Достапни линкови

Ракијата сепак нема да стане медицински алкохол


Некои од македонските фирми веќе го пренасочија своето производство кон производи за кои во моментот има голема побарувачка. Дел од компаниите пак велат дека пренасочувањето на производствената дејност подразбира низа административни процедури и не може да се случи за кратко време.

Вонредната состојба по појавата и ширењето на коронавирусот, им донесе нови предизвици и на домашните фабрики и компании. Во обид да се помогне и да се надомести недостигот од некои производи, но и да е ублажат економските последици од кризата дел од нив веќе го пренасочија своето производство. Така на пример некои од прилепските компании за производство на конфекциски производи веќе започнаа со шиење заштитни маски за кој овој период има голема побарувачка.

Ирена Јакимоска е управител на една прилепска конфекција која врз основа на капацитетите,технологијата, резултатите и знаењето почна да изработува импровизирани заштитни маски, од кој дел ќе се донира, а еден дел ќе се продаваат.

„Имавме среќа што најдовме соодветен машински парк, го купивме и за брзо го донесовме во нашата компанија, човековите ресурси ни се тука и лесно ги прилагодивме. Единствено се помачивме со наоѓање на соодветен репроматеријал, од регионот од добавувач во непосредна близина со цел да одговориме на потребите кои се неопходни, а во исто време преструктираме група на работници кои ќе имаат сигурност за нивните работни места и плати во наредниот временски период“, вели Јакимовска.

Проценките се дека автоматски би се произведувале милион маски месечно, што според Јакимовска, би било сосема доволно за потребите на Македонија. Таа признава дека се уште се адаптираат на новонастанатите услови.

„Страшен притисок имаме. Се прилагодуваме, инвестираме и сме доволно храбри да инвестираме во ова време-невреме. Подоцна ќе се реконструираме. Секако дека нема да работиме со загуба, но во моментот треба да се издржи оваа состојба“, вели Јакимовска.

Конфекцијата производствениот процес на маските ќе го спроведе заедно со други компании од истата дејност, кои решиле дури и целосните капацитети да ги стават во функција на изработка на маски. Дел од фирмите ги донирале сите материјали што ги имаат на залиха, а кои требало да бидат користени за од нив да се изработуваат јоргани, перници и постелнини.

По примерот на светски познатите компании за производство на алкохол, кои своето производство веќе го пренаменија во производство и полнење на медицински алкохол или средства за дезинфекција, прашавме и наша компанија дали размислува да го направи истото. Од таму ни објаснија дека засега немаат услови за таква пренамена на производството. Тие добиваат вински дестилат со јачина од околу 60 проценти кој пак, го користат како една од суровините за производство на познат алкохол за пиење.

„И покрај нашата желба да излеземе во пресрет на она што во моментот се покажува како недостиг и за што има голема побарувачка, како што е медицинскиот алкохол, ги немаме потребните услови за таа процедура, почнувајќи од стручни лица кои ќе ни ја објаснат самата постапка, па се до административните процедури. Тоа подразбира пререгистрација на нашата дејност и нова акцизна дозвола за производство на медицински алкохол. Доколку државата преку соодветните институции се вклучи во тој процес, ние сме подготвени да излеземе во пресрет за она што во моментот најмногу се бара на пазарот“, вели Васе Митев, сопственик на една од најпознатите македонски фабрики за алкохолни и безалкохолни пијалоци.

Во овој момент во аптеките низ земјава речиси и да не може да се најде медицински алкохол, заштитни маски, а недостиг има и на средства за дезинфекција. Поголемиот дел од европските земји воведоа забрани за извоз на заштитна опрема за да избегнат недостаток на домашниот пазар, иако тоа е во спротивност со слободното движење на стоки во рамките на ЕУ. Владата стопроцентно ги укина царинските давачки за 13 медицински производи, кои се се увезуваат како потрошен медицински материјал.

Економските експерти велат дека нашите компании тешко можат да ја пренаменат својата производствена дејност, особено во период на криза и функционирање на техничка влада.

„Кај нас таквата процедура е долга, тоа подразбира бришење на една дејност, па регистрација на друга и додека се да се среди, можеби ќе помине ситуацијата со вирусот. Во вакви ситуации кога функционира техничка влада не може да се донесат важни одлуки во полза на стопанството, посебно за мали и средни претпријатија. Ни треба акциски план, законска оправданост, а тоа не е возможно во услови на распуштен парламент и техничка влада“, вели професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет.

Во меѓувреме како одговор на бизнисмените кои побараа помош од македонската влада да се ублажат економските последици од коронавирусот, владата најави сет мерки за најпогодените фирми во угостителството, туризмот и транспортот за бизнисмените и стопанските комори. Мерките пак, дел од упатените ги прогласија за недоволни. За микро, малите и средни претпријатија, Владата ќе издвои 5,7 милиони евра помош, односно ќе добијат можност за кредити од 3.000 до 30.000 евра, без камата, со грејс период од 6 месеци и отплата во рок од 2 години.

Од Сојузот на Стопански комори неколкупати соопштија дека во моментов одржувањето на ликвидноста на компаниите е реален проблем, но и како тие ќе ги исплатат редовните обврски.

Економските експерти велат дека нема економија во светот која може да остане имуна на глобалните последици од вирусот и оти клучното прашање сега е колку ќе трае. По угостителството и туризмот, може да дојдат на удар фирмите поврзани со автомобилската индустрија во земјата.

Неодамна и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека ЕУ ќе ги искористи сите инструменти кои и се на располагање за да ги поддржи стопанствата на земјите погодени со коронавирусот. Таа најави дека за таа цел ќе биде формиран специјален фонд за одговор на епидемијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG