Подотворен прозорец со заглавен штрафцигер за да не отвори сам до крај, скршена рачка за отворање на вратата од автомобилот од внатре, и за да тргне колата менувачот наместо во прва брзина се става во втора па се турира. Вака отприлика изгледа возењето во југословенската гордост Југо Корал 45. Оваа марка возило се уште е дел од македонскиот возен парк на многу институции, покажуваат дел од податоците за возниот парк на администрацијата од регистарот на ДКСК.
На пример јавното претпријатие Македонија пат поседува 6 автомобили марка Југо од кои најстарото е произведено во 1991 година, но и поново купено во 2000-тата година. На терен низ земјава со југо се возат и вработените во Државен санитарен и здравствен инспекторат од Охрид и Берово, но и од општина Центар.
Истата среќа ја делат и вработените во Македонска радио телевизија кои поседуваат пет автомобили – марка Југо корал 45. Најстарото возило на МРТВ е Застава 750 старо 46 години, а веднаш по неа за само една година помладо е комбето со кое МРТВ врши пренос во живо Фургон 340 Д произведено 1976 година. На паркингот спроти МРТВ покрај Југо-вци, се паркирани и десетина Лада Ниви и Лада караван произведени пред најмалку три децении. Последното купено возило во МРТВ е Лада Нива набавена во 2001 година.
Во колекционерите на олдтајмери може да се вброи и јавното претпријатие Македонски железници- инфраструктура со камион ТАМ од 1985, и трактор произведен од 1982 година. Во делот на југословенски стари возила може да се пофали и министерството за одбрана кое во својот возен парк поседува две Застави, едната 101 произведена 1982 а втората 125 Скала произведена 1984 година.
Од друга страна пак, националната агенција за европски образовни програми во ДКСК пријавила дека поседува 5 автомобили од кои 4 се набавени во 2018 годин и сите се во семејството на Фолсфаген и тоа Голф 7, Пасат, Мултиван комфортлине и Тигуан.
Во меѓувреме, додека се уште во земјава и светот владее пандемија со коронавирус и власта инвестира во мерки кои треба да и помогнат да се крене на нозе економијата, во план е неделава да се распише тендер за набавка на 45 нови службени возила на лизинг кои ќе бидат наменети за премиерот, министрите, Претседателот на Собранието и Претседателот на државата како и странските дипломати.
До сега од Владата не ги коментираат критериумите, според кои, се одредува која институција има приоритет при набавка на возила.
„Ви укажуваме дека секое министерство, односно институција, поединечно одлучува и набавува возила за користење според сопствените потреби“ се вели во одговорот на Владата на нашите прашања за критериумите и приоритетите при набавка на возила.
Податоците од дата базата на Центарот за граѓански комуникации изготвена во 2018 година покажуваат дека министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност. Министерствата имаат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра.
„Загрижува фактот дека од 2645 автомобили, дури за 637, односно за секој четврти автомобил, институциите немаат или не доставуваат податок за набавната вредност.“ се вели во тогашното соопштение на Центарот за граѓански комуникации.
Според сегашниот план на Владата, наместо да се купат автомобилите тие ќе се изнајмат со оперативен лизинг во наредните три години, колку оваа преостанува од владиниот мандат. Со оперативниот лизинг, владата ќе исплати по отприлика 40 илјади евра за автомобил, кој што на крајот од третат година ќе треба да го врати во автосалон.
Од Владата убедуваат дека оперативниот лизинг е најповолното решение.
„Оперативниот лизинг, според проценките е најповолното решение, бидејќи освен за гориво нема друго буџетско трошење, истакна на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.
Но, досегашната пракса во ваквите набавки го покажува токму спротивното, затоа што изнајмувањето ќе чини колку и да се купи ново возило.
Ова ќе биде 4- ти ваков тендер за 9 години, втор на оваа влада. Според податоците од Бирото за јавни набавки до сега потрошени околу 4,6 милиони евра само за изнајмување на возила.
Од Антикорупциската комисија најавија дека ќе бараат од Секторот за општи и заеднички работи на Владата подетални информации за оправданоста на набавката.
Последната набавка на владини возила преку оперативен лизинг беше во 2018 година. Тендерот го доби компанијата Порше лизинг која за речиси 1,8 милиони евра три години изнајмуваше 45 возила Фолсваген Пасат за владините функционери.
„Службата за општи и заеднички работи на Владата, на пример, не достави податоци за вредноста на ниту едно од 113-те патнички возила кои ги поседува, меѓу кои се наоѓаат и 40-те Пасати за потребите на Владата, а според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, секој еден чини по 40.237 евра“, се вели во соопштението на Центарот за граѓански комуникации кој ја направи дата базата за возниот парк на министерствата и општините.