Достапни линкови

Две банди владеат со скопското подземје


Илустрација, подигнување на телата по изврешно двојно убиство во Скопје. Архивска фотографија
Илустрација, подигнување на телата по изврешно двојно убиство во Скопје. Архивска фотографија

Криминалните пресметки се борба за превласт во скопското подземје на две криминални групи, вели поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески. Тој вели едната делува на територија Сарај- Грчец, а втората Чаир и Сингелиќ и се поврзани со политички партии. Партии без коментар за таквите обвинувања.

Две испразнети рамки од автоматско оружје и испукани 90 куршуми за убиство на една цел- Камер Идризи. На ова му претходеше упад на вооружени напаѓачи кои влеатаа со фантомки и во скопски хотел. Ова не се сцени од холивудски акционен филм. Ова се реални криминални пресметки за кои поранешните инспектори велат дека се поврзани и се одвиваат меѓу двете најголеми криминални банди кои владеат со македонското подземје.

Професорот и крим техничар Кебир Азвиу вели дека начинот на кој дејствувал убиецот, како го испланирал и реализирал убиството покажува професионализам.

„Но, бројот на испукани куршуми кон жртвата покажува гнев и одмазда, ова се индикации дека организацијата стои зад овие убиства и дека со ова се пренесува порака кон ривалната криминална група. Можело и со еден до два куршума да умртви човек, но веќе 90 испукани се гласна порака“ вели Азвиу.

Дополнително со овие настани ја поврзуваат и престрелката на скопската улица „Рузвелтова“ каде што беше убиен Наим Ајети, братот на познат скопски криминалец Џелал Ајети – Џељо, кој, пак, беше изрешетан во чајџилница во Сингелиќ пред пет години.

Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека мотивите за ваквите криминални пресметките се битки за преземање на криминалните пазари со наркотици во земјава, потоа расчистување со повеќегодишни несредени односи, како и крвна одмазда.

„Во последниве четири до пет години се издефинирани две криминални групи, едната Сарај- Грчец и втората Чаир, Сингелиќ и Арачиново, кои што го делат колачот со наркотиците во градот Скопје, но меѓу тие две криминални групи постојат такви недоразбирања и такви „вратки“ кои мислам дека уште долго време полицијата нема да ги смири, односно да ги превенира затоа што таму има неколку елементи за изнуди, грабнувања“, вели Ѓурчески.

Директен линк

Според него, долгогодишното владеење на тие две криминални групи не е можно без политичка поддршка. Во подземно портофилио на двете банди се наведени убиство со умисла, убиство од небрежност, трговија со дрога и изнуда.

„Тие две криминални групи добро се поделени кој со кој простор владее, но мислам дека тие доста добро се позиционирани во сите политички партии, било да е тоа ВМРО-ДПМНЕ; СДСМ или ДУИ, кои им обезбедуваат неказнивост и политичка заштита, па оттука мислам дека борбата на полицијата е многу неефикасна, а правосудните органи имаат огромен проблем во процесирање на таквите предмети во нормална кривична постапка“, вели тој.

Во дел од медиумите на фотографијата со која ја објавија веста за за убиството на Камер Идризи покрај него е и градоначалникот на Бутел Велимир Смилевски. Смилевски во јавноста кусо одговори дека Идризи му бил пријател од детството и дека никогаш не зборувале за бизнис, а колку што знае, Идризи цел живот работел како контролор на трета смена во јавното претпријатие „Комунална Хигиена“.

Опозицијата обвинува дека порастот на убиства и криминални пресметки на наркобосови се случува во мандатот на оваа власт. Според нив во изминативе неколку години откако СДСМ е на власт Скопје стана арена за пресметки, пукање, убиства на криминални и мафијашки банди и нарко дилери. Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски вели дека Идризи, кој беше убиен во Бутел, е виден на повеќе фотографии со функционери од власта.

„Идризи е виден на повеќе слики со функционери од СДСМ, како што е Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Стево Пендаровски. Невозможно е секојдневно овие луѓе да биле во друштво на одредени криминалци. Ова е потврда дека државата ја води крими мафија“, вели Арсовски.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, кој е дел од владејачкото пратеничко мнозинство, вели дека криминалните групи отсекогаш успевале да се поврзат со партиите, особено тие што се на власт. Тие во предизборна кампања честопати се фотографираат со политичарите за да покажат дека биле присутни во изборите.

„Лидерите на партиите не водат сметка дека тоа има висока цена, се фотографираат, седнуваат во кафулиња со нив, се дружат и после тоа бандите тоа го злоупотребуваат. Бараат линкови да бидат амнестирани, да бидат привилегирани. На овој начин, кога се презентира во јавноста дека се блиски до политичкиот естаблишмент, ја блокираат работата во нејзината работа. Полицајците наместо да бидат поригорозни кон овие банди и наркобизнисмени, и не се толку експедитивни во активностите“, вели Трајанов.

Од политичките партии не одговорија на нашите прашања за коментар за обвинувањата дека се поврзани со криминални структури.

Од МВР, пак велат дека токму намалениот број на кривични дела и убиства во изминатава година е показетел за, како што тврдат, нивната неселективна битка со криминалот. Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во текот на минатата година во која имаше и полициски час поради пандемијата се евидентирани 9 убиства. Лани три убиства биле извршени со пукање од огнено оружје, четири со ладно оружје и два случаи со давење.

„Бројот на убиствата во 2020 година бележи намалување за 59% во однос на минатата година, а истовремено истите се на најниско ниво во однос на последните 15 години. Посебно значење и за одбележување е исклучително високата ефикасност која во 2020 година резултираше со расветлување на сите случени убиства, за што кривично се пријавени 16 сторители. Покрај наведеното расветлени се и две убиства од минатата година“, е наведено во последниот годишен извештај на МВР.

Во него се истакнува дека е разрешено убиството за убиниот маж пронајден до село Долно Дупени од преспанскиот крај. Но, досега нити од Обвинителството, нити од полицијата не се споделени информации со јавноста за тоа дали се откриени сторителите на двојното убиство во Чаир кое се случи на 5 март годинава кога беа убиени две лица на воздраст од 28 и 24 години. Полицијата тогаш на местото на настанот најде чаури од пиштол и автоматска пушка, и се уште нема податоци во јавноста за истрагата и за можните мотиви за убиствата. Правна разрешница нема ни за пукањето во хотелот Александар Палас, каде според полициски извори било пукано во група која била предводено од сега убиениот Камер Идризи.

Во 2019 година се евидентирани вкупно 22 убиства сторени од 21 извршители. Според податоците на Министерството за внатрешни работи во 2017 година биле извршени 27 убиства и 148 тешки телесни повреди, додека во 2018 година биле извршени 17 и 156 кривични дела за нанесени тешки телесни повреди. Освен 2020 година во која се забележани најмалку убиства се регистрирани во 2016 година – вкупно 17, а најмногу во 2010 година кога биле убиени 45 луѓе за една година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG