошо.“

Хусеин Демири, раководител на секторот за сообраќај во Општина Тетово вели дека локалната самоуправа ќе почне со сериозни мерки за да се надмине метежот во паркирањето и воопшто сообраќајниот хаос.

Некои се жалат дека нема доволно паркинзи, меѓутоа можете да се уверите дека во овој момент, ако одите во затворените паркинзи, дека има доволно слободни места или се празни затворените паркинзи, а на улиците се паркирани паралелно две до три коли.
Хусеин Демири, раководител на секторот за сообраќај во Општина Тетово.

„Во соработка со сообраќајната полиција треба да се елиминираат овие проблеми. Некои се жалат дека нема доволно паркинзи, меѓутоа можете да се уверите дека во овој момент, ако одите во затворените паркинзи, дека има доволно слободни места или се празни затворените паркинзи, а на улиците се паркирани паралелно две до три коли“, вели Демири.

Во насоката на подобрување состојбата, општината пред извесно време одлучи да го воведе и зонското паркирање. Советот на општината ги определи цените и зоните, но наплаќањето ќе започне понатаму.

„Ќе има подготвителен период од две недели. Ние мислиме дека со зонското паркирање ќе може малку да се регулира сообраќајот во градот. Ќе се елиминираат паралелните паркирани коли. Ќе бидат приморани граѓаните да се паркираат нормално, како што се сигнализирани местата. Да ги почитуваат знаците, вертикалната и хоризонталната сигнализација“, истакнува Демири.

Еден час зонско паркирање во три зони е предвидено да чини од 15 до 30 денари.

XS
SM
MD
LG