Достапни линкови

Проширување на истрагата за „Двојник“ до повисоките структури во МВР


Илустрација - Пасоши
Илустрација - Пасоши

За случајот „Двојник“, осудени се службеници во МВР, но истрагата ќе се проширува за да се види дали и кој од повисоката хиерархија во МВР бил вмешан. Според нив, обвинетите треба да се гонат и за фалсификување на патни исправи.

Казни до три години добија обвинетите за случајот „Двојник“ за издавањето на пасоши со лажен идентитет на 214 странски државјани, од кои и познати криминалци, но случајот нема да застане тука бидејќи надлежните институции, според најавите, ја прошируваат истрагата. Засега нема повеќе кривични дела во обвинението, а не се товарат ни други лица од повисоките раководни позиции на МВР.

Обвинети за делото злоупотреба на службена должност и овластување беа 11 лица, службеници во МВР. Казните се движат од условни до највисоката 2 години и 7 месеци, како и забрана за вршење дејност и должност од десет години. Истрагата покажа дека странските државјани се стекнале со патни исправи со идентитет на наши државјани во период од средината на јуни 2017 година до крајот на 2020 година.

Повеќе кривични дела

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека зависи од доказите, но се поставува прашањето дали кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување го апсорбира и другото кривично дело за фалсификат на јавна исправа.

„Јавни исправи се тие кои што е регулиран начинот на издавање и содржината. Тоа е поголема инкриминација отколку некоја приватна исправа. Останува прашањето дали го апсорбира едното и другото кривично дело. Јас мислам дека треба да се гони за злоупотреба на службена должност како основно кривично дело, а како друго кривично дело фалсификување на патна исправа. Лицата кои ги користат тие исто така треба да се гонат за користење на фалсификувана јавна исправа“, вели Трпеновски.

Од Јавното обвинителство за РСЕ велат дека обвинетите се товареле за злоупотреба за службена должност и овластување, бидејќи за тоа биле обезбедени докази.

„Обвинението во конкретниот предмет е засновано врз обезбедените докази за сторено кривично дело од конкретните лица. Како што веќе беше најавено, обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Па така, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за да се утврди кои лица во организационите единици на МВР за издавање пасоши, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи“, велат од јавното обвинителство.

МВР, како што наведуваат од обвинителството, е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази. Според обвинителството, по наредбата се уште се постапува.

Повисоки структури во МВР?

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека очекува да се соработува со странските служби и случајот да се расчисти до крај, затоа што никој не верува дека референтите кои ги примаат патните исправи се одговорни за оваа мега афера.

„Истрагата треба да се прошири да се расчистат сите аспекти за вклучени од повисоките структури во МВР, од политичкиот естаблишмент кој се бил вклучен, затоа што регрутацијата условно кажано на тоа на кога ќе се дадат вакви пасоши, сепак е сложена операција, не е едноставна. Мора да стои некој зад таа операција да гарантира дека нема да биде пробиена целата операција и итн“, вели Трајанов.

Трпеновски смета дека обвинителството нема да застане тука, туку ќе треба да ги гони и организаторите кои се основните носители на идејата на сторители на тешки кривични дела да им се дадат пасоши. Според него, и јавноста очекува да види кои се другите лица во хиерархијата во МВР, кои што се на повисоки функции и се вмешани во случајот.

„Мислам оти ќе мора Јавното обвинителство да се позанимава и сметам дека ќе дојде време кога ќе треба да отпочне постапка, односно истрага и против други носители на повисоки функции во МВР затоа што не може да биде извршител на вакво кривично дело кое што е доста опасно и по својата тежина и по начин на извршување некој кој што во хиерархијата е на пониско ниво. Мора да има сторител на кривичното дело кој што во хиерархијата е на повисоко ниво. Тие треба да бидат опфатени со кривично гонење ако сакаме навистина да покажеме дека во криминал не се прават исклучоци, тргајќи од нивната функционална поставеност“,смета Трпеновски.

ВМРО-ДПМНЕ случајот го нарече „Мафија" и тврди дека цела јавност знае оти а не може обични полициски службеници да фалсификуваат патни исправи. Организациониот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски изјави дека казните кои ги добиле обвинетите се всушност договор за да молчат кој е главата на октоподот во аферата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 14 април кога беше поднесено обвинение за „Двојник“ изјави дека истрагата ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.

„Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во структурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле“, рече Спасовски во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Тој нагласи дека процесот на истрагата ќе покаже како и на кој начин тие се правеле.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG