Тетовската полицијата секој ден открива околу 3 лица кои управуваат возила, а немаат возачкидозволи. Претежно семлади, но и малолетни. Чести се и случаи на возрасни лица кои дури и вршеле превоз на патници.
Марјан Јосифовски, портпаролот на СВР Тетово објаснува дека состојбата е постојана и бројката на откриени луѓе без положен возачки испит се зголемува.
„Во првите три месеци од оваа година, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, во редовни и акциски контроли спроведени на поширокото тетовско подрачје, вкупно откриле 299 лица, кои ги управувале возилата без положен возачки испит, односно кои не поседувале валидни дозволи за управување. Минатата година ,пак, вкупниот број на вакви лица изнесувал 1367. Станува збор за лица на возраст до 30 години, претежно од ова подрачје. Меѓу откриените неретко се среќаваат и повторници, како и малолетници“, вели Јосифовски.
Експертот за сообраќај Елмир Мустафаи апелира семејствата да не дозволуваат младите да управуваат возила без положен испит. Оваа вештина мора да ја научат институционално поради сопствена, но и општата безбедноста на сите учесници во сообраќајот, вели тој.
„Од првин треба да извадат лекарско уверение, да се запишат во автошкола, да вршат теоретска настава, после практична настава, да полагаат тест полигон, градска и на крај ако се положат сите три делови од испитот се стекнува со возачка дозвола, односно дозвола за управување со моторно возило во јавен пат. Треба да се почитува законот за безбедност во сообраќајот од сите учесници. Кај сите возачи е задолжително да носат документ за идентификација како лична карта така и ако се возачи управуваат моторно возило мора да носат и возачка дозвола. Исто така и професионалните возачи имаат специјален третман ако вршат дејност професионален возач превоз на стока и луѓе мора да имаат и професионална обука да имаат освен возачка дозвола“, вели Мустафаи.
Од полицијата велат дека и паричната казна е висока, па апелираат за коректно однесување на луѓето кои управуваат возила.
„Паричната глоба за овој вид прекршок согласно законот за безбедност во сообраќајот на патиштата член 225 изнесува 300 евра во денарска противвредност. Толку е глобата предвидена и за лицето кои им ги дале возилата да ги управуваат, иако знаеле дека не поседуваат возачки дозволи“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.